4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Радмила Костова-Мила: Посакувам секое дете да стане свесно за својата вредност

Мојата желба е да продолжам со работилниците кои ги правев за децата, од кои секое едно си одеше среќно и со поголема самодоверба во себе. Искрено посакувам оваа книга еден ден да стане лектира и секое дете да има можност да ја прочита и да стане свесно за разликите во светот, да ги прифати и да гледа на нив како на предност, бидејќи кога сите би биле исти не би имале напредок. Посакувам секое дете да стане свесно за својата вредност и за тоа дека баш тоа е важно, многу е важно, вели авторката на „Биди среќна ѕвездичка“, Радмила Костова-Мила

Приказна Како се роди книгата „Биди среќна ѕвездичка“? Кој беше мотивот да ја напишете?

Радмила Книгата „Биди среќна ѕвездичка“ е книга која ја создадов заедно со моите две ѕвездички Виктор и Леона. Додека ја креиравме, во неа вложивме многу љубов и добра мисла. Идејата се роди спонтано односно „случајно“ како и сè во животот. Имено, секогаш кога моите деца се соочуваа со некој предизвик, јас им раскажував некоја поучна приказна и на тој начин тие самите си доаѓаа до поуката, до решението, без да бидат присилени нешто да направат. Сфатив дека кога тие сами ќе си донесат одлука, тогаш не го чувствуваа тоа како притисок или дека нешто мораат, туку дека изборот го прават сами. И на тој начин полесно го совладуваа предизвикот.

Еден ден мојот син Виктор рече – „Мамо, а зошто да не направиме една детска книга во која ќе ги напишеме приказните, па можеби и на некои други деца ќе им помогнеме така“. Јас веќе имав напишано и издадено книга за возрасни, па можеби идејата ја доби токму од таму.

Најголемиот мотив за издавање на оваа книга ми беше децата да осознаат дека секое едно е посебно на свој начин, дека секое едно дете има своја ѕвездичка, да веруваат дека заслужуваат среќа, радост и задоволство. Да научат да ги почитуваат разликите помеѓу себе и дека токму тие ги прават посебни. Кога од мали ќе знаат да ги почитуваат разликите, тогаш сметам дека би имало многу помалку несреќни деца, кои не се прифатени. Да станат свесни дека некое другарче ќе биде подобро во математика, друго можеби ќе стане врвен спортист или шахист, друго пак со својата насмевка едноставно ќе им го разубави денот, но и покрај својата различност, секое едно од нив е важно.

Приказна Ова е прв ваш обид со книга за деца. Дали имавте сугестии, бидејќи литературата за деца е различна од таа на која бевте посветени претходно?

Радмила Ова е моја прва книга за деца, но не и последна. Советници за книгата ми беа моите деца, кога ќе напишев нешто, прво им читав нив и ја чекав нивната реакција, а тие искрено ми кажуваа што е тоа што можеби не го разбираат или можеби е подобро да се напише поинаку. Секако дека многу внимавав за секој збор напишан во книгата, бидејќи децата се многу отворени и треба да се внимава што и како ќе им се презентира. Затоа и книгата изобилува со приказни, поуки и прашања кои го поттикнуваат само најдоброто во нив.

Приказна Како реагираа вашите деца на оваа книга?

Радмила На почетокот не веруваа дека нивната идеја навистина ќе стане реалност, а тоа беше и уште една потврда за нив дека една желба може да стане и реалност, доколку цврсто веруваме во неа и во себе, доколку се посветиме и сето тоа го правиме искрено и со многу љубов.

Кога книгата излезе во продажба, односно кога го добивме првиот примерок, кога првпат ја држеа во рака, беа пресреќни и задоволни од тоа како изгледаше на крај, со сите преубави илустрации во книгата и со друштвената игра која ја добиваат децата заедно со книгата.

Приказна Какви се вашите планови за следна книга, дали ќе има нова книга за деца?

Радмила Јас веќе имам напишано уште една книга за деца, којашто ја напишав додека бевме на одмор, преку ден пишував, а навечер пред спиење им читав и тоа беше едно убаво искуство, бидејќи секоја вечер беа нестрпливи да слушнат што се случило. Кога ќе почувствував дека нешто не им е јасно веднаш, го менував и го прилагодував на нивната возраст. Ете тие се моите критичари и моите советници, моите ѕвездички кои ми се водилки на патот.

Но, во животот научив да не брзам и да верувам дека сè доаѓа во право време и по вистински редослед, па научив да уживам повеќе во патот, во процесот и во креирањето отколку во крајниот резултат, така верувам дека и новата книга ќе излезе кога за тоа ќе има најдобри услови.

Приказна Дали сметате дека книгите за малите читатели треба да ги мотивираат во градење на нивната самодоверба и психолошка сила?

Радмила Секако дека книгата за деца треба да го извлече најдоброто во нив, да поттикне самодоверба, прифаќање, да им даде сила, мудрост и свесност за сите предизвици во животот. Како што напоменав претходно со книгата децата добиваат и друштвена игра во која најважно е да се забавуваат и да го сфатат животот како игра, а не како борба. Бидејќи во борба има жртви, а кога играме тогаш ја будиме креативноста, се забавуваме и на таков начин се соочуваме со предизвикот, барајќи решение кое ни создава задоволство, а во исто време ни го решава предизвикот.

Мојата желба е да продолжам со работилниците кои ги правев за децата, од кои секое едно си одеше среќно и со поголема самодоверба во себе. Искрено посакувам оваа книга еден ден да стане лектира и секое дете да има можност да ја прочита и да стане свесно за разликите во светот, да ги прифати и да гледа на нив како на предност, бидејќи кога сите би биле исти не би имале напредок.

Посакувам секое дете да стане свесно за својата вредност и за тоа дека баш тоа е важно, многу е важно …

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,817FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ