8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Психолог Фросина Ивановска: Жртвите на демнење, се чувствуваат како да губат контрола врз својот живот

Се чувствува многу вознемирено, многу уплашено. Едноставно се чувствува дека ја губи контролата врз својот живот затоа што некој друг е тој што ќе одредува каде таа ќе оди, со кого ќе се гледа и каде ќе излегува. Целосно се изолира. Голем дел од нив остануваат дома. Некои го менуваат местото на живеење, менуваат телефонски броеви. Со изразени главоболки, со многу несоници, со огромна вознемиреност и страв, што сега, дали ако излезам ќе го сретнам, дали ќе го видам, што ќе ми каже, што ќе ми направи, колку пропуштени повици ќе имам? Вака се чувствуваат жртвите кои се демнети, појаснува во интервју за Приказна, Фросина Ивановска – психолог во Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Како психички се одразува демнењето?

Фросина Ивановска – Демнењето е многу специфична форма на насилство и иако не се сфаќа сериозно, може да остави многу долготрајни и сериозни последици. Едноставно кажано, се менува целиот живот на жртвата којашто трпи демнење. Многу често се мисли дека тоа се некои непознати лица, меѓутоа моето искуство и истражувањата покажуваат дека тоа се најчесто бивши или актуелни интимни партнери коишто не го прифаќаат одбивањето или оставањето и продолжуваат да ги демнат. Тоа е спецификата што дури и да се пријавува, ако нема закана во моментот кога се случува демнењето, ретко кој ќе преземе нешто и она што се случува е жртвите, најчесто жените, комплетно да се изолираат.

Многу често се случува да добијат отказ или сами да си заминат од работното место, затоа што едно од местата каде што најчесто постојано ги набљудуваат и ги следат е работното место, понатаму тоа е домот, блиски пријатели и слично. Значи жртвата го менува целокупното функционирање, внимава каде ќе оди, има сè помалку контакти со луѓе …

Еден аспект е вината и срамот што ги чувствува, затоа што смета дека таа нешто направила зашто ова и се случува. Втор аспект е да ги заштити оние коишто ѝ се блиски така што навистина баш сериозно се одразува на секојдневното нејзино функционирање.

Како се чувствува жртвата што е демнета?

Фросина Ивановска – Се чувствува многу вознемирено, многу уплашено. Едноставно се чувствува дека ја губи контролата врз својот живот затоа што некој друг е тој што ќе одредува каде таа ќе оди, со кого ќе се гледа и каде ќе излегува. Целосно се изолира. Голем дел од нив остануваат дома. Некои го менуваат местото на живеење, менуваат телефонски броеви. Со изразени главоболки, со многу несоници, со огромна вознемиреност и страв, што сега, дали ако излезам ќе го сретнам, дали ќе го видам, што ќе ми каже, што ќе ми направи, колку пропуштени повици ќе имам?

Некои од сторителите успеваат да го најдат и новиот телефонски контакт, да вртат по блиски пријатели, да пишуваат пораки на мејл, на месинџер итн. Така што голема е вознемиреноста, за која понекогаш е потребна и медикаментозна поддршка за да може жртвата да се смири, да спие, да јаде и да ги врши секојдневните функции.

Со други зборови демнењето предизвикува трауми?

Фросина Ивановска – Во голем дел од она што ние го имаме како искуство во нашите советувалишни центри предизвикува едно трауматско доживување коешто се одразува долгорочно понатаму во текот на животот. Влијае и на довербата што понатаму ќе ја имаат кон другите луѓе и она што е специфично е дека многу тешко и ние за почеток стекнуваме доверба за да се отворат, за да почнат.

Првично се плашат да дојдат физички, затоа што ќе бидат следени, па се договараме стратешки каде ќе биде безбедно или телефонски или онлајн комуницираме и втора работа е дека не веруваат оти некој може да им помогне да го спречат и да го прекинат малтретирањето.

Без сериозна поддршка тешко, остануваат со чувството дека се сами, дека тие се виновни и дека тоа што им се случува е навистина срамно.

Постои онлајн и физичко демнење. Може ли да направиме разлика, има ли што е полошо или и двете се посебни зла?

Фросина Ивановска – Најчесто се користат сите инструменти коишто може да постојат за некому да му правите притисок со повторени повици, пораки, со следење и чекање пред домот и работното место, следење вообичаени рути, автобуски станици или превоз што ги користи жената, меѓутоа може многу понезабележително да помине тоа онлајн следење, но и тоа знае да биде доста вознемирувачко, иако најчесто се комбинираат сите можни средства за да ѝ се стави на жената до знаење дека нема спас.

Што да направиме доколку забележиме дека некој нè демне?

Фросина Ивановска – Па она што е битно е дека е добро да се пријави тоа што се случува, меѓутоа не е доволно само да се пријави во Центарот за социјална работа или во полиција, битно е да се добие таа психолошка поддршка за пред сè да сфати жената дека не е виновна и дека тоа не е срамно.

Да почне да стекнува доверба дека има некој тука за неа што ја разбира и дека може да се најде начин за да прекине таквото однесување и таа повторно да си ја врати контролата врз животот и да може нормално да функционира.

Што ги советувате жртвите за почеток?

Фросина Ивановска – За почеток битно е да стекнеме доверба, да го воспоставиме контактот затоа што понекогаш и тоа е многу тешко, од стравот да дојдат, од стравот да се сретнат, од срамот дека со нив нешто не е во ред, зошто ова им се случува ним.

Потребно е време додека да кажат што и како се случувало и како дошло до тоа и понатаму, полека да правиме план за безбедност, затоа што најбитно е да се чувствуваат безбедни и полека да видиме која е потребата и која следна институција прва да ја вклучиме. Некогаш прво во полиција, некогаш посериозна психијатриска поддршка доколку е потребна за тие несоници и за таа сериозна вознемиреност, затоа што доколку жената е во таква состојба, тешко ќе го издржи и процесот на пријавување.

Во зависност колку долго сето тоа трае, какви последици веќе оставило, правиме план што е приоритетно за неа и тргнуваме од таму.

Да претпоставиме дека се решил проблемот. Дали за цел живот останува траума или животот може да продолжи понатаму во еден нормален тек, да се заборави ова што поминало, односно целиот тој процес на демнење и секако исходот, да се победи демначот?

Фросина Ивановска – Ризикот да остане долготрајното чувство на страв, на вртење, на несигурност е голем, меѓутоа тука затоа се многу битни институциите. Дали ќе дадат поддршка и ќе дадат сигурност и уверување дека, да, ова не е прифатливо, не смее да ти се случува, ние ќе ти помогнеме да се спречи или пак ќе остане сама со чувството дека ќе се справува со нејзините стратегии и со нејзините ресурси, многу ќе влијае на чувството, дали за година, дали за две или за колку и да биде потребно, со сета поддршка којашто ќе ја добие да се врати во еден нормален тек на функционирање.

Имаме промена во Кривичниот законик. Сега демнењето и сексуалното вознемирување се кривични дела. Сметате ли дека во позитивна насока ќе се одвиваат работите во иднина?

Фросина Ивановска – Би требало, затоа што веќе е издвоено како кривично дело, бидејќи до сега беше можеби проблем за дел од институциите каде да го вклучат, дали како загрозување на сигурност, дали како психолошко насилство. Сега е точно дефинирано и можеби ќе треба едукација, можеби ќе треба неколку случаи каде што системот ќе почне да вежба, да стекнува искуство, меѓутоа секако го доживувам како позитивна промена за да може полесно да се стави крај на ова однесување.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ