26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Проф. д-р Ратко Дуев: Без високо образование, едноставно немате ни држава

Ние постојано апелираме, гледате нашите политики се насочени кон пензионерите, а од друга страна младите ни заминуваат. Затоа минатата година направивме поголемо одбележување на 17 ноември – светскиот ден на студентите. Секаде имате закон за студентски стандард кој нуди низа поволности за секаква категорија на студенти од сите социјални категории. Ние правевме истражување да видиме која е главната причина поради која младите избираат да заминат од државава. Последна причина беа финансиите. Прва и најбројна причина беа условите за живот. Младата генерација не сака да живее во бессистем држава, вели во интервју за Приказна, проф. д-р Ратко Дуев – декан на Филозофскиот факултет во Скопје.

Колку им давате поддршка на студентите?

Проф. д-р Ратко Дуев – Филозофскиот факултет не само како најстар во земјава, туку и каде што се изучуваат области кои се грижа за општеството, општествени девијации, проблеми, ранливи категории, отсекогаш ја води таа политика за подигање на општествена одговорност којашто сакаме да им ја всадиме на нашите студенти. Покрај стекнувањето знаење, да стекнат и дополнителни вештини: организација, комуникација, што ќе им помогне во животот и околу други активности кои ќе ги работат понатаму.

Главна наша мисија е кревање на општествената одговорност бидејќи во сите развиени земји високото образование е дел од оној триаголник: заедница, високо образование и држава. Без високото образование, едноставно немате ни држава. Затоа ние уште од најрана возраст се трудиме преку кадарот кој го создаваме (учители за во градинки, наставници, работници во центрите за социјални работи, специјални едукатори, психолози, педагози) на некој начин дел од нашата мисија е нашите студенти преку дополнителни активности да ги обучиме и за нешто повеќе од она што треба теоретски да го стекнат на факултетот.

Кои се активностите што ги правите за да се подобри студентскиот стандард?

Проф. д-р Ратко Дуев – Морам да кажам дека е тешко според нашите можности, иако се трудиме да ја подигнеме општествената одговорност во заедницата. Нашите студенти преку годишен план ги најавуваат своите активности, голем дел и јас како декан ги иницирам, коишто ќе бидат насочени кон развивање вештини. Така бевме организатори на филозофијада, натпревар на спорт и култура со учество на преку 1800 студенти од сите филозофски факултети во регионот. Потоа финансираме и помагаме во организација на меѓународна студентска конференција од која излегува и зборник.

Го помагаме единственото студентско списание „Внатрешен патник” кое од пред неколку години излегува и со фонд на дислексија и на Браево писмо и аудио форма наменета за студентите со попреченост. Сето тоа од нашите скромни можности. Организираме Ден на пролетта, наоѓаме спонзори за садници за да покажеме на нашето општество дека оваа земја е на сите нас т.е. заеднички дом. Ние не сме одговорни само за нашиот личен имот, туку да почнат да развиваат грижа генерално за околината и за општеството.

Документарен магазин Приказна

Ние постојано апелираме, гледате нашите политики се насочени кон пензионерите, а од друга страна младите ни заминуваат. Затоа минатата година направивме поголемо одбележување на 17 ноември – светскиот ден на студентите. Беа поканети сите релевантни фактори во државата: министерство за образование и наука, министерство за труд и социјална политика, владата на Република Северна Македонија, за да подигнеме акција тој ден да биде празник на младоста и на академската интелектуалност како што е во светски рамки. Дури и потпишавме заложба дека ќе се преземат активности за тој ден како и во другите земји да има низа поволности за студентите за славење на академската младост и слобода што значи иднина на секоја држава.

Со какви сè предизвици се среќаваат студентите и на кој начин им давате поткрепа?

Проф. д-р Ратко Дуев – Ние според можностите се трудиме да им помогнеме околу сите нивни активности. Постојат многу законски пречки кои оневозможуваат да ја користиме таа енергија и сила на студентите. Знаете, тој несреќен закон за трансформација. Студентите се дел од нашиот систем, но според законот за високо образование, за жал тој се коси со многу други закони. На пример ако треба да ангажираме невработено лице според законот за трансформација, треба да бараме согласност од финансии. Тоа се однесува и на студентите.

И покрај тоа што сме свесни за финансиските загуби кога ангажираме и помагаме студентски активности плаќаме персонален данок за студентите бидејќи тие по закон се третираат како невработени во институцијата којашто ги ангажира. Ние многу пати пишувавме дека треба да се сменат овие закони. Ќе тргнам од многу земји во регионот. Сите се грижат бидејќи овој процес на миграција и пад на наталитетот е регионален проблем, не е само наш.

Постојано апелираме со години да се изменат овие закони. Да се направи закон како во Германија каде што компаниите што ангажираат студенти се ослободени од даноци. Во Словенија ви е познат системот 3+2 каде што со приемен испит се примаат бесплатно да студираат оние кои ќе го положат испитот. Тие ги третираат нашите како домашни студенти. Постои студентски сервис кој на студентите им дава можност да работат за време на викендите и за распуст. Потоа мора да завршат и постдипломски, зашто 180 кредити не може многу да направат. Им овозможуваат сами да работат за да можат да продолжат на постдипломските студии и да го стекнат комплетното звање. Гледате колку е тоа паметно. Имате сезонска работна сила за време на студирањето, имате самофинансирање и на крај добивате кадар кој делумно ќе остане во самата земја. Исто така и во Хрватска секој факултет има центар за студентски стандард. И ако го погледнете нашиот закон за студентски стандард вие имате само студентски домови.

Во законите во регионот, на пример во Србија има студентски кредит, во Хрватска имате студентска работа каде што исто така се охрабруваат компаниите да ангажираат студенти за временска работа за да им овозможат и на оние кои не се финансиски стабилни да можат самостојно да студираат, а се талентирани да завршат високо образование. Потоа има и програми и стипендии за талентирани студенти, имате талентирани спортисти … Тоа кај нас сè уште не е направено и покрај децениските апелирања. Гледате во последно време голем дел од нашите млади избираат да студираат надвор од Македонија бидејќи ние не им нудиме такви услови. Во нашиот факултет се трудиме, но законски и нашите овластувања не ги надминуваат овие работи коишто мора да се решат на државно ниво.

Поради кои причини е заминувањето на студии во странство?

Проф. д-р Ратко Дуев – Делумно овие услови кои ги спомнав. Секаде имате закон за студентски стандард кој нуди низа поволности за секаква категорија на студенти од сите социјални категории. Ние правевме истражување да видиме која е главната причина поради која младите избираат да заминат од државава. Последна причина беа финансиите. Прва и најбројна причина беа условите за живот. Младата генерација не сака да живее во бессистем држава. Знаете кај нас ако немате пријател не може да одите на лекар или случајот со пасошите … Овие млади имаат глобален свет, ние сме дел пд глобалното образование, можат слободно да патуваат, да споредуваат.

Преку Еразмус програмата за размена на студенти тие може да посетат странски универзитет, да видат како таму се работи и како изгледа. Така што за разлика од минатото кога бевме затворени и кога немаа можност да видат како функционираат развиените земји во светот, сега е поинаку и затоа уште многу рано избираат да заминат од државата. Една од најболните точки како декан ми е секојдневното потпишување потврди дека се редовни студенти за германска агенција за вработување. Се случува да потпишам по 10 – 15 такви потврди дневно. Нашите студенти заминуваат во Германија, им се нудат многу поубави услови, финансии за она што ќе го работат. Од друга страна нивните фирми се ослободени од плаќање данок и затоа се заинтересирани за привлекување на млади интелектуалци за сезонска работа.

Во последно време потпишувам и многу мирувања, а тоа значи дека некои од нив не се ни враќаат, но сепак размислуваат дека еден ден можеби ќе ги продолжат студиите. Тоа е еден процес кој многу ме загрижува. Ние доцниме и мораме сериозно да размислиме за подобрување на студентскиот стандард бидејќи со тоа ја губиме и иднината на нашата држава.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ