12.8 C
Skopje
Thursday, February 22, 2024
spot_img

Проф. д-р Зоран Ханџински: Употребата на стероидите кај младите е штетна

Стероидите се хормони. Секоја суплементација и додаток во исхраната треба да се даде само ако постои медицинска причина за тоа, значи ако во некоја клетка има недостаток. Физиолошки, за да се зголемат мускулите, неопходно е време. Со стероидите овој процес се забрзува неприродно. Користењето стероиди носи врвни спортски резултати, но гревот се плаќа подоцна, кога се јавуваат здравствените проблеми. Македонија ќе добие самостојна анти-допинг агенција, која ќе придонесе во борба против допингот во спортот и ќе ја намали фреквенцијата на допинг супстанци и останати забранети допинг средства и методи. За ова разговараме со проф. д-р Зоран Ханџиски, специјалист по спортска медицина.

Што се стероиди?

Зоран Ханџински Стероидите се стара приказна. Тие се група на соединенија кои внатратрешно имаат заедничко хемиско јадро на холестеролот.

Во групата на стероиди влегуваат хормоните кои ги лачат нашите полови жлезди, тестисите, јајниците кај жените, групата на хормони стероиди кои ги лачи надбубрежната жлезда, па се многу битни во процесот, кои денес хемиски ги имате во разни терапии. На пример за време на ковид пандемијата, многу пациенти беа третирани со кортико стероиди. Ова значи дека дел од тие стероидни компоненти, фармацевтската индустрија веќе ги користи како лекови.

Групата на стероиди кои ги лачат половите жлезди, коишто главно се активираат во фазата на пубертет, имаат градивен елемент. Расте организмот, кај машките се формираат секундарните полови карактеристики, се зголемува мускулната маса, кај жените настануваат други промени.

Уште од минатиот век употребата на стероиди е јасна, во илегални ситуации.Ќе ви кажам пластично како функционира ендокринолошкиот невролошки систем кај човек. На пример, имате дете 15-16, 20 години. Тестисите лачат тестостерон, како тие лачат, една повисока жлезда во мозокот која се вика хипоталамус вика имам доволно тестостерон во крвта. Затоа, на една подолна жлезда ќе пратам една материја на којашто ќе и дадам наредба веќе да не се лачи тестостерон, затоа што веќе имам. Праќа една материја подоле, до хипофиза. Таа вика, ја примив информацијата, па сега праќа друга материја којашто ја контролира функцијата на тестисите и вика немој да лачиш тестостерон. И тоа е т.н. негативна повратна врска во организмот, нешто расте, нешто се качува и тоа во организмот функционира перфектно.

Да не заборавиме дека, на тестисите кога зборуваме за тестостеронот, таа жлезда погоре, кога нема да излачи, таа нема да го стимулира. Лачењето на тие материи не само што ја зголемува секрецијата на тестостеронот, туку истовремено и ја зголемува жлездата. Стероидот има анаболна улога, која подразбира зголемување на мускулна маса, зголемување на синтезата на протеини, но не само на скелетната мускулатура, делува и на миоцитите, нервниот систем. Неговата активност е лимитирана. Не можете вие бескрајно многу да додавате, па тој бескрајно да врши ефект. Кога ќе го постигне својот максимален ефект, тука е лимитот.

Кога на еден млад организам ќе му дадете од надвор тестостерон, значи не го излачил тој тестисот, туку сте го дале од надвор. Горе оската вели, јас имам тестостерон и праќа до хипоталамус, а потоа и надолу да не го стимулира тестисот затоа што има тестостерон, па тестисите пополека почнуваат да се згрчуваат.

Ако видите долгогодишни корисници на тестостерон, ќе видите комплетно други личности. Не само во телесниот туку и во психичката сфера.

Опасноста е тоа што може да дојде и до смртни последици. Ние имавме порано еден случај, едно дете на 18 години почина од земање на стероид. Според наодот стануваше збор за кардиомилиза, уништување на срцевите клетки.

На кој начин се набавуваат, кога според Кривичниот закон не се дозволени за користење?

Зоран Ханџински Стероидите ги имате како лечливи материи, а второ светот на стероидите и допингот се исти канали. Тоа е иста индустрија, исти интереси. Младите се сериозна таргет група, затоа што во тој период кога се расте, се добива социјална идентификација, се будат хормоните, има потреба за самоспознавање и дружење, обично се поистоветуваат со некои јунаци надвор.

Знаете како, за вие оддеднаш да добиете мускулна маса, за толку краток период, тоа може да се направи само со стероидите. За да добиете зголемување на мускулната маса во редовен процес, со земање на соодветна храна, требаат месеци. Многу често децата и не знаат што примаат. Затоа можеби треба и посериозна инспекциска анализа на сите тие случаи, за да видиме како ги земаат децата стероидите. Кај некои се додаваат како додатни материи. Децата се многу лесен таргет.

Во Македонија досега постоеше само Комисија за анти-допинг, која е составен дел од Агенцијата за млади и спорт. Со формирање на самостојна агенција сега ќе се испочитуваат правилата на светската анти допинг организација (WADA) и ќе се овозможи комплетна независност во работењето.

Независната анти допинг агенција ќе биде силна контрола, која ќе придонесе во борба против допингот во спортот и ќе ја намали фреквенцијата на допинг супстанци и останати забранети допинг средства и методи.

Македонија ќе добие самостојна анти-допинг агенција по примерот на останатите европски земји. Зошто е таа важна?

Зоран Ханџински Потребно е постоење на независна антидопинг организација. Јас бев иницијатор на времето кога сме дискутирале, секој суплемент што ќе влезе додаток на исхраната, да пројде низ нашата организација, па и ние да дадеме секој согласност. Знаете, голем дел од стероидите може да ги имате во материи во коишто пишува дека ги нема. Многу често производствените процеси во кои тие се прават, се прават и овие суплементи и настанува едно т.н. загадување на материите кои може да ги земате како суплементи, меѓутоа суплементите се веќе друг проблем.

Пред олимпијадата во Токио, се докажа дека најголем процент од т.н. позитивни допинг случаи, над 50% се резултат од употреба на суплементи. Суплементацијата е посебен проблем. Од медицински аспект по дефиниција, суплементи се додатоци во исхраната, од типот на разни минерали, протеини итн. за кои постои медицински верификуван податок дека недостасуваат. На пример имате некоја анемија, недостаток на железо, и ќе додадете железо. Или на пример анализата покажува дека не внесувате доволно витамин Ц, па ќе додадете суплемент. Тоа е едната причина зошто се даваат суплементи.

Втората причина зошто најчесто во спортот се даваат витамините е фактот дека тие ја зголемува работоспособноста. Тој спортист побрзо ќе трча, ќе има поголема мускулна маса, побрзо ќе се закрепне, како главен проблем.

Секако, многу е важно да се знае дека ако си позитивен на допинг, можна е казна од 2 или 4 години, или пак доживотна казна за занимавање со тој спорт. Станува збор за животни кариери. Голем број на производи и протеини кои не се на допинг списокот, сепак може да бидат загадени најчесто со стероиди и стимуланси. Постојат студии каде се смета дека секое четврто кутивче на пазарот, постои ризик да е загадено.

Единствената борба во спортот е едукацијата. Прво дали треба тој суплемент. Во врвниот спорт, главни се четири параметри: правилна селекција, правилен дренажен процес, исхрана и психологија. Ги нема суплементите. Едукацијата е многу битен елемент. Постојат обиди да се врши притисок на фармацевтските компании, тие само да ја тестираат таа серија и да стават ознаката free doping, но тие не сакаат да го прават.

Документарен магазин Приказна

Дали витаминските суплементи може да бидат опасни, особено доколку се земаат без консултација на лекар?

Зоран Ханџински Можат да бидат многу опасни, затоа и еден лекар треба да биде критичен каде влегува. Препишувањата на додатоци во исхраната станаа пракса, и тоа од нестручни лица. Самите фитнес клубови препишуваат што да земат. Ако не знаете што се случува, само гледајте го текот на парите. На крај сè е пара. Нашите деца се таргетирани како консументи.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,021FansLike
1,940FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ