25.8 C
Skopje
Thursday, June 13, 2024
spot_img

Проф. д-р Ганка Цветанова: Креаторите на државните политики, не ја препознаваат индустријата за развој на игри и покрај нејзиниот силен потенцијал

Институтот за социолошки и политичко правни истражувања (ИСППИ) при УКИМ – Скопје го претстави Првиот извештај на Британскиот совет за мапирање на индустријата за развој на игри во Северна Македонија.

Проектот е реализиран во периодот од 2021/2022 година од страна на истражувачкиот тим на ИСППИ во чиј состав беа професорките Ганка Цветанова, Марија Топузовска Латковиќ и Мирјана Борота Поповска, во соработка со Македонската асоцијација за развивање игри – МАГДА.

Станува збор за прв извештај во чии рамки е применета сеопфатна методологија согласно препораките на Британскиот совет за лоцирање на креативните индустрии во Македонија. Како резултат на истражувањето беа генерирани значајни сознанија од коишто произлегоа релевантни заклучоци и препораки како за чинителите во оваа индустријата така и за креаторите на националните политики, со цел поддршка и унапредување на индустријата за развој на игри. За пораките од извештајот, разговаравме со проф. д-р Ганка Цветанова.

Што покажуваат податоците од истражувањето?

Цветанова Во однос на формалното образование, во Македонија постојат 9 универзитети на коишто се наоѓаат 20 факултети за информатички и компјутерски науки, за визуелизација, мултимедија, графички дизајн, филмска продукција, звучен инженеринг на кои постојат наставни програми кои нудат обука и курсеви неопходни за вештините за создавање и дизајнирање на видеоигри. Но, постои само еден факултет на којшто конкретно се изучува дизајнирање на видеоигри и се изучуваат авторските права на дигиталните содржини, нешто што е исклучително значајно за оваа индустрија, со цел да го заштити својот интелектуален производ.

Во однос на неформалното образование, речиси сите ИТ центри нудат обуки и програми за развој на вештини неопходни за оваа индустрија, но она што го добивме ние како податок е исклучително интересен бидејќи испитаниците и покрај фактот што најголем број од нив се дипломирани студенти на факултетите за ИТ науки, тие своето образование и вештини ги стекнале на неформален начин, односно тие се самоуки, поточно ги стекнале по пат на онлајн курсеви, преку различни платформи и Јутјуб туторијали.

Во секој случај, тие истакнаа дека се доста задоволни од своите вештини кои ги поседуваат, но како еден голем недостаток истакнаа дека немаат познавање од т.н. меки вештини кои се неопходни кога се раководи и работи во една ваква компанија, тоа се на пример комуникациски вештини, преговарачки вештини, управување со проекти, поставување на приоритети и цели во работниот процес. Сите овие вештини се потребни за комуникација, и со потенцијалниот инвеститор и со потенцијалните клиенти.

Имаме ли државна стратегија за развивање на гејминг индустријата во Македонија и колку е таа потребна?

Цветанова Иако станува збор за индустрија со огромен потенцијал и индустрија која може да биде значајна развојна компонента во севкупната национална економија, за жал, кај нас оваа индустрија како таква не е препознаена од креаторите на државните политики и оттука отсуствува целосна државна стратегија на овој план, a истовремено поради тоа, отсуствуваат потребни и неопходни владини мерки и политики за оваа индустрија.

На пример, единствениот фонд каде што оваа индустрија може да аплицира за финансиска поддршка е државниот фонд за иновации и технолошки развој во кој за жал, поради претходно лошото искуство на чинителите во оваа индустрија, тие одбиваат да конкурираат затоа што сметаат дека носителите на одлуките на тие конкурси се недоволно компетентни и според нивните искажувања се доста политизирани. Во таа смисла би можело, државата да придонесе со формирање на еден фонд за развој и поддршка на оваа индустрија, по урнекот на филмскиот фонд кој во голема мера ја поддржува и оттука подемот на македонската кинематографија. Токму затоа сметаме дека ова мапирање коешто е за прв пат направено во Македонија со една ваква сеопфатна методологија, иницилајно мапирање кое ги идентификуваше проблемите и состојбите во индустријата, ќе придонесе за посоодветна валоризација и поголема препознатливост на оваа индустрија, индустрија со голем капацитет која може да има значајно влијание врз развојот на националната економија.

Документарен магазин Приказна

Каква е правната регулатива за оваа индустрија?

Цветанова Како најголем правен проблем, би можел да се издвои ризикот од двојното оданочување бидејќи Македонија на овој план нема потпишано договор за двојно оданочување со САД и веројатно, регулативата во однос на регулирање на даноците, значи даночни политики во смисла на олеснување на данокот и даночни стимулации. Креаторите на видеоигрите и компаниите во оваа индустрија како голем правен проблем, го посочуваат комплицираното вработување односно комплицираните процедури за вработување на странските нерезиденти во Македонија, бидејќи често пати се соочуваат со недоволен домашен кадар, па оттука мораат да ангажираат странски кадар и притоа се соочуваат со многу комплицирани правни процедури. Заради трансферот на пари, нашите дизајнери на игри, во случај кога се ангажирани од страна на странски компании, отвораат странски нерезидентни сметки.

Кои се најголемите бариери со кои е соочена оваа индустрија?

Цветанова Како примарна бариера, чинителите од оваа индустрија ги посочуваат финансиите, бидејќи станува збор за индустрија во која е потребна голема финансиска вложување во однос на опремата, кадарот, обуката на тој кадар заради што нашите компании за развој на игри не можат да бидат конкурентни на глобалниот пазар.

Следниот проблем е пристапот до глобалниот пазар, пристапот и контактите со странските и домашните инвеститори, стекнувањето на вештини неопходни за создавање и дизајнирање на игри и уште една бариера која самите дизајнери и компании би можеле да ја отстранат, која не е наметната од страна, е нивното нечленување во домашни и странски професионални и меѓународни асоцијации и здруженија за развој на видеоигри. Тоа е местото и начинот на стекнување на нови идеи, нови контакти, пристап до потенцијални инвеститори, до потенцијални клиенти.

Ване Маркоски

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,498FansLike
3,121FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ