4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Проф. д – р Ана Фрицханд: Родителите треба да градат отворен однос со децата

Она што е многу важно е родителите со децата да градат еден отворен однос. Однос во кој детето знае дека може во секој миг за што било да разговара со својот родител, да му се обрати. Не само кога ќе добие петка или кога му се случило нешто убаво. Многу повеќе кога се соочуваат со некаков предизвик или проблем, кога преживува некоја лична драма, тешко чувство. Знаат децата да се плашат дека ќе бидат искарани, дека ќе ги казни родителот, па затоа некогаш решаваат да не споделат, решаваат да молчат. Додека дојде моментот родителот да дознае, се напластиле многу емоции, таму каде што не треба и имате поголем проблем за решавање. Довербата помеѓу родителот и детето треба да се постави многу рано, вели во интервју за Приказна, проф. д – р Ана Фрицханд.

Зошто се важни емоциите кај децата?

Проф. д – р Ана Фрицханд Емоциите не дефинираат нас луѓето со самото тоа што не сме роботи. Дел од нашето битисување и тоа што не прави нас луѓе се емоциите. Кога од равенката би ги одземале, не би биле ние тоа што сме. Емоциите се важни особено за интерперсоналните релации, пријателски, професионални, партнерски. Тоа е она што ни ја дава длабочината и суштината како луѓе. Велиме динамиката на личноста лежи во мотивите и емоциите, чувствата.

Како да ги научиме деца да ги препознаваат емоциите уште од најрана возраст?

Проф. д – р Ана Фрицханд Најпрво е учењето по модел. Родителите се тие кои се најповикани уште во периодот на дете доенче, да му помогнат да научи да ги препознава емоциите и чувствата и кај себе и кај другите. Еден од начините е да се посочуваат, да се изговараат, да се именуваат. Емоциите и чувствата не се синоними. Емоциите повеќе го одразуваат биолошкото кај нас, а чувствата подложат на процесот на социјализација. Тие се посложени и во основа кога станува збор и за емоциите и за чувствата, учењето тие да се препознаат треба да почне многу рано, веќе во првата година.

Иако децата првите обрасци на разбирање на чувствата ги пројавуваат некаде околу 2 година, сепак многу е важно порано да се почне. Не само со именување, туку и нешто што ние го нарекуваме синхронија на детето и родителот. Тоа што го изразува како фацијална експресија, кај родителот, детето го пресликува, емитирајќи одредена емоција или чувство, ги синхронизираат изразите на лице. Таа синхронија е клучна алатка која во основа помага во учењето да се препознаваат емоциите и чувствата.

Секогаш треба да постои усогласеност помеѓу тоа што родителот го вербализира и како тоа звучи, и тоа што детето го гледа како фацијална експресија. Проблематично е ако звучам луто, а изгледам како да сум расположена, насмеана. Тоа моето дете ќе го стави во конфузија, да не знае што да следи. Дали да ја следи вербалната комуникација или изразот на моето лице. Многу лошо реагираат доенчињата, во смисла на вознемирена реакција, доколку лицето на родителот е безизразно, доколу не дава никаква информација за одредена емоција.

Зошто е важно да се поминат сите фази на емоционалниот развој?

Проф. д – р Ана Фрицханд Не би требало да се прескокнуваат. Најпрво, детето би требало да научи да препознава емоции или чувства кај себе и кај другите, па потоа да разбира.

Емоционалниот развој тече кон законитоста од општо кон поединечно. На почетокот од една општа состојба на возбуденост во првиот месец во животот, почнуваат да се диференцираат два кластери на емоции, пријатни и непријатни, а од нив се развиваат поединечните емоции и чувства. Околу втората година почнуваат да ги разбираат емоциите, потоа во третата и четвртата година стануваат сè подобри во тоа, па оттука и почнуваат да ги манифестираат. Тоа е предуслов да можат, на крај и да ги контролираат, менаџираат., кој е најважниот елемент на емоционалната зрелост.

Контролата на емоциите е клучен елемент на емоционалната зрелост на поединецот. Колку некој има повисока самоконтрола, толку е тој емоционално позрел како личност. Има големи индивидуални разлики кај децата, некои деца одат пред нормите, некои со нормите, некои и подоцна. Приближно, околу десеттата година, успеваат да ја подигнат таа самоконтрола на едно оптимално ниво и да бидат релативно успешни во владеењето со своето однесување и постапки. Малите деца сакаат сè и веднаш, ако треба да одложат, тоа прилично тешко оди. Верувам дека секој родител го искусил тоа макар еднаш. Тоа е нешто типично за малите деца, односно самоконтролата им е ниска. Тоа е очекувано и разбирливо. И возрасните знаат да бидат различни. Не сме сите емоционално зрели.

Проф. д – р Ана Фрицханд

Се чини дека родителите повеќе сакаат да зборуваат за убавите, пријатните емоции. Кога станува збор за непријатните емоции, како да имаат некоја бариера. Зошто родителите свесно или несвесно, ги избегнуваат овие емоции? Дали тоа може да биде проблематично во емоционалниот развој?

Проф. д – р Ана Фрицханд Традиционално гледано, оние стереотипни приоди машко си немој да плачеш, покажи цврстина, не им одело во прилог на момчињата во емоционалниот развој. Денес веќе се надминуваат тие работи за среќа и во самото воспитување на девојчињата и момчињата современите родители не ги стават во тие стереотипни улоги.

Секогаш е полесно да зборуваме за убавите работи и чувства. Потешко е да се соочиме и самите ние со некое негативно и непријатно чувство. Сите родители не реагираат на ист начин кога ќе се соочат со некој кој е вознемирен, тажен. Некои едноставно не се снаоѓаат, немаат вештини како да изреагираат во таква ситуација. Може да се случи веднаш да почнат да го тешат, а можеби тоа не му треба, може му треба да се исплаче, да биде во тишина и некој да биде покрај него да го ислуша и да му даде простор да истагува.

Плачењето некогаш има лечебна функција, олеснува кога ќе се исплачеме. Секое соочување со непријатната емоција или непријатното чувство не мора да значи наша слабост или нешто негативно. Напротив, ако се соочиме, можеме да си дадеме шанса да ја преживееме и да продолжиме понатаму. Проблем е ако пакуваме се во себе и ги наталожуваме чувствата, не ги манифестираме, за да не делуваме слаби, некомпетентни или премногу чувствителни.

Секоја неиспразнета емоција, нема да се изгуби. Таа ќе се трансформира со нешто друго. Секој од нас може да наталожува во себе до одреден степен, па тоа ќе излезе таму каде што ни е најслабата точка. За жал, некогаш може да заврши и во психосоматика. Ако не можеме сами да се соочиме со дадена ситуација, постојат многу стручни лица психолози, психијатри на кои тоа им е работа, да бидат тука, да сослушаат, да помогнат, да разберат. Не мора човек сам да се соочува со тешките моменти.

Според мене, не е добро да се потиснуваат емоциите. Но, исто така не е добро и неконтролирано да се празнат. За сè постојат рамки и начини како нешто конструктивно да се манифестира. Кога пристапуваме кон дете кое е многу луто, гневно, лошо би било да му кажеме дека не смее да се лути. Кој вели дека не смее? И ние возрасните знаеме да се налутиме, да бидеме и агресивни, гневни итн. Треба да знае дека секој може да се чувствува лошо. Секој може и има право да се налути. Ама не е во ред да предизвикува материјална штета, не смее да повредува, да нанесе болка, да загрози нечија безбедност.

Документарен магазин Приказна

Колку е важна комуникацијата во релацијата родител дете? Колку во таа насока е од корист ако зборуваме со децата отворено како со личности, а не како со деца Дали тој начин на комункација може да биде корисен за емоционалното созревање?

Проф. д – р Ана Фрицханд Отворен разговор треба да се следи до таму каде е степенот до кој детето, може да не разбере. Апсолутно треба да разговараме со нив како со личности, без оглед која им е возраста. Но, не можете со дете да комуницирате како со возрасен, затоа што едноставно некои поими не му се јасни или не знае механизми како да изговори одредена емоција или да ја опише, да ја објасни како се чувствува.

Некогаш и на возрасен му е тешко да објасни што му е и како се чувствува. Она што е многу важно е родителите со децата да градат еден отворен однос. Однос во кој детето знае дека може во секој миг за што било да разговара со својот родител, да му се обрати. Не само кога ќе добие петка или кога му се случило нешто убаво. Многу повеќе кога се соочуваат со некаков предизвик или проблем, кога преживува некоја лична драма, тешко чувство. Знаат децата да се плашат дека ќе бидат искарани, дека ќе ги казни родителот, па затоа некогаш решаваат да не споделат, решаваат да молчат. Додека дојде моментот родителот да дознае, се напластиле многу емоции, таму каде што не треба и имате поголем проблем за решавање.

Довербата помеѓу родителот и детето треба да се постави многу рано. Што и да му се случило или што и да направило, подоцна во адолесценцијата кога се бунтуваат и оддалечуваат, тоа е разбирлив и очекуван процес, не е ништо чудно. Сите адолесценти го поминуваат тоа, со тоа што кај некој е поизразено, кавгите се повидливи, а некаде оди посмирено. Треба да им се дозволи да се оддалечат.

Кои се придобивките на емоционалниот развој за децата во иднина како личности?

Проф. д – р Ана Фрицханд Сè е врзано. Секаде каде влегуваме во социјална интеракција, оние кои имаат поголема емоционална зрелост, оние кои се поемпатични како луѓе, кои имаат повисока емоционална интелигенција, кои имаат повисока емоционална контрола, можат поуспешно да си ги менаџираат емоциите. Градат повисоки интерперсонални комуникации. Во таа социјална сфера важно е емоционалниот развој да почне уште рано и да се постави на здрава основа.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,818FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ