26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Проф. Драган Даниловски: Скриените антиваксери меѓу докторите, ги збунуваат родителите за вакцинацијата

Вакцините претставуваат биолошки препарати коишто го стимулираат организмот, го учат да се бори против одредени патогени микроорганизми, било да се тоа вируси или бактерии. Се состојат најчесто од умртвени живи микроорганизми или мртви или делови од микроорганизми и во поново време технологии има кај што се користат само отпечатоци, информации за одреден микроорганизам. Добрата страна е, да речам така, и генијалноста на вакцинациите воопшто коишто претставуваат една од најквалитетните, најдобрите придобивки во современата медицина што без да предизвика болест, се учи организмот да се спротивстави на патогени икроорганизми. Што значи, од една страна, спречување на ширење на заразни болести и од друга страна, и поштеда на оној што ќе се зарази од потешки симптоми или дури и смрт, стручно сподели епидемиологот, професор Драган Даниловски за Приказна

Зошто е важно да се почитува календарот на имунизација, односно редовно дечињата да ги примаат вакцините?

Даниловски Основно е дека со редовното примање се освежува имунитетот кај поединците и со тоа тие постојано се спремни за спротивставување на одредени бактерии и вируси, а се освежува постојано т.н. колективен имунитет којшто со време опаѓа заради тоа што имунитетот и кај поединците не трае секогаш доживотно, освен кај некои вакцини. Од друга страна се раѓаат нови генерации коишто се табулараса од имунолошки аспект, така што ете токму заради тоа потребно е редовност на примањето на вакцините, за постојано да се држи на високо ниво заштитеноста на поединците и на колективот на популацијата.

Кои се најчестите ризици ако се избегнува имунизација?

Даниловски Ако не се обезбедува редовно вакцинирање или воопшто ако постои една вакцинална скепса, антиваксерство, се доведува во опасност од една страна индивидуалното здравје на поединците, на дечињата еве, сега гледаме што се случи со последниов скандал да го наречам тоа од епидемиолошка гледна точка со голема кашлица, непотребно заболуваат мали дечиња. Во Србија имавме и смртни случаи. Значи, на индивидуално ниво се зголемуваат ризиците за непотребно страдање. Од друга страна се намалува колективниот имунитет и тоа значи зголемен ризик за појава на епидемија.

Документарен магазин Приказна

А може ли да ни се случи?

Даниловски Па дефинитивно може. Нам ни се случи веќе во 2019 година, кога имавме 1 900 заболени дечиња од морбили, од мали сипаници. Имавме 4 смртни случаи. И тоа токму се должи на намалениот, многу малиот опфат со вакцинација. Некаде околу 70 насто беше, а потребни со 90 насто, за да се минимизира ризикот од појава на епидемии и јас се прашувам на чија душа се тие 4 смртни случаи сега? Очигледно нели на сите оние поборници на антиваксерските идеи.

Поради што се јавува таа скепса, дали се заведени луѓето и на кој начин како медиуми да помогнеме во едукацијата?

Даниловски Знаете, секогаш кога постои отсуство на исправни, научно фундирани информации или кога постојат недоволно информации, сите што се лаици за медицина се наоѓаат во заблуда, независно од нивото на образование и се јавува една скепса. Неодамнешно истражување на УНИЦЕФ покажа дека еден од четири родители е во дилема дали да ги вакцинира своите деца заради тоа што нема доволно информации. 30% во истото истражување велат дека има информации, но коишто се збунувачки и контрадикторни. И сега прашањето е на што се должи тоа?

Очигледно се должи, јас би го нарекол тоа, какофонија на разногласие на информации што се пласираат во разни медиуми, особено на социјалните мрежи. И според мене е отсуство на едукативни содржини во училиштата и клучен проблем е неунисоноста кај докторите во примарната здравствена заштита било да се матични доктори од општа медицина, особено кај педијатрите.

Има многу, отворено кажувам и друг пат сум рекол постојат, т.н. скриени антиваксери меѓу докторите и тие ги расколебуваат родителите. Замислите ако матичниот доктор е тој во којшто треба граѓанинот да има најмногу доверба, ако тој му всадува црв на сомнеж, тогаш кому да верува и тогаш таквите родители се склони и подложни на влијанија од разни дезинформации и теории на заговор итн.

Постои од неодамна отворена една веб-страница ezdravstvo.mk којашто е наменета за родителите и во којашто секој што е заинтересиран родител може да најде релевантни информации, ама тоа е само за родителите.

Што правиме со столбот на здравствената заштита со примарната здравствена заштита, каде што имаме всушност една внатрешна саботажа, не само на сегментот вакцинации, туку и на многу други работи. Значи, потребно е континуирана медицинска едукација и за докторите, тоа е клучно.

Дали родителот свесно или несвесно на овој начин со избегнување на имунизацијата, ќе му наштети на сопственото дете, а сигурно тоа не го сака?

Даниловски Ние сме разумни суштества во крајна линија и можеме не да учиме само од сопствените грешки, туку и од туѓи грешки. Зарем не им е доволно на оние родители што се колебаат, сè уште што се скептични околу вакцините, само да прочитаат неколку реда во медиумите, да слушнат информации во врска со епидемијата на пертусис во Србија и во Хрватска или морбили во Романија кога имаше.

Она што се вели од туѓи грешки да се едуцираат. Очигледно недостасува тој елемент на свесност кај нашето население и мислам дека за целата таа работа виновен е системот зашто она што значи континуирана едукација кај нас е кампањска, кај нас е инцидентна, тогаш кога ќе се разгори пожар, тогаш сите преземаме мерки за да го гаснеме. Меѓутоа, работава е цело време да делуваме превентивно, да не дојде воопшто до пожар, за да може такво нешто да се обезбеди потребна е стратегија.

Ние имаме стратегија за имунизација, ама пишува таму 2012-2020 година со акциски план од 2012 до 2015 за нејзина реализација. Значи, имале акциски план како да се реализира стратегијата за првите 3 години, а од 2015 навака нема. Значи талкаме со некакви обиди да преземаме нешто што не се фундира на стратегија што би требало да биде устав за вакцинациите. Јас прашувам зошто не е ажурирана таа стратегија за имунизација, извонредно е напишана.

Зошто претходно не бил акциски план направен од 2015 до 2020 година?

Даниловски И зошто наместо тоа да се направи и врз основа на тие цели и активности што во неа би биле набележани да речеме 2024-2030 или 2035, ние одиме со кампањи од типот на „Не си играјте со здравјето“ постои сега во моментов актуелно. Со финансирање од УСАИД и соработка со УНИЦЕФ. Тоа е добро и во склоп на таа кампања, не е континуирана активност, во склоп е и веб-страницата е-здравство. Тоа е ОК. Ама пак е потребна долгорочна стратегија којашто ја немаме зашто ова сето трае, ќе трае колку финансираат, неколку месеци. Пред тоа имаше еден систем за стратешко управување, менаџмент со погрешни информации и за квалитетно медиумско известување.

Целава работа со антиваксерите е повеќеслојна. Тука не може само здравството да учествува. Тука мора сите сектори во општеството да бидат вклучени, особено медиумите. Таа кампања, таа активност требаше да биде од јули 2023 до јануари 2024.

Јас се прашувам има ли извештаи, дали воопшто е спроведена таа активност? Требаше да биде формирано експертско владино тело за анализа на извештаите, формирано ли е? Така што остануваат многу, многу работи, под знак прашалник и пак ќе речам, тоа не може да бидат вакви инцидентни кампањи. Не знам какви квалитетни нека бидат и не знам какви експерти нека дојдат од страна да ги поткрепуваат. Ако тоа се сепак инцидентни активности без да се има устав во здравството, во случајов во сегментот вакцинација, а тоа е стратегијата за имунизација којашто дефинитивно мора што побрзо да биде ажурирана или нова направена, сеедно.

Дали треба да се направи некое системско решение затоа што законот за задолжително основно образование и законот за задолжителна вакцинација се побиваат еден со друг. Децата треба да се примаат во училиште. Тоа е задолжително, а од друга страна немаат уреден вакцинален картон?

Даниловски Тоа навидум изгледа дека се спротивставени тие прописи според член 46 во законот за основно образование пишува дека образованието е задолжително. Од друга страна член 46 вели дека децата задолжително при упис мора да приложат потврда дека се комплетно вакцинирани.

Не знам што е тука спорно. Од друга страна, законот за заштита на население од заразни болести недвосмислено укажува дека е обврска да бидат децата, не само децата, всушност дека постојат задолжителни вакцинации за одредени возрасти.

Една иницијатива од 2014 година што беше поднесена од група граѓани до Уставниот суд да не бидат задолжителни вакцинациите. Уставниот суд донесе одлука дека апсолутно не е противуставно да биде задолжителна вакцинацијата зашто станува збор за мерка којашто се грижи за општото здравје, за јавен интерес, јавното здравје е јавен интерес.

Според уставниот суд има повисока вредност отколку индивидуалните права, значи државата, општеството, кога живееме во колектив, во општество, заедница, државата има право да ги ограничи индивидуалните нечии права во случајов за избор на невакцинација кај родителите, тоа може да му се ускрати на родителот ако е потребно да биде заштитено општото здравје. Повисок интерес е општиот од индивидуалниот. Тоа никој од нас не го разбира. Сите запнале родителите, ама тоа е мое право. Јас што сакам ќе правам. Нема што сакаш да правиш.

Има случаи во одредени земји, им ги одземаат децата на оние родители коишто не се грижат за нив, коишто дефинитивно е очигледно дека искривено, деформирано пристапуваат во воспитувањето. И конечно Хелсиншкиот комитет за човекови права, исто така, има донесено мислење во врска со задолжителноста на вакцинациите дека дозволено е делумно ограничување на фундаменталните човекови права ако станува збор за општото здравје, а во случајов здравјето на децата е свето.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ