11.8 C
Skopje
Friday, April 19, 2024
spot_img

Професор Јадранка Георгиевска: Поставувањето дијагноза за ендометриоза честопати трае долго

Во неделата на женско здравје, разговараме за ендометриозата со професор Јадранка Георгиевска – шеф на оддел ургентна и интервентна гинекологија и претседател на Здружението за ендометриоза.

Кои се симптомите и на која возраст најчесто се јавува ендометриоза?

Професор Јадранка Георгиевска – Ендометриозата е претежно бенигно заболувања кај женската популација и најчесто се јавува во репродуктивна возраст (од 18 до 50-годишна возраст). Меѓутоа симптоми може да се јават и кај помлади девојчиња, па дури и пред да настапи прва менструација. Во овие случаи најчесто се докажува дека најголема улога има генетскиот фактор.

Многу студии покажале дека кај женската линија во некои фамилии има седум до десет пати поголема инциденца т.е. застапеност на ендометриоза во однос на останатата популација. Меѓутоа, некои најнови истражувања при правена обдукција на женски фетуси покажаа дека кај нив се најдени жаришта на ендометриоза. Тие исто така ја потврдуваат херидетарната т.е. генетска теорија за настанување на ендометриозата.

Инаку симптоми кои се јавуваат кај жените со ендометриоза се болки за време на менструален циклус, продолжени, пообилни менструални крварења, интерменстуални болки, болки во долен дел на абдомен, болки при сексуален однос, болки при мокрење и дефекација, меѓутоа и постоење на една хронична карлична болка.

Кај дел од женската популација може да биде присутна ендометриозата и без никакви симптоми. Така што случајно при некое иследување на пример заради инфертилитет т.е.неплодност кај жената при оперативен зафат да се најдат жаришта на ендометриоза и да се постави дијагноза, или при други прегледи кај жените случајно да се најдат жаришта на ендометриоза или ендометриозни цисти, во народот познати како чоколадни цисти или ендометриоми на јајници.

Како се дијагностицира ендометриозата?

Професор Јадранка Георгиевска – Честопати потребен е подолг временски период за да се постави дијагноза на ендометриоза.

Кај некои пациентки се поставува веднаш, но кај некои што немаат изразени симптоми и со инфертилитет треба да помине подолг временски период додека да се постави дијагнозата за ендометриоза.

Дијагноза се поставува врз основа на анамнеза, пред сè битни ни се податоците за симптомите кај пациентката, податоци за можниот генетски фактор во фамилијата, со гинеколошки преглед, ултразвукот е високосензитивна и специфична метода за дијагноза на ендометриозата. Може да користиме и компјутеризирана томографија, магнетна резонанца и други методи. Меѓутоа, како дефинитивна дијагностика и златен стандард во дијагностика на ендометриозата е лапароскопијата која овозможува да се визуализираат жариштата на ендометриоза, но да се земе и биопсија за хистопатолошка верификација на заболувањето. Исто така и овозможува да се класифицира и стадиумот на ендометриоза.

Постојат четири стадиуми. Првиот и вториот е лесна, а трет и четврти стадиум тешка ендометриоза.

Зошто се појавува, кои се причините?

Професор Јадранка Георгиевска – Досега етиопатогенезата на заболувањето не е јасна. За тоа зборува фактот што постојат многу теории. Од теоријата на Самсон 1921 г. за ретроградна менструација, односно дека за време на менструалниот циклус доаѓа до ретроградно поминување на менструална крв низ јајцеводите во абдоминалната шуплина со имплантација на ова ендометријално ткиво и понатаму развој на ендометриозни жаришта.

Има и генетска теорија, инфламаторна теорија, теорија метаплазија, теории за дејство на некои надворешни фактори, имунолошка теорија, затоа ендометриозата е предмет на интерес во многу научно-истражувачки центри.

Ендометриозата прави проблеми во забременување, но ако се случи бременост дали може да исчезнат симптомите или напротив да се искомплицира работата?

Професор Јадранка Георгиевска – Според податоците од литературата и од нашата клиничка пракса кај одреден процент пациентки, бидејќи во бременоста се зголемува нивото на прогестерон (хормон заштитник на бременоста) може да дојде до намалување на ендометриозните жаришта и до повлекување на симптомите на заболувањето и да продолжи во периодот на доење. Меѓутоа, кај многу пациентки по завршување на овој период се забележува повторно релапс на заболувањето т.е. обновување на симптомите.

Има податоци дека кај пациентките со ендометриоза во почетокот на бременоста има зголемен процент со ектопична бременост, неуспешна бременост, во понапреднатата бременост се забележани компликации, проблеми при породување, поголем процент на царски рез. Значи бременоста не е гаранција дека ќе дојде со излекување на заболувањето.

Дали зголемената телесна тежина може да биде еден од симптомите за ендометриоза или нема никакво правило?

Професор Јадранка Георгиевска – Обезитетот не е поврзан со ендометриозата. Меѓутоа, во масното ткиво постои конверзија на андрогените хормони од јајниците во естрогени хормони, а ендометриозата е естроген – зависно заболување. Така што може да доведе до на влошување на симптомите.

Дебелината теоретски може да се предизвика и со примена на третманот за ендометриоза. Орални контрацептиви прогестини и може да доведат до задржување течности и до зголемување на телесната тежина кај овие пациентки.

После дијагноза следува таблетарна терапија или оперативен зафат, но на кој начин сами да си помогнат да се подобри состојбата? Ендометриозата да стагнира и да не се создадат поголеми лезии? Како може да се превенира?

Професор Јадранка Георгиевска – Постојат некои препораки и протоколи кои ние ги следиме во секојдневната пракса. Кај пациентките со лесна ендометриоза (прв и втор стадиум) обично користиме комбинирани орални контрацептиви, веднаш не се препорачува оперативен третман освен ако пациентката има инфертилитет, па тогаш се препорачува чоколадна циста над четири сантиметри да се оперира, најдобро лапароскопски. Потоа советуваме стимулација на овулација и инсеминацијата ја подобрува стапката на забременување кај овие пациентки.

Кај пациентки со тешка ендометриоза (трет и четврти стадиум) третманот е оперативен и кај пациентки со инфертилитет се советува после неколку месеци да се направи ин витро фертилизација која ја подобрува стапката на забременување кај овие пациентки.

Документарен магазин Приказна

Како помошни средства кај пациентки со ендометриоза се советува и здрав начин на исхрана бидејќи во етиологијата на заболувањето е вклучен и оксидативниот стрес, се советува примена на антиоксиданти значи свежи овошје и зеленчук, се советува внесување на незаситени масни киселини кои ги има во риби.

Се препорачува умерена физичка активност да помогне за намалување на симптомите и болката, зашто вежбањето го зголемува нивото на ендорфините кои ја намалуваат болката кај пациентки со ендометриоза.

Даваме совети да применат топли облоги на абдомен кога имаат болки, освен аналгетици, нестероидни антиинфламаторни препарати … Овие дополнителни совети можат да помогнат за подобрување на состојбата. Уште се истражува и сè уште нема идеална метода за лекување на пациентките.

Наташа Јанкулоска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,279FansLike
2,913FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ