16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Професор Софија Арнаудува: родителите ја имаат клучната улога за безбедноста на децата во дигиталниот простор

Проф. д-р Софија Георгиевска од Филозофскиот факултет во Скопје, која е и лиценциран психолог и семеен советник, и доц. д-р Фросина Денкова-Зафировска, лиценциран психолог и семеен советник, изготвија водич за Сајбер булинг, со цел да помогнат, јавноста да се информира и да ги препознае знаците на сајбер силеџиство. Водичот го искористивме како повод, поради кој разговаравме со проф. д-р Софија Георгиевска за оваа мошне актуелна тема, која поради паднемијата и наставата која се одвива онлајн, добива се’ позначаен простор во нашето секојдневие.

Што точно терминолошки опфаќа поимот „електронско насилство“?


Арнаудува
 Јас долго време работам на целиот концепт на насилство, меѓутоа со зголемување на присутноста на интернет, посебно во овој период на пандемијата, се зголемува и „сајбер силеџиството“. Ако се запрашаме што подразбираме под електронско насилство, тука имаме голем број на одговори којшто ни доаѓаат како бура на идеи, меѓутоа првото нешто што го карактеризира овој вид на насилство е етикетирање на социјалните медиуми, потоа злоупотреба на фотографии, злоупотреба на кориснички мејл адреси, омаловажување на лицата, споделување на фотографии којшто ние сме ги споделиле со некого… Ова е навидум, една првична категоризација на „сајбер“ насилство.

Многумина овие работи не ги препознаваат како електронско насилство, а токму објавувањето на податоците, може да биде влез во таков вид на насилство и директно и индиректно. Сега и наставата се одвива онлајн, па овој момент е малку поизразен. Има и истражувања кои укажуваат дека дел од учениците, свесно и несвесно, стануваат дел од вакво насилство. Како родителите да препознаат дека нивното дете станало дел од ваков чин?

Арнаудува Родителите ја имаат клучната улога. Но, не само родителите, туку и останатите фактори на социјализација, како што се и наставниците, меѓутоа родителите се тие, барем по дефиниција, кои најмногу време поминуваат со своите деца и тие се првите кои треба да ги забележат промените кои настанале и кај детето жртва и кај детето насилник.

За ова прашање јас ќе почнам обратно, односно прво од детето коешто го врши насилството. Како родителите да го забележат тоа? Многу често децата коишто вршат електронско насилство, не се ни свесни дека тоа е насилство, па затоа тука треба повеќе внимание да се обрне во наставните содржини да се вметнат вакви предметни програми коишто ќе говорат за тоа дека уште од мали нозе ние треба да бидеме свесни што е насилство, а што не.

Мора да го имаме предвид и фактот дека детето кое е жртва на насилство, многу често станува насилник. Таков е и случајот и со сајбер насилството. Практично оние деца на кои не секогаш им се задоволени потребите дома, почнувајќи од потребата за важност, којашто треба родителот да му ја даде, со валоризирање на неговите успеси на пример, токму тоа се децата кои посегнуваат по насилство, користејќи го омаловажувањето на другиот како издувен вентил.

Во психологијата познато е дека она дете коешто врши насилство врз друг, практично ја зголемува својата моќ, односно балансот на моќ е една од карактеристиките на насилството и во тој момент сакајќи да омаловажи некое друго дете, кај него расте самодовербата, меѓутоа тоа е многу кратко, бидејќи на долги патеки, повторно станува збор за дете коешто има потреба и од љубов, поддршка, но и од работа со него. Затоа родителите се први кои треба да ги забележат овие промени кај децата, а од друга страна оние деца кои се жртви на електронско насилство, се повлекуваат во себе, многу често избегнуваат социјални контакти.

Добро да се знае дека кај останатите видови насилство, после неговото извршување, детето жртва чувствува страв и депресија. Кај електронското насилство, детето чувствува тага и осаменост и многу често овие деца се повлекуваат во себе, тоа влијае на нивниот успех во училиште, се намалува и самодовербата и помалку учествуваат во сите други активности. Значи имаме ментални, физички и емоционални знаци кои детето ги покажува, а родителот треба да ги препознае.

Благодарение на дигиталните алатки имаме многу рол-модели коишто имаат влијание. Колку тие рол-модели треба да се искористат одговорно како добри примери, односно да се научи и потенцира дека насилството, во кој било облик или форма е насилство и како такво не треба да се практикува? Колку тие пораки се значајни?


Арнаудува
 Учењето преку рол-модел е едно од најважните начини преку кои децата учат. Децата учат преку примери, односно учат од она што го гледаат. Тука се поставува прашањето: Што е важно и што родителите тука треба да знаат?

Важно е, особено во време кога наставата се одвива онлајн, а родителот нема контрола над е што детето прави на интернет, да се најде начин сепак да ја воспостави таа контрола, на пример, компјутерот да го стави во дневната соба или да му ги ограничи содржините што ќе ги гледа. Ние можеме да имаме многу позитивни модели. Имаме и прирачници од кои детето може само да се едуцира, но не само детето, туку со помош и на родителите.

Убаво е родителите да посветат малку повеќе време на детето и сите тие активности кои детето ги прави на интернет, да ги прават заедно и не само на социјалните медиуми, туку и на разни едукативни портали. Важно е детето да не биде оставено само на себе. Се случува родителот да работи 8 часа од дома, детето да учи 5 часа, исто така од дома и едноставно почнуваат да стануваат цимери, а не родител и дете. Во целиот овој процес родителската улога е многу важна. Тој принцип на позитивно родителство и пораките кои родителот им ги праќа на децата се многу важни за да детето чувствува доза на сигурност дека навистина може да се обрати кај своите родители.

Ние имаме примери на деца, кои и откако ќе добијат порака, не знаат да ја толкуваат како насилство и поради мала самодоверба се плашат да пријават и кај своите родители. Знаете дека ние и многу често имаме родители или наставници кои ќе му речат „сам си го бараше“.

Што е тоа што треба да го направи родителот? Да знае кои му се социјалните контакти на своето дете. Да го советува да не брише пораки, бидејќи тие утре може да послужат за каков било доказ и дека каква порака и да добие од некој кој е непознат, да ја сподели со него. Таа доза на искреност на релација дете – родител ќе биде доволно, за да родителот секогаш послужи како еден столб во семејството на кое детето може да му се обрати секогаш кога ќе се почувствува загрозено.

Колку време треба да помине за да детето жртва на електронско насилство, го поврати оној степен на самодоверба којшто го имал пред насилството и како тука треба да постават родителите, училиштето или институции кои може да помогнат во овој процес?


Арнаудува Ако велиме дека постои одреден временски период за којшто можеме да кажеме дека неколку пати нешто треба да се случи за да кажеме дека детето е жртва на насилство, тука ја имаме и онаа обратна страна од „паричката“, односно некое дете и од едно повишување на тон или жигосување, може да трпи многу поголеми последици, за разлика од друго дете кај кое тоа треба да се случи повеќе пати, за да се јават последици. Сето тоа зависи колку е детето резилиентно и колку поддршка има во семејството. Токму поради тоа јас сум среќна што имаме добри педагошко-психолошки служби, па децата знаат дека можат да се обратат кај нив и добро е секогаш да бидат подготвени да ги споделуваат работите.

Самата изложеност на насилство е поврзана со стресот и оние деца кои ќе знаат соодветно да го менаџираат стресот, ќе знаат и соодветно да реагираат во такви ситуации, меѓутоа повторно тука е многу важна улогата и на родителите и на наставниците, бидејќи тие се оние кои ги учат децата да споделуваат емоции, да знаат како да ги менаџираат сите проблеми, односно како да управуваат со конфликтите и со стресните настани. Затоа постојат и одредени техники кои треба да ги применуваат и наставниците и родителите за да можат да влијаат во подобрување на самодовербата на децата. Во овој процес е многу важно родителот да постави правила кои ќе се однесуваат на дисциплина, но важно е и да има разбирање помеѓу родителот и детето.

Дали почесто пристапуваат родители или децата се тие кои реагираат први ако се жртви?

Арнаудува Децата се оние кои први го признаваат тоа. Родителите или се срамат или не се свесни за тоа. Можеби сакаат да поминат преку тоа, како да е нешто нормално, меѓутоа не е нормално едно дете секојдневно да биде жртва на потсмев на социјалните медиуми. Тоа носи многу штетни последици и за жал тие деца кои нема да успеат да го канализираат тоа насилство, се случува во подоцнежните години да пројават насилно однесување.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ