22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

Промовирано капиталното дело „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли

Во рамките на фестивалот „ArtArea“ во кафе-книжарницата „Буква“, промовиранао е капиталното дело „Стрип – деветтата уметност“ од Томислав Османли, во издание на „Бегемот“.

„Стрип – деветтата уметност“ е труд од капитално значење како за домашната, така и за стрип културата воопшто; книга што, покрај разгледи за естетиката и за медиумските функции на стрипот, ја содржи речиси деветдецениската авторска хроника на македонскиот стрип, претставена низ четирите заокружени и петтата, штотуку навестена етапа на неговиот историски развој. Таа историска хроника – започната во двете претходни изданија на 20 страници – во новата книга Томислав Османли ја осветлува на 100 страници, низ детелизирани стручни и креативни биографии на генерации од многубројни стрип творци (илустратори, сценаристи, публицисти) кои создавале порано, како и оние бројни автори кои денес создаваат стрип творби. Првото издание се појави под насловот „Стрип – запис со човечки лик“ во 1987.

Поговорот за книгата насловен „Импресивна студија за уметноста на стрипот“ го напиша стрип авторот, истражувач и историчар на стрипот, Александар Стеванов, автор на неколку книги за стрипот, на наградени стрип сценарија и на бројни објави посветени на македонскиот стрип. На корицата од новата книга објавен е следниот фрагмент од неговиот текст:

„Во ‘Стрип – деветтата уметност’, како што загатнува насловот, Османли хируршки прецизно ја обработува стриповската полисемичност, внимателно анализирајќи го неговиот јазик и законитостите што го прават стрипот засебна уметност, и темелно истражува низ неговото минато доловувајќи дел од најбитните дела од деветтата уметност. Наспроти општото непрецизно мнение за стрипот како ништо повеќе од жанровска определба, засилено од холивудскиот тренд за филмување американски стриповски суперхерои, Османли одговара со пробивање на жанровските и тематски стеги и оди отаде стилските лимитации. И, водејќи се од мислата на стрип класикот Берн Хогарт за тоа дека „стрипот не треба да се бори да стане уметност, зашто тој веќе е тоа, но треба да се бори за неговото рамноправно место меѓу другите уметности“, Османли ѝ пристапува на оваа уметност како на (вистинска) уметност – академски, со сериозна посветеност и задлабочено.

Студијата „Стрип – деветтата уметност“ со поднаслов „Запис со човечки лик/Антропоморфизмот на стрипот“ има седум, колку теоретски задлабочени, толку и вонредно информативни поглавја, проследени со голем број прилози: илустрации, фрагменти и стрип-табли од домашни и од светски, помалку или многу познати, стрип творби; факти и податоци; детална листа на стрип изложби и настани, како и комплетна листа на објави од и за наши автори во доменот на деветтата уметност …

Томислав Османли со години дава значаен придонес за развој на стрип културата кај нас, но и во поширокиот регион.

Претходно Томислав Османли за овој труд, доби две високи признанија: државната награда „Мито Хаџи-Василев Јасмин“ во 2004, како и „Признание ’Љупчо Филипов’ “ на Стрип центарот на Македонија, за особени заслуги во афирмацијата на стрип културата и уметноста во Република Македонија“, во 2009 година.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ