8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Приказната за штипската Шехерезад: Две години закована на кревет, во живот со пелени….

Пред крајот на минатата година, запознав едно семејство. По потекло од Штип. Ова семејство и покрај сите порази и препреки, веруваат во доброто, во насмевката, во хуманоста на народот и во Господ. Со таа верба не викнаа во нивниот импровизиран дом, каде закована за постела Шехерзад Џелил и очаен до болка не пречекаа Рустем Џелил, за да го стават своето „Срце на дланка“.

Рустем и Шехерзад чувствувале голема љубов. Заедно се дваесет и пет години. Живееле нормален и среќен живот, тогаш Шехерзад била здрава и работно-способна, а Рустем помоќен, финансиски и здравствено. Можеби не многу успешно, но сепак среќни и задоволни живееле до пред неколку години. Но, еден ден Шехерзад легнува во постела, а моќта на Рустем ослабнува. Тие не можејќи ни да се прехранат, уште помалку да платат кирија, наоѓаат чаре во една напуштена канцеларија, да минат еден мрачен дел од животот.

Рустем има педесет и девет години, работи приватно, колку да преживеат. Најчесто се без пари, па се принудени да се запишуваат во најблиската продавница, за да не гладуваат со денови. Тој станува рано, во 4 часот да подготви храна за сопругата, а во остатокот од денот да се надева дека некој ќе го викне да поработи, за да може да го купи наредниот ден.

– Живееме во оваа соба. Работам ако ме викнат, колку да преживееме и најчесто сме без храна. Се снаоѓам, се задолжувам во селската продавница, колку да и донесам на сопругата една корка леб. Се случува и со денови да не ставам залче во уста. Сме гладувале и по пет дена. Но, најмногу ме боли душата за Шехерзад. Камо среќа таа да беше здрава. Ќе можев повеќе да работам. Вака јас работам, а ја мислам неа дома дали е жива и дали дише. Па, ќе се јавам на комшијата да ја види дали е добро за да продолжам да работам.

Ова семејство не било секогаш во ваква состојба. Претходно работеле во странство, некогаш имале фирма за водоводни услуги. Но, откако бизнисот застанал, Рустем нема илјада и осумстотини денари за да ја згасне фирмата и да се пријави за социјална помош. Животот им е претежок. Условите во некогашните канцеларии кои се сега нивен дом, се катастрофални. Немаат ни бања. Рустем се бања неколку пати годишно во бања, а Шехерзад се пребришува со марамчиња.

Од љубовта меѓу Шехерзад и Рустем се раѓа Емре, нивната гордост. За жал, детето потпаѓа под лошо влијание на другарите. Денес тој отслужува казна во малолетнички дом, а Шехерзад тагува бидејќи не може да го види, сега кога и е најтешко.

– Го растевме како крал, но, тргна по лош пат. Сега многу му е жал и плаче, ама нема назад. Жал му е што ме остави ваква во постела. Кога го пуштаат за викенд, спие до мене тука свиткан. Му викам немој, бегај од креветот, ова ми е спална и тоалет, мириса. Ама тој не сака ни минута, да биде далеку од мене. Се кае за сè што сторил, веројатно со оваа лекција ќе се опамети. Уште таа грижа со него ми требаше -плачејќи раскажува Шехерзад, потсетувајќи се за синот Емре.

Две години немам станато од овој кревет. Живеам со пелени. Многу ми е тешко, а толку сум била чиста и педантна. На кое дереџе дојдов, не можам да поверувам. Не сум способна ниту да се пресоблечам. Ми помага сопругот. Немаме никаков приход. Земавме неколку месеци за туѓа нега околу четири илјади денари, ама и тие ги прекинаа-додава таа.

Рустем има една желба, сопругата да застане на нозе и да оздрави. Тој не знае како ќе ја поминат зимата, вратата не може да ја поправи. Имаат едно грејно тело, кое едвај ја затоплува распуканата соба. Сакам таа да биде среќна, нагласува Рустем.

– Само за неа станувам во четири часот, да и подготвам појадок и ручек. Потоа се молам да ме викне некој да заработам некоја дневница. Кога ќе се вратам попладнето, се плашам да влезам, ѕиркам од прозорецот да видам дали мрда сопругата. Таа не знае. Имаше и мозочен удар. Неподвижна е. Сè потешка и е ситуацијата. Се нервирам. На педесет и девет години, знам дека не можам да најдам стабилна работа. Но, ми треба рака за спас. Зашто којзнае до кога ќе може да останеме тука. Потоа сме на улица. Немам пари за кирија. Немаме денар помош од државата. Да имам триесет евра да ја згаснам фирмата што некогаш ја водев, ќе поднесам за документи за социјална помош. Но, ако ја дадам дневницата за тоа, ќе немам за лекови за сопругата и за леб макар за неа. Еве немам илјада денари, за да ја поправам вратата. Дува низ неа и бадијала топлиме. Немаме греалка. Како ќе ја поминеме зимата не знам. Јас спијам на земја како куче, само да ѝ се најдам навечер да не ја боли нешто или да ја свртам на друга страна-со тажна боја во гласот која моли за помош раскажува Рустем.

Колку што Шехерзад е вознемирена и нервозна од болеста, толку тешкиот живот овој човек го направиле силен и отпорен кон проблемите. Но, како и секој човек силно посакува поддршка и рака за спас, само да може да помогне на сопругата, а потоа и себеси.

Животот на ова семејство имаше лош развој. Но, тие се спремни за нови одлуки. Веруваат дека сега ќе биде поразлично. Ако нешто научија од старата година, тоа е како да преживеат. Имаат искуство како да се борат со тешките денови, а нив сигурно ќе ги има во новата година.

Сите кои сакате да помогнете на ова семејство, тоа можете да го направите на следната трансакциска сметка 320500030364473 или на телефонскиот број 076/600243

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ