8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Потресно сведоштво на една мајка: синот ме разочара, наместо да ме чува, сака да умрам за да ми го земе домот

Десанка Стојковска во 60-тите години од минатиот век со сопругот дошла во Скопје, и со своите десет прсти од нула почнала да гради дом. Тула по тула. Греда по греда. И во блажена состојба и со бебе во пелени, таа не се откажувала од својот сон – „Да создаде простор каде среќно ќе ги расте своите деца…  Немирите во семејството ќе започнат последните години, кога само поради имотот, таа наместо да добива љубов од фамилијата,  добива само навреди и закани по животот. Десанка, денес е сама и скршена, и посакува да си го отвори срцето зашто знае дека постојат и други со ваква судбина, кои се срамат да кажат дека родиле деца.

Десанка потекнува од село Ропотово. Во 1961 година со сопругот дошла во Скопје за подобар живот. Со него граделе дом за себе и семејството. Не било лесно ниту во тоа време, но, надежта дека за потомството ќе обезбедат кров над глава и сигурност, била нејзината ѕвезда водилка. Никогаш не ни претпоставувајќи дека за тој дом, некогаш токму потомството ќе и забие нож во грбот.

-Во 1961 дојдовме во Скопје со цел да создадеме дом и семејство. Со нижење тутун, греда по греда правевме куќа. Една, па, уште една. Да остане за децата. Бев и под кирија, додека се правеа куќите. Спиев на даски, а под мене газдите чуваа свињи. Ама, издржав. Но, никој не ми кажа дека сега, на  старост, за тие за кои најмногу се борев и жртвував, тоа нема да вреди. Нема да го ценат-започнува со солзи да ја раскажува Десанка својата тажна приказна за „Срце на дланка“.

За животот додека бил жив сопругот, Десанка и не ни раскажа многу. Од она што го стекнавме како чувство, солиден брак, почит еден кон друг. На 13.октомври пред педесетина години го раѓа синот и нејзината најголема надеж, а пред десет години сериозна болест ќе го заврши животот на сопругот, токму на роденденот на синот.  Оттогаш и почнуваат проблемите на оваа жена, која вели дека е сама и не смее со никој ниту да се види, ниту да поразговара затоа што и е забрането, а најмногу ја повредува фактот што дури и внуците што ги израснала и одгледала, денес на улица ја вртат главата и не и зборуваат.

-Додека беше жив сопругот некако имав живот. Пред десетина години, кога тој почина, работите почнаа да излегуваат од контрола. Синот и снаата на кои им направив куќа, сакаат побрзо да умрам за да продадат се’. Ја посакуваат мојата смрт. Дури и внуците кои ги израснав, ако ме видат надвор на улица ја вртат главата и не сакаат да ми зборуваат -вели Десанка.

Тежината на срцето, направила Десанка да не верува веќе во никој. Кога сопствен син ја предал мајка си ќе рече таа, што останува со пријателите, кои се пријатели само додека имаа корист и потреба од тебе.  Наследената минимална пензија од 10.000 денари на оваа жена не и стасува за ништо освен да плати сметки, и одвреме навреме да касне некое залче.

-Додека беше жив сопругот имавме и пријатели. Доаѓаа за јадење, пиење, а сега нема никој. Ни да прашаат како сум. Со право. Еден пријател на сопругот, Ѓоко, ми вели, зашто јас да ти молерисувам при толкав син и внуци. И, во право е. Како да им објаснам каква ми е ситуацијата. Ја наследив минималната пензија од сопругот. Живеам со 10.000 денари. Да не е ќерка ми, ќе умрам за глад. Таа доаѓа барем еднаш неделно ми носи храна. Пред некој ден паднав, не можев со часови да станам. Плачев додека не заспав на подот. Потоа, некако собрав сили и едвај станав лазејќи -додава оваа кутра жена.

Денес, оваа жена е многу тажна и осамена. Можеби не толку зашто другарува само со телевизорот за да не се помести од паметот, како што вели таа, туку зашто на пет чекори од неа е нејзината некогашна надеж, а, тој и возвраќа со презир и омраза, и желба да ја види својата мајка мртва, само за да ја наследи куќата и имотот. Презирот е отиден до таа мера што тој како што вели Десанка, неколку пати дури и кренал рака на неа.

-Многу ме навредил син ми, многу. Дури знае и да дигне рака на мене. Се срамам дури да го наречам син. Го викам „човекот што сум го родила“-со солзи   во очите рааскажува Десанка.

На прашањето што би му порачала на синот, таа вели, дека нема што да му порача, само сака да им даде подршка на сите кои се во ваква слична ситуација.

На оваа жена поради нарушените семејни односи, куќата и е пред распаѓање. Па, затоа замоли ако може некој барем минимално да и помогне дека ќе биде добредојдена секоја помош, за да не се распаднат ѕидовите врз неа.

Телефон за контакт 076/737 573 и сметка за донации за Десанка Стојковска 210501654019023

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ