8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Потресна семејна битка: другарчињата ми велат да одам во дом, моите не ме чувале убаво

Маријана Димова ја прати лоша судбина. Од мала, на 11 години останува без татко, исмејувана и бркана од дома од најблиските. Спиела каде ќе се снајде. Две години подоцна и бил дијагностициран тумор на мозокот и била оперирана. Немала пари за да заврши средно образование. Гладна со денови, единственото што ја одржувало била надежта за подобар живот.

– Останав сирак без татко на единаесет години. Тетка ми не избрка од куќата. Со мама и сестра ми Тања, спиевме по улици. Ретко имавме пари за да платиме кирија. Сè додека еден ден сестра ми не влезе насилно во нашата куќа и оттогаш не дозволивме никој да не избрка. Но, проблемите и тешкото детство предизвикаа сериозна болест кај мене, па на мои тринаесет години јас со силни главоболки, во тешка агонија зборувајќи си сама со себе, бев оперирана од тумор на мозокот. Едвај останав жива. Господ ме остави само за да се мачам-плачејќи се присеќава Маријана на своето тешко детство.

Надежта за подобар живот Маријана ја гледа во бракот, па уште не полнолетна таа од Битола, се сели во Сенокос, Прилеп, каде се мажи и раѓа четири деца: Александар, Лиле, Максимилијан и Антонио. Четири зеници во нејзините очи. Четири причини да не се откаже и да продолжи да се бори. Иако во многу наврати, животот ќе и потврди дека таа борба не е воопшто лесна.

– Мислев дека ќе ми биде полесно ако излезам од куќата на мајка ми и се преселам. Затоа, спас побарав во бракот. Не ни помислив дека влегувам во нов вртеж од проблеми. Само што сега морам да мислам на уште четири други усти. Четири невини души. Фала му на Господ ми даде деца, но, сега се мачам, немам можност да им обезбедам нормален живот-вели Маријана.

Тежок е денес животот на оваа млада мајка. Ја болат солзите на децата, а за да не ги видат нејзините, таа умешно се крие надвор за да се исплаче. Живеат со 1.000 денари месечно. Тоа е дополнителна нервоза и за сопругот, кој иако болен оди и собира железо, шишиња, печурки, … што било само да се донесе некој денар за да јадат децата.

– Додека работевме со сопругот, некако имаше живот. Зедов кредит за да сменив врати, зашто беа многу стари. Куќава е на дедо на сопругот. Може и оттука, еден ден да не избркаат. Тој има сериозни проблеми со срцето, и еден ден на работа му се слоши. Има два стента. Мене ми јавија и јас морав да земам боледување, па набрзо ме избркаа од работа. Сега не работи ниту тој, не работам ниту јас. Немам никаков приход. Живееме само со 1.000 денари што остануваат од трето дете. Сопругот е нервозен. Излегува собира железо, шишиња, печурки. Било што, само да земеме храна за децата. Бидејќи земам пари за трето дете, не ми следува социјално. Има денови кога немам што да им поставам на масата да јадат. Ако кокошката не снесе некое јајце, осудени се да јадат само сув леб. Некогаш ни тоа. Ми бараат храна, гладни се. Во училиште им се потсмеваат зашто одат во стара, донирана облека и немаат што да ја јадат на одморите-додава оваа тажна мајка.

– Мене другарчињата ми велат да одам во дом. Зашто моите не ме чувале убаво – вели малата Лиле.

Истите зборови ги кажаа и нејзините братчиња, кои низ солзи ги покажаа своите скинати патики, а не ја заборавија и желбата да имаат телефони како сите деца и еднаш во животот барем да дувнат роденденска свеќичка. Затоа, најголема желба на оваа млада мајка е да може да најде работа, за да има како да им овозможи поубав живот на најмилите.

Доколку сакате да помогнете на ова семејство тоа можете да го направите на следниот телефонски број 078/766563 или на жиро сметката 240287107700235.

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ