8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Пановска – Ставридис: Со многу мала „жртва“, може да спасите нечиј живот

Мене ми е многу жал што кај нас не е доволно објаснета оваа тема и имаме многу потенцијални регисгтри, бидејќи тие луѓе со многу мала жртва од неколку дена, некому значат живот. Потенцијалниот донор за неколку дена се враќа на работа, горд, затоа што знае дека некому спасил живот, вели во интервјуто за „Приказна“, д-р Ирина Пановска – Ставридис – директорка на Универзитетската Клиника за Хематологија.


Приказна: Да појасниме што е коскена срцевина?
Пановска – Ставридис Тоа е орган во човековото тело, тоа е едно сунѓересто ткиво коешто се наоѓа во средината на коските, па затоа јас велам тоа е фабриката во нашето тело каде се произведуваат клетките од крвта. Ние знаеме дека кога ќе заврши растењето, нашите клетки престануваат да се обновуваат и да растат, меѓутоа во коскената срцевина се сместени матични крвни клетки и тие се посебно надарени клетки кои во текот на целиот живот имаат способност најпрво сами себе да се обновуваат, а исто така и од нив да се развиваат различните типови на клетки коишто ги среќаваме секојдневно во крвта. Тоа се електроцитите, леукоцитите и тромбоцитите.
Приказна: Што значи трансплантацијата, кога се препорачува и зошто е важна?
Пановска – Ставридис Порано се користеше терминот трансплантација на коскена срж, сега велиме трансплантација на матични крвни клетки. Тоа претставува најсофистицирана метода во современата медицина, кога без хуруршки зафат, трансплантираме орган, односно заболените матични крвни клетки ги заменуваме со здрави крвни клетки. Има различни болести кои ги лекуваме со интензивна хемотерапија којашто ги оштетува матичните крвни клетки. Исто така има и огромна група на болести, чијашто инциденца во светски рамки е сè повисока, значи се повеќе ги има и тие малигни заболувања започнуваат во матичните крвни клетки. Единствен начин да се излекуваат е преку трансплантација на матични крвни клетки.
Приказна: Како да знаеме кој ни е сроден во поглед на материјалот што може да го искористиме како дел од трансплантацијата?
Пановска – Ставридис Секоја клетка на својата површина има одредени протеини и тие протеини велиме дека се печат на секој човек. Постојат такви 17.000 протеини и тие протеини на нашите клетки се појавуваат во 20.000.000 комбинации. Добро е што тие особини ние ги наследуваме од нашите родители, па најчесто дарител може да биде некој од нашите роднини, односно браќата и сестрите, бидејќи родителите само 50% се совпаѓаат со децата.
Приказна: Дали сè уште се чува папочната врвца или крвта од папочната врвца, заради матичните клетки?
Пановска – Ставридис За жал се помал е трендот од користење на крв и на крвни клетки од папочната врвца во процедурите на трансплантација. Прво затоа што е многу мала количината на клетки, па треба да се комбинираат. Второ, денес се повеќе трендот на трансплантации се овие полуидентични трансплантации, односно се трансплантираат деца од мајки или од татковци и заради тоа во светскиот регистар на коскена срцевина има околу 35 центри, земји од светот, каде сè уште се чува крв од папочна врвца. Трендот е сепак се помал, бидејќи тоа не е клуч, дека детето ќе биде излекувано.
Приказна Која е процедурата за дарување?
Пановска – Ставридис Во Македонија во 2010 година е основан регистарот на доброволни дарители. Постојат одреден број на членови, во моментов мислам дека таа бројка за жал е околу 5.000, коишто имаат дадено една епрувета крв и врз основа на тоа на тие луѓе им е земен нивниот „печат“, тоа за што зборувавме предмалку. Тој е вметнат во посебен компјутерски софтвер во којшто стои листа на луѓето коишто од Македонија се согласни потенцијално некому да спасат живот. Мене ми е многу жал што кај нас не е доволно објаснета оваа тема и имаме многу потенцијални регистри, бидејќи тие луѓе со многу мала жртва од неколку дена, некому значат живот. Потенцијалниот дарител за неколку дена се враќа на работа, горд, затоа што знае дека некому спасил живот.
Приказна: Има ли Македонија потенцијал да стане центар во кој ќе може да се вршат трансплантации како во странски земји?
Пановска – Ставридис Јас сум многу горда што можам да споделам, дека од 2018 година, кога ја воведовме несродната трансплантација, ние успеавме, со силна поддршка на здравствените власти, да воспоставиме еден систем. Комплетно се реновираше Клиниката за хематологија и добивме дополнителни буџети, за да ги обезбедиме сите лекови коишто се потребни и неопходни за сигурно одвивање на оваа процедура. Покрај целата Ковид криза, ние непречено ја реализираме процедурата на трансплантација.
 
За Приказна,
Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ