20.8 C
Skopje
Thursday, September 29, 2022
spot_img

Паметните телефони од децата создаваат ботови

Во време на новата ера, со развојот на напредната технологија, но и со влијание на пандемијата, секој еден од нас со или против наша волја ја зголеми употребата на електронските уреди за комуникација, работа, но и за „релаксација“.

И кај возрасните, иако сме личности кои веќе се во поодминат стадиум на раст и развој, директната изложеност на електронските уреди предизвикува одредени промени во психолошката состојба. Работата од дома, фокусот во екран неколку часа во текот на денот, нашата достапност 24/7 за сите колеги и менаџери преку пишување во Вибер групи, мејлови и сл., ја зголеми анксиозноста кај многумина од нас, доведе до појава на одредена психосоматика и други психолошки абнормалности на свесно или несвесно ниво.

Што е со нашите деца кои се во раст и развој?!

Од аспект на родител, да, можеби навистина најлесниот и наједноставниот начин за привлекување на вниманието на нашите деца се токму електронските „паметни“ дадилки – телефонот и таблетот.

„Паметните дадилки“ станаа незаменлив дел од животот на нашите деца. Тие јадат, играат, заспиваат со нив …

Но, која е цената која нашите деца ја плаќаат?!

Прекумерната употреба на електронските уреди може да ја разгледаме од неколку аспекти.

За еден мал ум да се развива психо-физички здраво, потребен е фокус и будност на сите сетила во радиус од 360 степени. Паметните уреди го оневозможуваат ова. Фокусот е на десетина сантиметри. Кога будноста на нашите деца е фокусирана на мал екран, тие често преку сетилата за вид и слух не ги примаат другите дразби кои се во нивното опкружување, па добиваме перцепција како да не се во контакт со околината. И точна ни е таа перцепција, тие навистина се заробени во тие неколку сантиметри.

Уживање во храната

Децата кои се хранат паралелно со паметен уред не знаат да уживаат во храната. Јадат механички. За да нè нахранат нас, сега возрасните, во периодот на детството се користеа разни техники кои ни го привлекуваа вниманието („летање авион“ и слични залажувачки техники), но сепак акцентот беше поставен на храната.

Денешните деца за жал, не го развиваат на правилен начин осетот за вкус. Па оттука, не ги развиваат и некои од начините за уживање и задоволство поврзани со сетилните органи.

Тешко развивање на говорот

Како очекуваме да се развива говорот кај нашите деца, ако тие во поголемиот дел од денот не зборуваат?! Ова дополнително го отежнува и пренатрупувањето со информации на неколку различни јазици за краток период, кои дополнително го збунуваат детето.

Абнормално развивање на трпеливоста и толерантноста

Нашите деца се со поголем степен на агресија и непријатни емоции како бес, лутина, гнев, за разлика од периодот кога ние бевме деца. Самиот факт што за нас гледањето цртан филм значеше дека е потребен одреден временски период (на пример конкретен час кога започнува нашиот омилен цртан филм на телевизија), еден од начините преку кој ние ја градевме нашата трпеливост и толерантнос,т значеше дека не е возможно „овде и сега да го добијам она што го сакам“. Дури и со појавата на видеокасети и ДВД уреди, беше потребно одредено време да се пушти цртаниот филм, што кај паметните уредите, не е така.

Денес, за помалку од една секунда им се достапни сите содржини и за помалку од една секунда е достапна промената на содржината и избирање нова.

Како нашите деца ќе развиваат трпение ако не ги учиме дека за нештото да се реализира е потребно време?!

Содржината на видеата

Можеби и најболниот дел е што децата ретко и гледаат цртани филмови. Она што го гледаат се „јутјубери“. Гледаат видеа чија содржина не е анализирана од страна на возрасни и стручни лица. Гледаат видеа кои поттикнуваат агресија, социјално непожелно однесување, па сведоци сме дури и на поттикнување на самоубиствени идеи.

Играње игри

Повеќе од игрите, пораката што ја носат е „следи ме, послушај ме и ќе го поминеш ова ниво“. Доколку не ги следи правилата кои ги поставил некој друг, резултатот е неуспех во играта, а целта е да се помине истата.

Прекумерното користење на паметни уреди, доведува и до проблеми со спиењето и сонувањето, намалување на социјализацијата и повлекување во себе – создавање на интровертни личности кои немаат здрав начин на изразување на емоциите, чување на негативните емоции во себе, потоа доцнење во когнитивниот развој итн.

Секако, освен психичките абнормалности кои ги предизвикуваат овие наши скапи „дадилки“, последици се јавуваат и врз физичкото здравје на децата. Во последно време се забележува зголемена појава на згоеност (дебелина) кај децата, абнормалност при развивање на моториката на рацете, однос палец – показалец и останати прсти, координација рака-око итн.

Оттука се отвара и прашањето: „Што да правиме и на кој начин да постапуваме со користењето на електронските уреди?“

Во време на дигитален свет, можеби и не е решение комплетно одземање на уредите. Она што е соодветно да се направи е балансирана употреба на истите. Балансот може да се воспостави со договор кој ќе биде заеднички направен со вашето дете.

Договорете дека во текот на денот, ќе ги користите уредите на пример половина час пред ручек или наутро и половина час во текот на вечерните часови. Избегнувајте терминот да биде токму пред спиење, особено самиот акт на заспивање да се одвива со уред. Секако, доколку детето е веќе зависно од телефонот, овој процес на почетокот ќе биде макотрпен и тежок, проследен со изливи на негативни емоции, но не попуштајте!

Најдете изговор дека уредот (или интернетот) не е во ред, за одземањето на истиот да не го доживува како казна. Во текот на денот вклучете повеќе креативни активности кои ќе бидат забавни за детето (како на пример изработка на украси, цртање со водени бои, креирање на играчки од хартија итн.). И секако, не заборавајте дека прошетката во природа, дружењето на отворено, заедничките игри со другарчињата и други социјални активности се неопходни за здравиот детски раст и развој.

Автор: Николина Иваноска Котевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ