15.8 C
Skopje
Thursday, May 26, 2022
spot_img

Не постои магичен рецепт, но постојат одредени „златни правила на воспитување“

Не постои волшебен рецепт за воспитување кој би служел на сите родители и би бил соодветен за сите деца. Сепак можеме постојат одредени „златни правила на воспитување“ кои би им помогнале на родителите како насоки за градење на основа на сопствениот начин на воспитување.

Пофалбата во воспитувањето мора да биде правило, а не исклучок. Нејзината функција е повратна информација за прифатливото однесување на детето. Ја изговараме за да му дадеме до знаење на детето дека тоа што го прави во околината е прифатливо и дека истото може да го прави и во иднината. Посебно треба да се потенцира дека пофалбата му припаѓа на детето како личност на пр. Ти си многу добро момче или ти си добро девојче, а не само како пофалба на посакуваното однесување на детето. Тоа всушност му помага на детето да формира позитивна слика за себе.

Пред сè треба да имаме визија што е тоа што сакаме да го постигнеме во родителството. Значи треба да зрачиме со некоја психолошка моќ. Детето бара инспиративен родител, способен родител којшто ќе зрачи со родителска самоувереност. На пример обидете се да му искажете благодарност на детето, секогаш кога ќе го заслужи тоа. Изразувањето на благодарност кон детето е еден чинител којшто ја поттикнува почитта. Потоа упатување на пофалби и награди кога сакаме да изразиме некаква восхит кон детето, за нешто што сторило. Доследноста на тоа што зборуваме. Детето сака доследен родител, смета Христина Стефановска – психолог за деца и адолесценти.

Целите, побарувањата, ограничувањата кои му ги поставуваме на детето мора да се соодветни со неговите способности. Премногу ниските цели не се предизвик за детето и не водат кон исполнување на неговите потенцијали а превисоките цели предизвикуваат премногу негативни искуства и можат лошо да влијаат врз сликата за себе.

Дисциплината е нешто што е насочено кон тоа детето како да научи само да се контролира. Дисциплината значи дека родителите треба да планираат и однапред да предвидат некои работи. Во дисциплината се вклучени многу позитивни техники на позитивни пристапи на воспитување, односно тоа значи дека има многу наградување, многу пофалби – смета Фросина Ивановска – психотерапевт.

Кога детето не се однесува соодветно со правилата и договорите, потребна му е повратна информација во врска со тоа. Важно е критиката секогаш да се однесува на детското однесување, а никако на него како личност, односно никогаш: „Ти си злобно девојче“, туку: „тоа што го направи не е во ред“. Мора да содржи објаснување зашто однесувањето не е соодветно, кои се последиците од истото и кое однесување во таква ситуација е прифатливо, односно очекувано. Тоа е единствениот начин, детето да извлече поука.

Кога се обидуваме да критикуваме однесување, многу е важно да не ја критикуваме личноста на детето, туку да го критикуваме неговото дело, односно однесувањето. Тоа подразбира да не упатуваме омаловажување, навреди или етикетирање на детето во однос на тоа што го направило, смета Христина Стефановска – психолог за деца и адолесценти.

Одговорното родителство инволвира повеќе од насочување на децата во правилна насока. Тоа инволвира континуирано следење на сопственото однесување и реакции на начин на кој би сакале и вашите деца да го моделираат истото. Одговорното родителство вклучува моделирањето на однесувања и вредности кои би сакале да ги видите кај своите деца, преку изнаоѓање на време во кое ќе може да го анализирате сопственото однесување и да направите позитивни промени. Она што е многу важно е да научите да препознаете кога и самите ќе манифестирате некое негативно однесување или навика. Во тие моменти, многу е важно извинувањето и признавањето на грешка кон детето. Со овој процес му помагате на детето да ја научи вредноста на свесноста за себе, да ја препознае потребата за позитивна промена и да преземе одговорност за своите избори и однесување.

Позитивната дисциплина е токму еден од аспектите на коишто се заснова позитивното родителство, меѓу останатите и позитивната дисциплина значи дека родителот заедно во комуникација со детето го учи како да го контролира своето однесување и како да гради нови вештини, меѓутоа и како да ги поправи грешките и како да гради механизми за решавање проблеми – смета Фросина Ивановска – психотерапевт.

За Приказна,

Вики Чадиковска и Ване Марковски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,391FansLike
1,403FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ