40.8 C
Skopje
Wednesday, July 17, 2024
spot_img

Нарциса Тунева: Ти си мојата најдобра мајка

Нарциса Тунтева – основач на Фејсбук групата „Биолошки родители и деца.“ Таа за Приказна, ја сподели својата емотивна лична приказна за посвојувањето.

Од кај да почнам? Ќе почнам таму каде што се сеќавам, затоа што тоа е мислам, почетокот. Посвоена сум во 1995 година. Се сеќавам на моментот, имав три ипол години.

Тоа беше пред Македонска опера и балет, каде што имаше рампа за паркинг. Дојде кола. Една жена беше внатре во колата. Јас знам дека и се обратив со зборовите: ” Ти си мојата најдобра мајка.“ Најверојатно ми кажале така да кажам.

Но, жената само излезе од колата и толку беше, значи буквално ме гушна и тоа го памтам како прв момент, но претходно ако некој ме праша кај сум живеела, каде сум била, јас ништо не се сеќавам.

Првиот ден беше на 14 септември кога дојдов во Скопје. Се сеќавам дека влегов во станот на Јоана. И гледам една огромна библиотека пред мене. Каде сум јас, знам дека е мајка ми, ама … Локацијата … И татко ми седеше на фотелја се сеќавам, татко ми е архитект, Никола Тунтев, познат архитект којшто не можел да има деца со мајка ми и решиле да посвојат.

Мајка ми тогаш имаше 53 години. Кога дојдов јас, значи веќе беше повозрасна жена, но знам дека ми кажуваше дека долги години се борела, се трудела да има дете и да земе. Околу 10 години се мачела за документи, дали е осудувана, дали била во затвор, дали имала океј живот, исто така и за таткото. Кога се зема дете, се кажува дека за да се земе и да се посвои треба огромна процедура, прво на возрасна граница. А потоа за тоа како живее тој човек, дали заслужува да има деца, дали финансиски се потковани, дали имаат услови и дали се добри како родители, психолошки тест и сето тоа.

И јас дојдов и го гледам човеков, ме гледа така некако мислам беше изгледа најверојатно зачуден дека јас доаѓам во домот. И мајка ми мѝ вели: „ Оди, тој е татко ти.“

Јас гледам и здраво така, но сè уште не можев некоја близина да имам, затоа што не го познавам човекот. Ми викаат дека е татко, добро татко, ОК. Тој многу ме сакаше, значи со него го поминав детството преубаво, затоа што многу беше добар кон мене и кога почина, јас имав 9 години. Тој почина дома, значи не можам да заборавам, буквално како мој роден татко, ме прифати. Јас тогаш го зедов нивното презиме, иако биолошкото не знам кое ми е, а во домот често пати ставаат имиња коишто им се приспособени за да можат да ги повикуваат децата според своите желби, а најчесто според цвеќиња, тоа имам забележано. Ова не е некоја тајна, но повеќето кои ги знам и се посвоени, имаат имиња на цвеќиња.

Во текот на детството немав некои проблематики во насока на тоа дека сум посвоена, некој да ми кажува од страна, посвоена си. Па нели да ја прашувам мајка ми или татко ми: Леле, навистина ли сум посвоена? Тие проблеми ги немав, затоа што кај мене се знаеше ситуацијата дека сум посвоена, сите знаеја од на мајка ми страната и од на татко ми страната и сите ме гледаа како едно ново дете и сите се радуваа.

Тој ден се сеќавам, баш кога дојдов, отидовме на роденден кај пријателка на мајка ми, блиска пријателка со која и денес се дружат. И јас доаѓам, и тоа го паметам, на врата со мајка ми, дотерана, ме спремија, значи тоа беше уште првиот ден. Пријателката ја гледа мајка ми и ја прашува:

„Кое е детево?“ Зашто не гледа заедно. Како која? Ќерка ми.

Значи се стаписа женава …

И сите прашуваа кое е, а мајка ми им кажуваше, мое си е.

И тоа беше навистина многу убав момент затоа што доаѓате и веќе почнува живот. Значи немаше момент на приспособување. Како седиме, чекај да ти кажам, јас сега ќе ти бидам мајка, ќе те чувам, ги немаше тие работи, беше толку многу спонтано и беше толку едноставно, поради што и веднаш почна да функционира фамилијата.

Значи, немаше предолго време за адаптација и такви работи …

Но, во умот мој, сè уште имаше прашање која е мајка ми, каде е мајка ми? Сепак, во мојата мисла стоеше тоа каде е мајка ми. Но, со текот на времето почнав да си функционирам најнормално, си живеам во фамилијата. Ме запознаа со баба ми, со сите мои роднини и сите беа среќни за мене буквално и паметам дека првите години, дома беше повојница, ама со години траеше, немаше пријатели кои не дојдоа да ме поздрават, донации …

Донации за да живеам еден убав живот како добредојде, облека, подароци што не носеа од што се радуваа, зашто знаеја дека мајка ми толку многу сака деца, а не може да има деца и дека по толку време и мачење добила дете и сите се радуваа заедно што мајка ми ме зема, а јас бев многу среќна и весела.

Документарен магазин Приказна

Постоеле ли одредени предизвици во текот на детството, тинејџерските години, што е со врсниците?

Јас некако не почувствував дека има малтретирање кон мене во склоп на ова прашање. Мислам, јас не го почувствував, можеби имало, но не знам. Јас тогаш бев многу слабичка, бидејќи сум била во дом во Битола.

И таму некои деца се подебелки, некои се послаби, зависи. Значи тоа може да зависи од некои претходни причини. Можеби сум била недоносена, можеби мојата мајка немала доволно пари да ме нахрани како бебе, не знаеме причини, но малтретирање немам почувствувано. Единствено што бев слаба и ме викаа „чачкалица“. Ама за ова прашање не, мислам дека никој не се осмелил да ми каже посвоена си, нешто да смисли некои приказни, да ми каже, слушај, таа е мајка ти или некои такви работи, многу сум задоволна поради тоа.

Но сигурно Вашата потсвест работела, сакавте да знаете од каде потекнувате кои се вашите биолошки родители?

Апсолутно, сакав да знам. Многу долги години ме мачеше мислата и дури паметам дека имало моменти каде што некои пријателки на мајка ми кои биле океј кон мене, кои ме сакале, сум помислувала да не можеби таа ми е мајка штом е така добра кон мене или да не ми е сестра, да не е роднина нешто на мајка ми, па затоа се грижи за мене, вака секогаш имав нешто на ум. Барањето нормално дека сè уште трае и ќе трае затоа што не е лесен процесот. Јас бев дури и во матично, отидов 3 – 4 пати. И да им кажам дека сум посвоена, дека ги барам родителите. Ги знам веќе лицата кои се, тие велат дека нема документи, не смееме да ги покажеме документите и тука завршува целата приказна. И пак јас ќе си дојдам и пак истите приказни …

Пред пандемијата, формирав група на Фејсбук „Биолошки родители и деца“. Затоа што веќе ми досади да ми кажуваат дека не знаат или дека немаат информации. Во текот на животот имав информации каде што укажуваат која ми е мајка. Одредени личности мислам дека повеќе провокативно за да дознаат која е, а не да помогнат. Јас навистина многу сакав да знам. И си оформив група.

И реков зошто да не им помогнам и на другите? Го имам и јас истиот проблем зошто да не го споделиме заедно, еве и тие ќе дознаат и јас ќе дознаам, ќе направам нешто што е и за мене добро и за нив. Кога ја оформив групата имаше 4-5 члена во неа. Помислив зарем е можно олку малку да има? Не, велам, најверојатно се срамат.

И првите што ми пишаа беа жени нормално, мајки што ги бараат децата. Јас очекував да бидат деца.

Направивме да биде анонимно затоа што гледам дека сè уште нема број, знаете, па може да се препознаат едни со други. Јас ќе го ставам како пост, датумот на којшто е родено детето и крвната група би било пожелно, за да може да се бараат. Ако има информации ќе ги известиме. И групава полека почна да расте 100, 200 300. И почнаа мене да ми пишуваат толку многу. Јас не можев реално да постигнам. Не очекував дека ќе биде толку голема обврска. И потоа групата ја предадов на други коишто исто ги бараа своите родители и деца за да можат да ја водат групата, бидејќи веќе не можев да стасам, многу се јавуваа. Многу прашуваа и така се распоредивме некако и сега веќе други ја водат групата, но сè уште трае и бројот се зголемува. Тоа е докажано. Додека јас ја имав групата, додека ја водев, имаше откриено 3, 4 случаи коишто ги дознаа родителите и децата и бевме многу среќни. Бидејќи знаеме дека законски има проблем со дознавање, направивме

да се бараат преку ДНК тест. Така е за цел свет, буквално можеме да помогнеме и во македонски рамки, но и во светски рамки да си дознаваат. Се надевам дека таму имаат откриено колку толку каде им е семејството.

Почесто родителите си ги бараат децата или децата се љубопитни и сакаат да си ги дознаат родителите?

Од она што јас го видов, мислам дека повеќе се родителите и тоа конкретно мајките.

Како се чувствуваат после толку години, има ли каење, жалење, има ли осуда кон себеси?

Тоа се толку преплетени емоции затоа што зависно како мајката постапила, значи дали била во право, дали не. Некои мајки викаат: „Јас сакам да го најдам детето, ама не знам како ќе реагира тоа. Страв ми е да не ме одбие.“ Сега е обратна ситуација. Дали детето сака да ја види. За тоа многу стравуваат. Затоа кога дознаваат, гледаат да бидат некако странично, да видат каква е ситуацијата, дали ќерката или синот сакаат да ја видат мајката за да може да се запознаат.

Рековте Вие доаѓате од домот во Битола, постоеше и домот 11 Октомври во Скопје. Сега се актуелни згрижувачките семејства. Би сакала да чујам од Вас размислување која локација е добра за дечињата кои немаат родителска грижа?

Бидејќи живеам баш во тоа маало, во Капиштец каде што е домот 11 Октомври. Додека бев мала, бев таму зашто имав една другарка којашто седеше таму. Бев специјално да видам како е, како живеат, додека беше домот. Тоа е слично на домот во Битола, но сепак тука се повозрасни децата. Има претпоставка дека не е баш најдобар начин, затоа што згрижувачите немаат толку време и посветеност да дадат на децата затоа што се тие во поголем број. Повеќе изгледа како училиште би рекла, отколку како семејство. И во Битола бев во тие згрижувачки семејства. Тоа се куќи каде што ги чуваат помалите деца.

Тие се куќи коишто се на 2-3 ката и каде што имате по 2-3 згрижувачки и по 4-5 максимум деца коишто ги гледаат. Породителско е чувството затоа што сте во куќа каде што нема премногу деца, каде што сте како брат и сестра, каде што има по две негувателки и мислам дека е тоа подобра опција, иако според мене не е најдобрата, мислам, се разбира се знае дека децата треба навистина живеат во семејство.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,276FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ