20.8 C
Skopje
Friday, June 21, 2024
spot_img

Надица Стевковска: Ни требаат вистински вредности како љубов и разбирање

 Во времето кога се соочував со длабока депресија, за која знаат многу малку луѓе, единствениот начин да се справам со мојата депресија беше да го преспивам моето слободно време. Одев на работа, јадев и веднаш си легнував да спијам. Тоа го правев секој ден и траеше скоро една година. Не знаев како поинаку да си помогнам. Тоа беше период кога претходната година, завршив во болница од хипер стресен нервен систем, нервозни црева и други хронични состојби коишто се провлекуваа и токму тие состојби во комбинација со мајчинството беа главниот катализатор за мојата духовна еволуција. Во 2013 година, седејќи на пауза на моето работно место, пред компјутер во канцеларија, се случи да го пронајдам она што го барав. Неслучајно налетав на еден текст, извадок од книгата „Уметноста на љубовта“ од Ерих Фром која нема никаква врска со романтичната љубовта и оние страсти кои ги знаеме. Додека го читав тој текст, ми навираа солзи во очите затоа што за прв пат почувствував толку длабока резонанца со прочитаното. Во исто време се запишав на јога часови, да ми помогнат да го ослободам стресот, да го смирам нервниот систем, да го омекнам телото, раскажува за Приказна, Надица Стевковска, јога учител.

Која е вашата приказна? Кога и зошто почнавте да практикувате јога?

Надица Стевковска Никогаш досега не сум споделила кога почнав да се интересирам за духовноста во целина вклучувајќи ја и јогата. Во времето кога се соочував со длабока депресија, за која знаат многу малку луѓе, единствениот начин да се справам со мојата депресија беше да го преспивам моето слободно време. Одев на работа, јадев и веднаш си легнував да спијам. Тоа го правев секој ден и траеше скоро една година. Не знаев како поинаку да си помогнам.

Тоа беше период кога претходната година, завршив во болница од хипер стресен нервен систем, нервозни црева и други хронични состојби коишто се провлекуваа и токму тие состојби во комбинација со мајчинството беа главниот катализатор за мојата духовна еволуција. Во 2013 година, седејќи на пауза на моето работно место, пред компјутер во канцеларија, се случи да го пронајдам она што го барав.

Неслучајно налетав на еден текст, извадок од книгата „Уметноста на љубовта“ од Ерих Фром која нема никаква врска со романтичната љубовта и оние страсти кои ги знаеме. Додека го читав тој текст, ми навираа солзи во очите, затоа што за прв пат почувствував толку длабока резонанца со прочитаното. Во исто време се запишав на јога часови, да ми помогнат да го ослободам стресот, да го смирам нервниот систем, да го омекнам телото.

Многу малку луѓе знаат за значењето, магнитудата за смирениот нервен систем. Модерниот, стресен нервен човек нема никакви шанси да доживее нешто различно од она што веќе му е познато. Кога велиме сакам свесна промена, таа свесност се повикува на смирен нервен систем. Долго време бев многу „модерна“, живеев под висок напон, така што стресниот човек многу тешко може да се одлепи над неговите ментални илузорни конструкции и да се доживее како една исполнета празнина и љубов.

Некоја година подоцна, посетив семинар на познатиот Свами Сачиданант од Индија кој беше за мене трансформативно искуство. Продолжив да ги посетувам неговите онлајн работилници и тој самиот ми предложи да посетам обука за јога учители. Тој повеќе веруваше во мене отколку јас самата во себе. Така се случи да дипломирам 300 часовна обука за јога учители во повеќе стилови.

Што е јогата?

Надица Стевковска Јогата не е филозофија, идеологија, не е религија. Таа е постапна научна методологија за постигнување на внатрешно единство и мир. Обратно од мир е немир, обратно од единство е внатрешен конфликт, војна. Кога два или повеќе психолошки аспекти се во судир и секој си го брани својот интерес, мислејќи дека на тој начин ќе придонесе за колективната благосостојба. На едно микрониво во нас се случува една војна, па така се рефлектира надвор, имаме надворешна војна кога секој човек води војна со другиот, исто како во нас што има конфликт, така и надвор има конфликт, па секој човек мисли дека го направи најдоброто за колективниот просперитет иако тие активности, акции, мисли произлегуваат од несвесност, а таа пак извира од страв, сепарација, конкуренција. Срцето сака, умот не сака.

Се чувствувам како еден аспект од мене да суди, критикува, другиот аспект во мене да одобрува, прифаќа, третиот аспект да пронаоѓа изговори, четвртиот прави нешто сосема различно. Јогата како една од многуте духовни патишта ни помага да направиме една усогласеност на сите тие психолошки аспекти во една единствена целина. Ова е внатрешна унија, внатрешно единство. Кога сите аспекти имаат една единствена вистина и одат по една единствена волја. На тој начин со самото интегрирање, разбирање, прифаќање, освестување на тие опозициски аспекти во себе се топат поединечните вистини, интереси и останува само една единствена волја. Па тука велиме срцето и умот се на една иста страна.

Кога духот, психата и телото се на една иста патека, со една единствена волја. Јогата вклучува дишење за исцелување, медитација за освестување. Јас ако критикувам судам, константно негирам, тогаш јас не разбирам. Ако јас се разбирам себе си подлабоко, го разбирам другиот, ближниот, ја разбирам природата, животот тогаш јас нема да критикувам и нема да судам и нема да ги хранам оние негативни емоции коишто ме разболуваат. Или разбираме или судиме. Двете во исто време не можат да опстојат.

Мојата духовна пракса и водство е свесноста. Свесност, присутност, будност од момент во момент. Мојот начин на изразување отсекогаш бил поопфатен, поширок како и свеста. Така ја вклучувам и јогата и останати методологии и техники кои се корисни за човекот денес. Мене лично ми помогнале да ја согледам реалноста каква што е.

Зошто јогата е важна за младите и за нивниот личен развој?

Надица Стевковска Наместо да го шириме нашето внимание наоколу, нашата енергија, да се расплинуваме на сите страни, на сите оние токсични активности кои ги правиме секојдневно како што се прекумерно беспотребно седење на социјални мрежи и Нетфликс, прекумерно емоционално јадење, непотребен шопинг, барање валидација од другите, практикувањето јога нè одвлекува од таа шема на хипер конзумеризам, на депресија, летаргија, несвесност и нè води кон себе, во една приземност и во спој со внатрешните вистински вредности како што е љубовта, разбирањето.

Документарен магазин Приказна

Кои се придобивките на јогата за нашето здравје?

Надица Стевковска Придобивките од јогата се многубројни и мултидимензионални, исто како што сме ние, па така на едно физичко, ментално и духовно ниво, јогата го подобрува нашето физичко здравје, со тоа што го зајакнува целото тело во неговата структура, го смирува нервниот систем, го зајакнува имунитетот, ја подобрува дигестијата и квалитетот на сонот.

Асаните, физичките вежби во правилна координација со дишењето и вниманието, придонесуваат за влез на нова животна енергија. Со тоа го прочистува, зајакнува, напојува нашето енергетско тело, па затоа често после јога час се чувствуваме олеснети, слободни, свежи, обновени.

Јогата го подобрува нашето ментално здравје со тоа што бавно, но сигурно се отпуштаме ги согледуваме сите ментални концепти, секојдневни негативни мисли коишто најверојатно и не се вистинити но сепак нè разболуваат. Ова е тоа психолошко страдање со кое се соочува денешниот човек. Јогата ни дава една јаснотија, ни ги прочистува леќите низ кои ја перципираме реалноста, ја ублажува депресијата, анксиозноста и стравот, па така да едно духовно ниво, јогата ни помага да ја прошириме нашата свесност за тоа што навистина сме и кои сме во нашата есенција.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,513FansLike
3,140FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ