24.8 C
Skopje
Thursday, May 23, 2024
spot_img

М-р Катерина Димова: Родителот е огледалото и детето го пресликува неговото однесување

За менталното здравје кај младите, но и за предизвиците на родителството во таа насока, разговараме со м-р Катерина Димова, основач на NEUROCLINIC-Советувалиште за здрав раст и развој, ментално здравје, рана детекција, интервенција и стимулација на деца, адолесценти и возрасни.

Зошто е важно менталното здравје кај младите луѓе?

Катерина Димова Менталното здравје е во основата на човековата способност да учи, да чувствува, да размислува, да гради одредени релации и притоа да придонесува за заедницата. Од големо значење е за целото индивидуално здравје. Менталното здравје не е важно само за младите, туку за секоја возраст, тргнувајќи од самото раѓање на детето. Честопати и родителите знаат да прашаат што е тоа ментално здравје. Од самиот старт потребно е да се негува тоа ментално здравје и да се вложува во истото.

Знаат ли родителите да им помогнат на младите да се грижат за своето ментално здравје?

Катерина Димова Родителството е една улога за која нема повредна титула за тоа. Тоа носи голема одговорност. Кога зборуваме за родителство, зборуваме за свесно родителство кое не значи викање, агресивна комуникација, не значи проект на нашето дете. Кај овие генерации имаме тешкотија во однос на таа улога за родителство, затоа што сите транзиции кои ги поминало нашето општество влијаат на тоа каков родител ќе бидеш и во иднина, односно од какво семејство потекнуваме.

Родителството е главната алка, односно семејниот систем е главниот систем каде што детето ги стекнува првите знаења и искуства. Големо влијание имаат и другите системи, односно предучилишните и училишните системи и се она што го опкружува детето. Честопати им спомнуваме на родителите дека родителството е една едукација, нема конкретен рецепт како да се биде родител, има одредени насоки кои ние ги даваме, одредени задачи кои детето треба да ги исполнува согласно неговата возраст. Секоја чест за оние кои решиле да бидат родители, бидејќи таа улога е тешка.

Родителството не е за децата, родителството е на двајцата брачни партнери. Честопати се случува да се станува родител за да се задржи брак или да се задржи одредена релација. Тоа е сосема погрешно и влијае на менталното здравје на децата.

Колку родителите знаат да ги препознаат емоциите кај своите деца и да им помогнат? Колку децата знаат да ги препознаат и управуваат емоциите кај себе?

Катерина Димова Има една стара поговорка кола вели дека децата се огледалото на родителите. Јас би рекла дека родителот е огледалото и детето го пресликува неговото однесување. Свесното родителство претставува токму тоа. Родителот пред сè да се разбере себе, да ги разбере и своите емоции и само на тој начин ќе може да ги разбере потребите на детето. Во овој период, сè уште можеби имаме одредена свесност и зборуваме гласно за емоционална интелигенција, за ментално здравје и кај возрасни и деца, но ни фали активирањето и барање поддршка како се негува менталното здравје и како се препознаваат емоции.

Голем број на млади лица кои доаѓаат и бараат помош. Младите лица ги носат родителите во центрите и советувалиштата. Тие има ја отвораат вратата дека треба да се поработи на менталното здравје. Препознавањето на емоциите сметам дека не е на задоволително ниво. Деца до 6 година, во пракса се случува сè уште да ја нема таа емоционална зрелост и не се толерантни на фрустрации, имаат изливи на бес, паника, експлозивно однесување, тантруми кои се појавуваат на 2-3 година се пролонгираат и се појавуваат во 6-та година, самите проценти покажуваат зголемување на анксиозноста и депресивноста во адолесцентската возраст и пубертет. Тоа ни кажува дека не сме на некое ниво каде што младите, децата и родителите добро ги препознаваат и регулираат своите емоции.

Документарен магазин Приказна

Кој период од детскиот развој е најголем предизвик за менталното здравје? Дали периодот на адолесценција е најтурбулентен?

Катерина Димова Да, ние ја нарекуваме фаза на земјотрес, затоа што самото младо лице доживува промени, примарни и секундарни, се случуваат промени во хормони, менталната зрелост е на друго ниво, а воедно општествениот притисок кој денес го има, прави голем притисок да они се споредуваат. Сето она што се пласира на социјалните мрежи, сета таа „совршеност“ која се гледа на едно видео, на Тик-Ток видео го прави детето во тој период да се чувствува многу повознемирено и тенденциозно да се движи кон таа совршеност која не е можна. Ние возрасните знаеме дека зад едно видео од 15 секунди стои цел тим и екипа за сето тоа да изгледа толку совршено. Младите лица ја немаат таа способност да разликуваат што е тоа што е нормално односно реално.

Во однос на емоциите, пред неколку дена, додека разговарав со девојче од 15 ме праша дали е нормално во одредени периоди од денот да не се чувствува енергично, да се чувствува тажно, луто, затоа што постојано гледа на социјалните медиуми како сите се насмеани, ведри, позитивни. Тогаш сфатив дека е изместено тоа нивно познавање, односно сфатив колку младите немаат создадено слика дека во текот на едно секојдневие нормално е нашето расположение да се промени. Нормално е во текот на една недела да сум поизморена и да не сум толку многу продуктивна.

Колку зависноста од мобилните телефони и употребата може штетно да влијае врз детскиот развој?

Катерина Димова Сè повеќе родители поради брзиот и стресниот начин на живот и поради неможноста да се избегне моментот да не му се подаде на детето телефон, младите во ран детски развој се изложени пред екраните. Има многу големо влијание. Се поголем е процентот ан деца кои имаат проблем со говор, лица кои имаат дисхармоничен развој, деца кои кога ќе тргнат на училиште фокусот и вниманието им е на многу ниско ниво. Имагинацијата не е на задоволително ниво да они знаат како се игра, затоа што премногу време поминуваат пред екраните.

Доктор Шефали кој се занимава со свесно родителство, кажува дека до 12 година дете не треба да биде изложено на паметен телефон, таблет, компјутери од причина што самата мозочна структура не се во можност да ги контролира и прима сите информации кои доаѓаат од одредени видеа, видеоигри и сл. Депресивност, анксиозност се најчести одговори кои младите ги посочувале како проблеми со нивното ментално здравје, особено по пандемијата. Зошто е тоа така?

Депресијата, анксиозност, промени во исхраната, страв, суицидност. Пандемијата не стави во еден балон во кој сите бевме мирни, се изолиравме. Јас ја гледам социјалната изолација како најголем импулс за после тоа, кога влеговме во една нормала, не знаевме како да се справиме со неизвесноста. Постојано бевме на штрек, а посебно младите коишто во период на адолесценција и пубертет најмногу, за добар раст и развој, најпотребен им е социјалниот контакт. Нив тоа им беше скратено. Тоа е многу голем импулс, за денес да имаме повисоки бројки на депресивност и анксиозност. Не би рекла дека е само поради пандемијата. Има и други фактори, семејството, опкружувањето, средината, силеџиството.

Како трауматичните искуства како развод, смрт на родител се манифестираат врз детското ментално здравје?

Катерина Димова Кога ги работиме загубите во однос на смрт на одреден член на семејство, немаме збор да ја опишеме таа тешкотија, посебно кога младите деца доаѓаат и бараат помош. Кога доаѓа таков момент од животот, честопати во пракса родителите одреден временски период, ја кријат веста дека лицето блиско е починато. Тоа не е добро затоа што секогаш кога има одредена тајна и кога се крие некаков момент, од лицето кое крие најмногу чувствува, присутно е во воздухот, присутна е темата, но сите кријат и не го споделуваат. Соодветно на возраста има начин како да се сподели таа информација.

Потребно е веднаш да се побара стручна помош. Има процес на обжалување, фази кои ги поминуваме, техники што им ги даваме согласно нивните потреби.

Кои се препораките за зачувување на доброто ментално здравје?

Катерина Димова На целото општество му требаат промени, ни требаат системски решенија, не само на родителите или децата. Кога секој би тргнал до себе и би побарал едукација во однос на менталното здравје, би имало некакво подобрување и кај младите. Ние младите учиме од повозрасните, децата учат од помладите и во однос на емоциите и во однос на покажувањето. Однесувањето е поткрепено со тоа како ние се чувствуваме. Кога секој би се запрашал како јас придонесувам за некој друг да реагира дали луто или агресивно, мислам дека ќе имаме промени.

Дали на децата им требаат повеќе дружби во природа?

Катерина Димова И на децата и на младите, движењето, природата, негувањето на социјалниот контакт е нешто што во голем процент придонесува за подобро ментално здравје, особено за децата кои се во ран детски развој до 6-та година. Движењето им овозможува да ги развиваат нивните когнитивни способности. Говорот како највисока когнитивна способност се усовршува кога детето е најактивно, кога скока, игра со другарчиња. Контактот со природата е еден значаен елемент кога станува збор за грижа за ментално здравје.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,401FansLike
2,994FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ