19.8 C
Skopje
Friday, April 12, 2024
spot_img

М-Р ЗОРИЦА НИКОЛОВА: ХРОНИЧНАТА ОСАМЕНОСТ ВЛИЈАЕ ВРЗ НАШЕТО ЗДРАВЈЕ

Истражувањата покажуваат дека осаменоста и изолираноста имаат негативен ефект на менталното и физичкото здравје на луѓето, всушност, додека осамувањето има голем број на важни придобивки врз менталното здравје, од кои како позначајни би ги издвоила зголемена себесвесност и фокус, чувството на обновеност и исполнетост, како и поголем увид во својот емоционален свет, вели во интервју за Приказна, м-р Зорица Николова, лиценциран психолог

Што претставува осаменоста?

Зорица Николова Осаменоста претставува емоционален одговор кој е обоен од едно субјективно, непријатно, непожелно до вознемирувачко чувство кое ја придружува перцепцијата на луѓето дека социјалните потреби и односи кои тие ги посакуваат не соодветствуваат со нивните реални социјални односи. Поточно, тие не се задоволни со квантитетот или особено квалитетот на нивните социјалните односи.

Тоа што е значајно е дека осаменоста предизвикува луѓето да се чувствуваат празно, изолирано, само и несакано. Луѓето кои се осамени често копнеат за човечки контакт, но нивната состојба на умот го отежнува воспоставувањето врски со другите луѓе

Осаменоста, според многу експерти, не подразбира нужно да се биде сам, туку да се чувствувате сами и изолирани. На пример, бруцош на колеџ може да се чувствува осамено и покрај тоа што е опкружен со цимери и други врсници и има многу можности за други активности. Една индивидуа може да е во партнерство или брак, може да е опкружена со богат социјален живот и повторно да се чувствува осамено.

Дали постои разлика меѓу осаменост и самотија?

Зорица Николова Да постои разлика. Да се биде сам не е исто со да се биде осамен. Главна карактеристика која ги раздвојува е тоа дека осаменоста е обележана од чувство на изолираност наспроти посакување социјална поврзаност и се доживува како несвоеволна сепарација, одбивање и напуштеност од други луѓе, додека осамувањето е своеволно. Луѓето кои уживаат и посакуваат да поминат време со себе продолжуваат да одржуваат позитивни социјални контакти и им се враќаат на нив кога имаат потреба од поврзаност. Времето на осамување и времето на поврзаност со други луѓе е балансирано.

Додека истражувањата покажуваат дека осаменоста и изолираноста имаат негативен ефект на менталното и физичкото здравје на луѓето, всушност, осамувањето има голем број на важни придобивки врз менталното здравје, од кои како позначајни би ги издвоила зголемена себесвесност и фокус, чувството на обновеност и исполнетост, како и поголем увид во својот емоционален свет.

Какви видови на осаменост постојат?

Зорица Николова Постојат три различни типови на осаменост: емоционална, социјална и егзистенцијална.

Емоционалната осаменост произлегува од чувството дека ви недостасуваат врски или поврзаност. Емоционалната осаменост може да се почувствува кога ви треба некого со кого да разговарате за нешто што се случува во вашиот живот, но чувствувате дека нема со кого да контактирате. Се поврзува и со отсуството или загубата на блиска личност со која постоела суштинска поврзаност. Може да доживеете емоционална осаменост кога сите освен вас имаат романтичен партнер во вашата група. Можеби сте осамени за близок пријател, родител, брат или сестра итн.

Социјалната осаменост подразбира отсуство од т.н. социјална мрежа на пријатели, што може да обезбеди чувство на припадност и заедништво. Чувството на припадност е тоа што ја карактеризира овој вид на осаменост.

Егзистенцијалната осаменост е чувство на отргнатост од другите, празнина и отсуство на смисла за животот.

Кои се „симптомите“ на осаменоста? Како да ја препознаеме?

Зорица Николова Особено значајно е да се разбере дека осаменоста која е честа човекова емоција е пред сè комплексно и уникатно искуство за секоја индивидуа. Нема една единствена причина и токму поради тоа превенцијата и третманот за оваа состојба на умот ќе се разликува кај секоја индивидуа.

Симптомите кои се универзални, се неможност за поврзување со другите луѓе на поинтимно ниво. Иако можеби постојано комуницирате со луѓето и имате семејство и блиски пријатели, сепак односите со нив ви се на едно површно ниво. Поврзаноста со нив не ве исполнува. Отсуство на пријатели. Иако можеби имате повеќе пријатели, сепак не се чувствувате дека некој ве „разбира“. Чувство на изолираност без разлика каде и со кого се наоѓате. Негативни чувства во однос на себе и опадната самодоверба, како и силно чувство на измореност при обиди за комуникација и социјализирање со другите луѓе. Руминизирање и потсетување на минатото. Од посилни симптоми би одвоила несоница и проблеми со спиење, намалена енергија, интензивно чувство на безвредност и повлекување од социјални контакти.

Дали осаменоста влијае на нашето здравје?

Зорица Николова И тоа како. Како што веќе спомнавме, секој еден од нас, барем во еден период од својот живот бил осамен. За секого ова искуство ќе биде индивидуално и различно. И воопшто не значи дека тоа чувство ќе води кон компликации со менталното здравје. Сепак, ако осаменоста е честа или трае долго, сериозно го зголемува ризикот од тешкотии со менталното здравје, може да дојде до одредени состојби на нарушено ментално здравје, како што се анксиозност, депресија, ниска самодоверба, проблеми со спиењето, несоница и зголемен стрес, вклучувајќи и заболувања од спектарот на деменцијата, па дури да генерира и одредени самоубиствени мисли.

Од друга страна, луѓето кои имаат веќе нарушено ментално здравје имаат и значително поголем ризик од осаменост. Така се формира тој еден непријатен круг на осаменоста. На пример доколку индивидуата припаѓа на дел од групи кои спаѓаат во ранливи категории, луѓе со одредена или ретка ментална или физичка болест, доколку се веќе мета на малтретирање, мобинг или се жртви на одреден вид на насилство, или се можеби дел од маргинализирани категории како луѓе со различна сексуална ориентација, различен родов идентитет и слично тие веќе имаат постоечко секојдневно чувство на различност, на неприпаѓање, на изолираност. Поради тоа самите избегнуваат непријатни секојдневни социјални контакти кое следствено води до уште поголема несигурност во социјалните контакти продалбочувајќи и пролонгирајќи го чувството на осаменост.

Дополнително, земајќи ја предвид нераскинливата врска на умот и телото, се повеќе се покажува дека осаменоста има последици и по физичкото здравје на луѓето. Имено, таа влијае негативно на навиките за спиење, преку подигнувањето на нивоата на т.н. стрес хормон, кортизол. Со текот на времето, постојано покачените нивоа на овој хормон можат да водат и кон други понатамошни компликации со здравјето: хронична инфламација, намален имунитет, вишок телесна тежина, инсулинска резистентност, проблеми со концентрацијата итн.

Истражувањата покажуваат дека хроничната осаменост може да има значително влијание и врз здравјето на нашиот мозок. Долготрајното чувство на осаменост и социјална изолација поседува потенцијал да ги намали когнитивните перформанси, како способноста за концентрација, решавање на проблеми, можноста за преврамување на негативните мисли и слично.

Гледано во целост, хроничната осаменост има влијание на нашето целокупното здравје.

Колку технологијата влијае врз осаменоста? И дали пандемијата влијаеше да се зголеми осаменоста?

Зорица Николова Врската помеѓу пандемијата и осаменоста е сè уште плодна почва за психолошките истражувања. Но одредени истражувања покажаа дека во времето на најригорозните мерки одредени групи имаа зголемен процент на осаменост, тоа се младите луѓе, луѓето кои живеат сами, постарите луѓе како и одредени ранливи категории како луѓе кои се невработени на пример. Иако секој еден од нас ја искуси поврзаноста бидејќи имавме реален лимит во одржување и градење на блиските односи.

За време на Ковид пандемијата неоспорна беше важноста на технологијата кога можевме да останеме во контакт со нашите најблиски и да одржиме едно квалитетно ниво на живот.

Мене овде ми се провлекува прашањето, со толку многу начини за дигитално поврзување со другите, зошто луѓето сè уште се толку осамени?

Одговорот е кога технологијата го зазема местото на односите тет а тет, откриено е дека ја зголемува осаменоста и изолираноста и ја намалува благосостојбата. Корисно е онлајн поврзувањето да ги надополни овие односи, но ако врските се одржуваат првенствено или само онлајн, тие на крајот не задоволуваат. На луѓето пред сè им е потребен допир, близина, топлина. Ова би го споредила со потребата на допир и поврзаност кај новороденчињата.

Идејата е да секој човек си го најде својот баланс, да се одржува здрава рамнотежа помеѓу технологијата и развивањето личните значајни врски.

Документарен магазин Приказна

Како да ја совладаме, постојат ли некои препораки?

Зорица Николова Нема едно решение кое одговара за сите што ќе им помогне на луѓето да го совладаат чувството на осаменост, но вреди да се експериментира за да се види што прави да се чувствуваме подобро поврзани со луѓето околу нас. За сите нас тоа е различно.

Тоа што може да помогне е да признаеме како се чувствуваме. Иако чувствата на осаменост може да бидат алармантни, тие се сигнал за да преземете акција. Исто како што чувствувањето на жед ни дава сигнал дека ни треба повеќе хидратација, осаменоста може да се гледа како сигнал дека ни треба повеќе човечка поврзаност.

Одвојување време за семејството и пријателите. Време за развивање квалитетни врски. Барајте луѓе кои споделуваат слични ставови, интереси и вредности со вас.

Бидете креативни. Без разлика дали сакате цртање, слушање музика, танцување или што било друго креативно, свртувањето кон уметноста може да помогне во ублажувањето на осаменоста.

Голем број на експерти говорат дека свртувањето кон уметноста може да биде катарзично, помагајќи ни да изразиме како се чувствуваме внатре. А воедно и овој вид на уметничката терапија може да помогне во расположението, борбата против стресот и зајакнувањето на самодовербата

Практикувајте ги хобијата во кои уживате. За време на пандемијата, многу луѓе повторно се обединија со своите интереси и хобија, без разлика кои се тие. Тоа што е важно е дека одвојувате време за активностите што ги сакате е одлична форма на грижа за себе. Ги разгорува вашите страсти, ја користи вашата креативност, ви дава нешто на што треба да се радувате и може да ви помогне да развиете нови пријателства со тоа што ќе ве поврзе со други кои споделуваат слични ставови како вас.

Одете на отворено. Движете се. Излегувањето надвор и физичката активност го поттикнуваат расположението, така што излегувањето на отворено може да помогне да се избркаат некои од негативните влијанија поврзани со осаменоста.

Разговарајте со некој на кого му верувате. Без разлика дали сакате да се доверите на некој близок или претпочитате да се пријавите за групна терапија или индивидуални сесии за советување, само по неколку сесии може да увидите подобрување на самодовербата и намалување на чувството на осаменост.

Јас верувам дека тоа што помага е токму тоа всушност не довело до таа состојба, ако гледаме на зголемувањето на чувството на осаменоста како една надолна спирала која започнува од еден негативен настан кој носи негативни мисли и чувства и доведува до повлекување од социјалните контакти, истиот процес може да се направи да функционира обратно и да произведе позитивна промена. Увидот од што е тоа што не довело во осаменоста и препознавање на негативните мисли и чувства и со помош на психолошки техники истите да ги преврамиме. Искуството на позитивна промена и вербата во таа промена не води во промена во однесувањето и впуштање во активности и поврзаност кои ја намалуваат осаменоста.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,229FansLike
2,744FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ