26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

М-р Билјана Стојановска: Често не може да забележиме дека некој има анорексија

Анорексијата е психолошки проблем затоа што децата немаат стекнато механизми за справување со емоциите. Ако нешто родителот го каже на смеа, дебел си или дебела си, тоа кај детето прави земјотрес. Детето нема механизми како да се справи и нормалното сфаќањето на децата и нивниот неврофизиолошки развој, немаат толкави капацитети тоа да го обработи, па за жал пораката ја разбираат како тие да се смешни, дебели, не се убави, вели во интервју за Приказна, м-рБилјна Стојановска, псхихолог, гештал и интегративен советник

Што е анорексија?

Стојановска За прв пат анорексијата е спомната во класификација на американската психијатриска асоцијација во 1980 година како нарушување во детство и адолесценција. Во другата меѓународна класификација на болести спаѓа во нарушување на исхрана, неограничено со возраст и со род. Може да се јави на различна возраст и кај машки и кај женски. Веројатно американската психијатриска асоцијација поаѓа од генералното, од најзастапеното дека анорексијата се јавува најчесто помеѓу 14 и 16 години. Кај булимијата границата е погоре.

Кои се знаците кои укажуваат дека едно лице има анорексија?

Стојановска Долго време може да помине незабележливо. Тоа е така затоа што додека не го афектираат телото, телесни состојби, хормони, не се бара помош и не се забележува. Дури и самото дете или личност, нема свесност дека има анорексија. Кога ќе се појават проблеми со хормони, кога ќе се појави нарушување кај жените во менструалниот циклус, кога депресијата ќе направи проблем во секојдневното функционирање, со посетата на психијатар ќе се открие и тоа дека има проблем и во исхраната.

Дали комуникацијата, родителите, блиските кога ќе укажат дека некој има поголема тежина, дали тоа е некој импулс или станува збор за нешто што психолошки се случува?

Стојановска Тоа е психолошки импулс кој прави проблем. И зголемената тежина е здравствен проблем секако. Анорексијата е психолошки проблем затоа што децата немаат стекнато механизми за справување со емоциите. Ако нешто родителот го каже на смеа, дебел си или дебела си, тоа кај детето прави земјотрес. Детето нема механизми како да се справи и нормалното сфаќањето на децата и нивниот неврофизиолошки развој, немаат толкави капацитети тоа да го обработи, па за жал пораката ја разбираат како тие да се смешни, дебели, не се убави.

Затоа сметам дека треба да се направи баланс. Сега има мајки кои се грижат за себе и за исхраната, детето гледа. Морам да апелирам дека вината не е кај родителите. Често се случува кога ќе дојдат кај мене сосема за друг проблем, пример дека детето попуштило со оценките, па после доаѓа до самоповредување, па откривам дека доаѓа до нарушување во исхраната. Имам пракса да работам и со родителите, за што било. Родителите во вакви ситуации се наоѓаат погодени, знаат и да прекинат со терапии, а други пак ја бараат вината во себе.

Родителството се учи, си бара доста работа. Како што учиме интелектуално, исто се учи и емоционалното контактирање. Не можеме секогаш да сме свесни за тоа. Убаво е и родителот да помине еден терапевтски процес, да се потсети на развијната фаза и на индивидуалните карактеристики на детето. Не е секое дете исто.

Има разни теории за анорексијата. Некаде стои дека е отфрлање, злоупотребување, перфекционизам. Но, не секое отфрлено дете станува анорексично. Се гледаат и индивидуалните капацитети на детето. Во гешталт терапијата се гледа симптомот, личноста и средината. Друга теорија е дека се нашло нарушување во делот на хипоталамусот којшто е одговорен за исхраната, сексуалните функции и менструалниот циклус. Но, не е најдено дали е прво анорексијата или нарушувањето. Може да е и обратно. Од губење многу килограми, да дојде до нарушувањето.

Најчесто доаѓа до откривање на анорексијата кога ќе дојде некој посериозен проблем. Не мора да е губењето килограми. Може да се забележи кога ќе дојде до нарушување на менструалниот циклус, кога депресијата ќе стане голема пречка. Се смета дека најголемата смртност од психолошките нарушувања е токму поради анорексијата. Половина од смртните случаи се од самоубиство. Депресијата како симптом треба сериозно да се сфати.

Дали училиштето и наставниците треба да бидат запознаени со таа проблематика?

Стојановска Секогаш сум се трудела да ги правам тие едукации за емоционална интелигенција, за резилиентноста, асертивноста, тоа што и образованието и родителите би требало да го направат е од рана возраст да се вклучи емоционалната интелигенција, учење на емоциите, емоционална размена.

Еден симптом што е многу чест кај анорексија е алекситимијата. Тоа е непрепознавање на сопствените емоции, непрепознавање на туѓите емоции и како да се реагира. Може да биде недостаток на емпатија.

Луѓето на подоцнежна возраст знаат да се јават и да кажат дека не знаат што чувствуваат. Тоа „не знам“ е алармантен симптом кај депресија. Кај алекситимија исто се јавува „не знам што чувствувам“. Секој тип на интелигенција се учи. Интелектуалната се развива до 16, но емоционалната и социјалната се учат и развиваат.

Документарен магазин Приказна

Кои се предиспозициите кои може да бидат причина за анорексија?

Стојановска Како генетска предиспозиција е и начинот на функционирање на една семејна динамика, не е тоа во генот, тоа е надворешен фактор кој се пренесува генерациски и културата на јадење, општеството се си делува. Јас не сум склона кон генетските теории, повеќе сум на еден интегративен пристап.

Дали анорексијата може да се излекува и зошто се повторува?

Стојановска Секако дека може да се лекува. Некаде во заднина во повеќето теории што се понудени мене ми е најприфатлива онаа децата, адолесцентите испробуваат начини да се справат со некој проблем, како и сите ние што испробуваме. Не сите се успешни начини. И овде е испробување на внатрешен притисок, затоа е придружно со овие нарушувања на исхраната и самоповредувањето.

Психичката болка да се пренасочи на телесна болка. Преку повредувањето, изгладнувањето, така да тоа е начин на справување со притисок, со емоционални кризи, на неефикасен начин. Затоа е и тоа криење. Често постои несвесност дека некој има анорексија, ама некогаш постои и свесност и криење, срам, вина, самоконтрола. Кај анорексија постои еден парадокс на самоконтрола. Често, личноста има голема контрола врз исхраната, внесување на калории, вежбање. Учи супер, во други области е одлична, а има внатрешно чувство дека работите се надвор од контрола. Секој сака да има контрола на работите, но тоа на 12 години и на 30, 40 имаме различен начин на сфаќање и искуство.

Како се лекува анорексијата?

Стојановска Психотерапијата е прва, антидепресивите секако. Депресијата е сериозна. Не е важно што прво се појавува. Доаѓаат родителите со детето и очекуваат да правам магии. Прво и основно е довербата што детето треба да ја стекне. Родителите очекуваат да оди тоа многу брзо и често се навредени кога ќе ги повикам поединечно.

Долготрајна е психотерапијата. Психотерапијата е за личен развој. Таа е процес кој трае. Она што може родителите да го забележат порано кај анорексијата е една преголема контрола во однесувањето, неспонтаност кај детето, однесување како возрасен. Во некои од теориите беше и желбата да се стане независен и стравот да се порасне и некомуницирањето за емоциите.

Возрасна личност етички не мора да се повика бидејќи е возрасна личност. Најчесто се јавуваат за други проблеми, релациите со другите, нарушено им се односите со другите или некои поголеми животни промени, и сфаќаме низ разговор дека клиентката брои калории, вежба по неколку часа, наоѓа излез од тие промени и ги зафаќаме сите теми и доаѓаме до свесноста.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ