16.8 C
Skopje
Sunday, May 29, 2022
spot_img

ИНТЕРВЈУ Младеновска Јеленковиќ: приказната за македонското вино има силен потенцијал

Со Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“, разговаравме за унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна интеграција на вината од Македонија и регионот во глобалната и европска економија. Какви се потенцијалите на македонската винска индустрија, како и кои се приоритетите во однос на унапредувањето на конкурентноста.

Можно е да е слика од 2 луѓе, седнати луѓе, внатре и текст кој вели „EUROP HOUSE риказна азна“
Интервју со Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“

Приказна Каква е винската сцена во нашата земја?

Младеновска – Јеленковиќ Македонија е традиционален производител на вино, од пред 5 илјади години датира првиот археолошки пронајдок, верувам дека има уште постари докази, меѓутоа, за жал сè уште се бориме со градењето на имиџот.

Винската сцена во Македонија се развива во последните години и интензивно, во моментов има регистрирано 101 винарија во Македонија, до крајот на минатата година нивниот број беше 78. Зголемувањето на бројот се должи и заради промената на законската регулатива, се дозволи и физичките лица да отворат и да регистрираат мали винарии. Ова е значителен придонес за развојот на винската сцена.

Годишно во Македонија се произведуваат од 90-120 милиони литри вино. Количината зависи од квалитетот на бербата, од временските услови. Во државата се консумира од 15 до 20 отсто од вкупно произведеното вино, остатокот оди за извоз. Традиционално, Македонија е препознатлива како производител на наливно вино, во последните десетина години се обидуваме да ја смениме таа слика.

Пред десетина години, само 10 проценти од извезеното вино било флаширано. На крајот од минатата година, близу 40 проценти од вкупната количина е извезено како флаширано вино. Тоа значи дека македонските винарии стануваат сè посвесни и се посветуваат на развој на своите бизниси во насока на производство на поквалитетни вина коишто за економијата значат поголем влијание.

Приказна Може ли да се развива вински туризам?

Младеновска – Јеленковиќ Секој сака да побегне од секојдневието, па сака да отиде во рурална средина. Во таа насока, секој турист, секогаш седнува во некој ресторан и пробува македонска храна и македонско вино. Во насока на развојот на винскиот туризам и соработката на регионално ниво, нашето здружение беше иницијатор и пред три години ја оформивме балканската винска мрежа. Во моментов таа има 20 здруженија, невладини организации и институции од шесте земји од Западен Балкан. Заедно работиме на проекти поврзани со лозарството, винарството и винскиот туризам.

Приказна Каде е земјава на винската мапа?

Младеновска – Јеленковиќ За жал, сè уште не сме добро позиционирани на винската мапа, иако имаме долга традиција на винопроизводство, имаме одлично и квалитетно вино кое може да се носи рамо до рамо со останатите светски производители. За жал, сè уште немаме развиено систем на географски ознаки.

Ние како здружение веќе работиме и инициравме проект со германската Агенција за поддршка за развој на тие стандарди, кои се потребни за да се дефинира кое вино од каде потекнува и со каков квалитет е. Неопходно е да се дефинираат тие стандарди на квалитет.

Приказна Имаме винарии кои се грижат да се претставуваат на натпревари и од таму се враќаат со признанија. Колку признанијата се значајни за да укажат дека некое вино поседува квалитет?

Младеновска – Јеленковиќ За светските потрошувачи се многу значајни. Почна да станува актуелно тоа и кај нас.

Кога ќе отидете во кој било маркет во светот или во кој било вински салон можете да видите илјадници етикети, токму тие награди што ги ставаат винопроизводителите во вид на маркици како златни или сребрени медали, може да биде некаква компетитивна предност, па на луѓето што не се доволно добри познавачи на виното тоа да им биде некаков синоним и гаранција за квалитет, бидејќи на тие вински натпревари одат по илјадници судии и вински познавачи кои ги оценуваат тие вина.

Може да се пофалам дека нашите македонски вина ги освојуваат тие награди и секоја година расте бројот на награди што ги добиваме на интернационално ниво.

Приказна Дали тие награди значат дека расте интересот за вината?

Младеновска – Јеленковиќ Не толку многу бидејќи има голема конкуренција на меѓународно ниво. Награди добиваат многу земји, многу региони.

Ние за жал не сме доволно познати како вински регион и во таа насока ги правиме сите напори од здружението „Вино од Македонија“. Што се однесува на тоа колку винските критичари нè познаваат, се трудиме во нашите напори за меѓународна промоција на македонското вино – присутни сме на најголемите меѓународни саеми, организираме дегустации и мастер класови на пазари за кои сметаме дека има најголем потенцијал и со здружени напори со винариите и ресорното Министерство за земјоделство успеваме да сме присутни таму.

Понекогаш правиме акции, ги носиме познатите вински критичари во нашата земја, да ги запознаат винариите, да видат како се произведуваат македонските вина, па понатаму тие да ја прошират таа приказна.

Приказна Вранецот е најпозната сорта на вино во Македонија. Што тоа значи?

Младеновска – Јеленковиќ Вранецот е карактеристична сорта за целиот регион. Најголем производител на вранец е нашата земја, потоа е Црна Гора, од каде официјално потекнува вранецот како сорта, присутен е на Косово, во Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и мал дел на насади во Хрватска.

Она што е интересно дека калифорнискиот институт „Јуси Дејвис“ има насадено едно опитно поле на кое ги следат перформансите на вранецот бидејќи вранецот значи црн, моќен коњ и како сорта е многу издржлив на временски промени. Верувам дека ќе имаме соработка со нив, за да го донесеме вранецот на еден пиедестал на интернационално ниво затоа што со климатските промени се очекува да бидат поактуелни оние сорти кои се поиздржливи и она што се случи со малбекот од Франција, а си го најде своето место во Аргентина, па така и вранецот да се развива во други краеви од светот.

Поведени од таа наша гордост, дека сме најголеми производители на Вранец, а во соработка со нашите партнери во регионот, пред три години го инициравме светскиот ден на сортата вранец, во насока на промоција на нашата земја како винска земја, со цел преку вранецот и приказната за него да ги промовираме и останатите локални и регионални сорти. Тој ден се одбележува на 5-ти октомври, каниме различни експерти кои ги пробуваат вината од сортата вранец и понатаму тие ја шират приказната за оваа сорта.

Вранецот како сорта и вино се одликува со моќни, јаки танини, темно-црвена рубин боја и ние во регионот сме навикнати на такви јаки вина, меѓутоа љубителите на вино во светот повеќе преферираат бленд од вранец и каберне совињон или со мерло.

Приказна Во светот е сè поактуелен трендот на производство на органско вино. Како стои Македонија во тој поглед?

Младеновска – Јеленковиќ Работиме на законска регулатива, заедно со ресорното министерство за да се дефинираат критериумите за производство на органско вино. Во Македонија постојат производители коишто произведуваат органско вино, но сè уште не можат да го декларираат заради тие законски пречки.

Верувам дека наскоро ќе го решиме и тоа, па понатаму ќе следат изненадувања. Инаку, засега тоа се ограничен број на винарии кои се посветија на органско производство, но тој број ќе расте затоа што љубителите на вино и потрошувачите во светот бараат органско вино. За да ги следиме потребите на потрошувачите, треба да се адаптираме и да го следиме трендот.

Приказна посветена на винските приказни

Приказна Кои се проблемите и предизвиците со кои се соочуваат македонските винопроизводители?

Младеновска – Јеленковиќ Постојат многу предизвици, особено сега во пандемијата кога се бележи висока турбуленција на винската сцена.

Проблеми имаше и претходно, но најглавен проблем е дека не сме препознатливи како винска земја и прво мора да го изградиме тој имиџ, а тоа значи неопходно воспоставување на стандарди за производство. Понатаму, пробивање на нови пазари, наоѓање на нови потрошувачи, се соочуваме со извонредно висока конкуренција од страна на познати светски вински региони. Истите тие региони настапуваат на пазарот со намалување на цените, од една страна винариите се притиснати од висока конкуренција, со квалитетни вина, а ниски цени, а од друга страна винариите се притиснати и од цените за грозјето, цените за репроматеријали кои секојдневно поскапуваат. Затоа ни се потребни стандарди и воспоставување на баланс, да може да се направи класификација на цените на грозјето и цените на вината коишто се извезуваат.

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,398FansLike
1,404FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ