4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Михајло Лахтов: Медиумската писменост ќе помогне децата да научат да дебатираат и самите да ги најдат одговорите

Кога ќе му го дадете мобилниот на детето да гледа цртани, тоа доаѓа во контакт со медиумски содржини. Потребно е да се зборува со него, што тоа разбира, дали сфаќа дали е тоа реклама или направено за забава, дали може да направи разлика меѓу медиумот и реалноста. Затоа што првата лекција е дека мора да сфатиме дека медиумите не се реалност, тие само пренесуваат дел од реалноста. Некои медиуми за жал пренесуваат и извртена реалност, дезинформации коишто не се ни блиску до реалноста. Денес е тоа многу важно, вели во интервју за Приказна, Михајло Лахтов, директор на проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Што значи терминот медиумска писменост?

Михајло Лахтов Медиумската писменост генерално е продолжување на писменоста. Кога зборуваме за писменост, ние зборуваме не само за способност за читање и пишување.

Денес, кога зборуваме за писменост, зборуваме за нешто повеќе, односно дали знаеме да го разбереме тоа што го читаме и дали знаеме да го артикулираме тоа што го гледаме, слушаме и читаме. Во тој контекст се надоврзува и медиумската писменост, односно начинот на кој ги сфаќаме медиумските пораки коишто стигнуваат до нас, дали знаеме да создадеме медиумски содржини и пораки, бидејќи денес ние како граѓани сме целосно вклучени на процесот на создавање на медиумски пораки.

Ако пред 20-тина години ние бевме само приматели на медиумски пораки и содржини, традиционалните медиуми се еднонасочни, денес ние сме активно вклучени во тој процес, добиваме медиумски пораки, но и ние создаваме. Дали создаваме кратки видеа и фотографии за Инстаграм или објави на Фејсбук, или одговараме или се вклучуваме во дебата, сето тоа е еден начин и процес кој се одвива преку медиумите.

Во литературата медиумската писменост се дефинира како способност да се анализира медиумска содржина и да се евалуира што значи критички да се обработи, способност да се создаваат медиумски пораки и како сето тоа да го искористиме во животот.

Каков е процесот на создавање на информацијата?

Михајло Лахтов Медиумската анализа е важна исто како евалуацијата односно процената дали зборуваме за дезинформации, за професионално обработена информација. Анализата значи дали ние можеме да процениме кој ја направил и создал оваа информација, зошто ја создал, со какви техники се користел за да го привлече моето внимание, какви ставови и вредности и чии ставови и вредности пренесува преку таа информација, што содржи таа медиумска порака а што е испуштено. Тоа се некои многу важни работи, кои треба многу внимателно да се третираат и работат со децата од најмала возраст. Уште кога ќе дојдат во контакт со медиуми. Кога ќе му го дадете мобилниот на детето да гледа цртани, тоа доаѓа во контакт со медиумски содржини. Потребно е да се зборува со него, што тоа разбира, дали сфаќа дали е тоа реклама или направено за забава, дали може да направи разлика меѓу медиумот и реалноста. Затоа што првата лекција е дека мора да сфатиме дека медиумите не се реалност, тие само пренесуваат дел од реалноста. Некои медиуми за жал пренесуваат и извртена реалност, дезинформации коишто не се ни блиску до реалноста. Денес е тоа многу важно.

Документарен магазин Приказна

Податоците од едно британско истражување покажуваат дека децата во Британија покажуваат дека децата разликуваат дезинформација од информација, односно знаат да имаат критична свесност, вештини за писменост, кои знаат да разликуваат медиуми од манипулатори. Каква е состојбата кај нас?

Михајло Лахтов Во Британија направиле сериозна анализа, се определиле за методолошки пристап, ние такви истражувања немаме. Тоа што ние како проект го правиме, соработуваме со неколку институции во целиот процес, вклучувајќи го Министерството за образование, Биро за развој на образование, заедно со Државниот испитен центар се вклучивме во тестирањето на третоодделенци и вклучивме прашања на цел дел на читање со разбирање, медиумска писменост и критичко разбирање, резултатите од тоа тестирање на еден сериозен примерок, ќе ни дадат некои одговори каде се наоѓаат нашите третоодделенци, а после неколку години повторно ќе направиме тестирање и ќе видиме дали низ годините нашиот проект придонел нешто околу тоа и имаме некое поместување на работите.

Сметам дека помладите генерации имаат веќе некоја стекната способност кои се родени со дигиталните апарати в раце, и тие имаат поголеми способности да препознаат и да најдат начин како да разликуваат дезинформации од професионално обработени информации.

Интернетот денес е море на безгранични можности и колку може да го користите за позитивни работи, може да го користите и за негативни. Вие сте бомбардирани од илјадници информации и голем предизвик е кои информации денес ќе ги консумирате, каков тип на информации. Голем дел од содржините немаат ограничено возраст. Тука е улогата на родителите и наставниците.

Ние почнавме да креираме прирачник за родители за медиумска писменост. Првата брошура која ќе излезе ќе биде за деца од 2-10 години. Потоа ќе одиме со брошури за родители со деца од повисока возраст кои се соочуваат со поинакви предизвици. Многу е важно родителите да поминуваат време со децата кога тие консумираат медиумска содржина.

Има еден пример кој го користам на обуките. Еден татко на три ќерки влегува во продавница и на рафтот еден до друг се ставени две списанија, едното се вика светот на момчињата, другиот светот на девојчињата. На насловната страница за момчињата се претставени пожарникарско возило, микроскоп, додека целата страна за девојчињата е како да бидеш убава кога ќе се разбудиш, кои шминки да ги користиш а да не те приметат во училиште. Тој почнува процес, реагира, пишува неколку објави и станува дебата пред неколку години. Таквите стереотипи во медиумите, таквите претставувања на мажите и жените, презентирање на поинаквите од себе, постојат, меѓутоа треба да се работи со децата од најмала возраст тоа да го препознаваат, да не стане урнек на однесување.

Инфлуенсерите и моќните ликови во денешно време се медиуми кои свесно или несвесно пренесуваат дискриминаторски пораки. Дали и на нив треба да им се пренесе таа медиумска писменост како вештина?

Михајло Лахтов Медиумската писменост треба да се пренесува секаде. Тоа е модерен пристап и е актуелен, и претставува продолжен сегмент на писменоста. Треба да разликуваме што е новинарска информација, а што е информација. Дали информацијата на Фејсбук е новинарска информација? Не. Новинарската информација за да биде професионални информација, ја подготвуваат професионалци кои се водат според правила и начела кои професијата ги пропишала. Постои кодекс на новинари, правила, стандарди итн.

Новите медиуми овозможија на сите да го кажат своето мислење. Така и инфлуенсерите или тие што влијаат врз јавното мислење. Некогаш се тоа нивни ставови, некогаш се на компанијата коишто ги поддржуваат. Новото време си носи нови специфики. Голем дел од нив имаат 10 пати повеќе следбеници или луѓе кои ги читаат од дневен весник. Работите се менуваат во оваа сфера.

Како да ја создадеме масата на критичност за да препознаваме, колку медиумската писменост ќе ни овозможи таа вештина да ја развиеме за да се справиме со неа?

Михајло Лахтов Медиумската писменост е клучна. Таа се заснова на критичко размислување и аналитички пристап. Тоа се обидуваме преку проектот, да го вклучиме во наставните програми. За прв пат во образованието вклучуваме содржини на медиумска писменост од прво одделение до крајот на основно, средно и високото образование. Критичкото размислување значи поставување прашања. Образованието е систем во којшто ќе се поставуваат прашања. Децата нема да се ограничат при поставување прашања. Единствено поставувањето прашање доведува до наоѓање одговори.

Критичко размислување, поставување прашања во едукативниот процес и да се едуцираат наставниците да го мотивираат тој процес, затоа што не е срамота ако немате одговори на сите прашања. Никој нема одговор на сите прашања. Меѓутоа на тој начин ги ослободувате децата да влезат во дебата и тие сами може да ги пронајдат одговорите и да им дадете насоки.

Едукацијата на наставниците е повеќе од потребна. Дали се подготвени нашите наставници да прифатат едукација за медиумска писменост?

Михајло Лахтов Многу луѓе гледаат вина кај наставниците, во нивната мотивираност, но другата страна е дека многу малку се вложува во наставниците. Заедно со Бирото за развој на образованието влеговме во сериозен процес на обука на наставниците. Најпрво обучуваме 100-тина наставници обучувачи, а потоа уште 3.000 наставници од 2-ро и 5-то одделение. Мора да се работи не само со наставниците, на ова општество му треба остручување во секоја област. Доколку луѓето не знаат треба да ги обучите.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,817FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ