4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Михаела и Филип Илиоски заедно со својот шестмесечен син Исак, го искачија највисокиот врв во Македонија, Кораб

Михаела и Филип Илиоски се големи љубители на планините. Велат дека како што си го чувствуваат домот во кој живеат, така ги чувствуваат и планините.

Ние со Филип планинариме одамна, има 4-5 години. Додека не се роди Исак, бевме послободни и можевме да планинариме често. Сега тоа е намалено. Тоа е нормално бидејќи детето си бара внимание. Со Филип планинариме и планините ги чувствуваме како свој втор дом. Кога одиме на планина се чувствуваме како свои. Можеме да се пронајдеме себеси, да дишиме чист воздух, да уживаме, да го гледаме светот одозгора. Едноставно планините ја заменуваат куќата во којашто седиме, раскажува Михаела

Планинарат повеќе од 5 години заедно. Оттогаш имаат посетено доста врвови и планини во Македонија.

Во Македонија имаме посетено многу врвови и планини. Меѓу нив се Селечка планина, врвот Висока, Коњарник, Солунска Глава, Љуботен, Титов врв, Пелистер и други, споделува Филип.

Приказната на Михаела и нејзиниот сопруг Филип, кои заедно со својот шестмесечен син Исак, го искачија највисокиот врв во Македонија, врвот Кораб, ќе им пркоси на сите оние кои имаат оправдувања дека не се во можност да планинарат поради обврските кон своите деца.

Најпрво се двоумевме со Михаела дали да го носиме Исак со нас. Тој наполни 5 месеци, и другиот ден сакавме да одиме. Заедно одлучивме да го земеме со нас. Го следевме времето и временската прогноза, беше идеална. Во возила отидовме до караулата Победа, од каде што започнува планинарската тура. Потоа се упативме до самиот врв. Турата е долга 10 км во еден правец. Поголемиот дел од времето, Исак спиеше. Одвреме навреме се будеше со насмевка, ќе јадеше, па повторно продолжувавме. Се помина прекрасно. На врвот имаше планинари од различни држави. Сите беа восхитени кога го видоа Исак, а и тој беше цело време насмеан, раскажува Филип.

Но, сепак пред да тргнете со бебе на планина треба да бидете внимателни, искусни и да ги почитувате правилата на планината и да се обезбедите со соодветна опрема.

Најважно кога ќе тргнете со бебе на планина е да вложите во ранец. Тоа е најважното. Како што ние вложуваме во добри чевли и опрема, за детето ранецот е неопходен. Најважно е исто така покрај ранецот, детето да има скафандер, потребна опрема како чизми, чевли, јакна, шапка, нараквици и да се знае на која планина се оди, да се следат временските услови. Доколку почувствувате дека на вашето малечко не му е добро, треба да се вратите назад. Важно е да го гледате детето како тоа се однесува, дали се смее, дали е среќно, дали спие, дали јаде како вообичаено. На големи висини воздухот е поразреден, па повеќе ќе му се јаде и спие. Кога се качивме на Кораб, детето се смееше. Сите се чудевме како може едно мало дете од 6 месеци, да разбира каде е и да има чувства како и ние. Сакам да кажам дека најважно од се е да се има опрема, храна и вода. Ранецот го носи Филип. Тој ранец мора да биде посебно наменет за деца. Тие ранци вообичаено се за деца од 6 месеци па нагоре, споделува Михаела.

Сега овој период е доцна да се оди со деца на врвови. Ние веќе не го носиме Исак. Бидејќи временските услови се навистина лоши, претходната недела бевме на Титов врв и имаше снег. Исак не беше со нас. Температурите паѓаат под 0 и е ризично за мали деца. На идните родители, иако ги има во помал број, би им препорачала најпрво да се опремат со ранец, скафандер, шишиња, цуцли, цела потребна опрема за бебе, вклучувајќи ги јакните, шапки, ракавици бидејќи времето на планина е непредвидливо. Имавме неуспешен обид со Исак, на Солунска глава. Се искачивме на само 100 м под врвот, почна да дува ветер од околу 40 км/ч. Исак, поради бучењето од ветерот почна да плаче, па се вративме назад. Ние сме задоволни што стигнавме до таму. Мене Солунска глава ми е еден од омилените врвови. Важно е дека пробавме. Догодина сигурно повторно ќе се искачиме. Многу е важно како се чувствува вашето малечко и неговото здравје. Не очекувајте дека секогаш ќе се искачите. Најважно е детето да оди со вас и што се трудите да бидете заедно, додава Михаела.

Докуменатрен магазин Приказна

Покрај успешните тури имале и неуспешно искачување на Солунска Глава, каде на 100 метри пред завршетокот почнало да дува силен ветер и морале да се вратат назад. Михаела и Филип ги советуваат родителите да не се двоумат за тоа дали треба да го носат своето дете на планина, но со многу дисциплина, свесност и послушност. Насмевката на малиот Исак нека биде инспирација и водилка за сите родители, дека заедно со нивните мали деца може да тргнат во поход кон освојување на нашите убави македонски планини и врвови.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,818FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ