12.8 C
Skopje
Thursday, September 29, 2022
spot_img

Митко Јордановски: Херојски во битка со ракот на кожата

Митко Јордановски е човек кој не воодушеви со храброста и оптимизмот и покрај битката со која се справувал. Тој е тренер по пливање, има свој пливачки клуб Пирани, во кој работи со деца. Ни ја раскажа неговата лична приказна во справувањето со ракот на кожата.  Митко пред неколку години бил пливач, репрезентативец на Македонија. Неговата приказна ја споделуваме на Приказна.

Пред шест години, случајно – при облекување, мајка ми забележа на грбот дека бенката ми е изменета и малку разлигавена. Отидов на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија каде ми кажаа дека веднаш треба да се извади. Операцијата ја направи доктор Маргарита Пенева, интервенцијата траеше околу половина час, ја почнува својата приказна Митко.

Правев и биопсија, но биопсијата покажа дека бенката е бенигна, па продолжив нормално со животот, како и претходно. После три години, една интересна приказна, бев на гости кај мојата баба, таа забележа и во неколку наврати ѝ кажа на мојата мајка да одам да се прегледам, дека нешто не е во ред со мене. Мајка ми прво не ја слушаше, а после третата опомена, отиде кај мојот матичен лекар за да направам ехо преглед под пазувите. По тој преглед, повторно ме упатија кај доктор Пенева којашто ме оперираше, за да ме прегледа дополнително и ми кажа дека мора итно да ми направат операција под двете пазуви на лимфните јазли. Операцијата ми беше закажана веднаш после Нова година бидејќи на преглед бев на 25-ти декември. Ме оперираа на 2 јануари, интервенцијата траеше 8 часа, исто така на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. По интервенцијата брзо закрепнав. И од двете страни ми извадија по една малигна клетка. Потоа следуваше прием на Клиниката за онкологија кај доктор Игор Стојковски, кому сум му многу благодарен, како и на докторот Нино Васев. По нивна препорака направив пет-скен и ми кажаа дека сум чист, немам ништо во телото.

Можно е да е слика од еден или повеќемина, седнати луѓе, внатре и текст кој вели „приказна“
Митко Јордановски

По пет месеци од оваа операција, почнаа проблеми со стомакот, повраќав, ослабев неколку килограми. На почетокот, докторите мислеа дека имам проблеми со желудникот. Скоро цел месец правев испитувања, за на крајот да ме прими д-р Караџов на одделот за абдомен, па констатираа дека имам преплет на тенкото црево. За овој проблем морав да правам операција, после која ми извадија тумор, кој бил причинител за преплетот на цревата.

Кога закрепнав и од оваа операција, заминав во Виена на консултации кај доктор Зелински кој во консултација со д-р Нино Васев, договорија да ми дадат имунолошка терапија. На почетокот имав мали проблеми со терапијата, бидејќи не беше на позитивната листа на Фондот за здравство, а е доста скапа, околу 12 илјади евра месечно. Во тоа време се запознав со Биба Додева и нејзиното здружение „Борка“ и сакам да изразам благодарност и до нив. Од тогаш, па еве до сега, всушност само што се вратив со добри вести, повторно правев пет-скен, немам ништо, сè е во ред. Од третата операција поминаа четири години.

Семејството му ја дало силата која му била потребна во најтешките мигови. Неговиот вујко е човекот чија поддршка му била најважна. 

Првиот пат кога отидов кај д-р Маргарита Пенева не отидов сам, бев со вујко ми. Затоа што кога ми открија дека нешто не е во ред под пазувите, прво што ми текна е да му се јавам на мојот вујко. Со него сум многу приврзан и многу ми помогна во целиот овој процес, во оваа моја борба. Отидовме заедно кај докторката и во прв момент сè ми изгледаше како филм, особено кога таа застана пред мене и ми кажа дека треба да правиме итна операција и дека имам рак на кожата, дека станува збор за меланом. На почетокот не го сфатив тоа толку сериозно, меѓутоа подоцна променив многу работи во животот и се сменив како човек првенствено. Човек мора и треба да биде јак, пред сè умствено, да мисли на позитивни работи. Кога ќе ви се случи ваква работа првенствено треба да гледате за себе, па после за сите останати.

Митко е инспирација. Во својата животна приказна бележи ново поглавје. Тој е тренер по пливање и оваа работа целосно го исполнува.

Пред две години почнав да работам како тренер по пливање, а повеќе од половина година, помина од формирањето на сопствениот пливачки клуб. Тоа ме прави многу среќен и ме исполнува, дома навистина си одам радосен. Децата ме сакаат, постојано ми носат цртежи и некакви подароци.

За крај, да ја послушаме неговата порака: Бидете позитивни. Правете ги работите кои ги сакате. Внимавајте при изложувањето на сонцето.

Митко ти си нашиот инспиративен херој. 

За Приказна, Бранка Чочкова, Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ