4.8 C
Skopje
Wednesday, November 30, 2022
spot_img

Милена Антовска Станковска: Не мора да бидеме совршени, за да бидеме среќни

Какво е вашето искуство во врска со вашата перцепција во јавноста како жена. Дали сте се соочиле со сексизам и дискриминација?

Милена Луѓето кај нас сметаат дека кога една жена ќе се омажи, ќе основа семејство, ќе има деца, треба само на тоа да се фокусира и ако е можно да не се врати на работното место, посебно кога станува збор за јавна професија. Јас воопшто не се согласувам со тоа. Се вратив на работа после Лана Марија, ќе се вратам на работа и откако ја родив Јоана, откако ќе ми заврши породилното отсуство.

Не само повозрасните, туку има и помлади луѓе коишто сметаат дека местото на жената е дома. Не знам за колку години ќе се искорени тоа, но сметам дека луѓето треба да сфатат дека жените се еднакви со мажите. Најсмешен коментар ми е дали мажот ти помага. Не, не ми помага. И тој живее во таа куќа и тој е родител на тие деца, и треба заеднички се да се прави.

Милена Антовска Станковска

Дали поставувањето стандарди за женска убавина преку медиумите, кога се портретираат жените, може да биде штетно?

Милена Може да биде штетно многу, посебно кај младите девојчиња коишто се преоптоварени со тоа дека сите треба да бидат високи, слаби, треба да имаат мускули, долга коса, трепки, уста. Сето тоа е влијание на социјалните мрежи, и тоа многу. Родителите треба да направат нешто за да ги заштитат своите деца. Ние не можеме да се оттргнеме од тоа. Социјалните мрежи постојат и ќе постојат. Не секоја девојка треба да биде висока, слаба, да има голема уста, мал нос, големи трепки итн.

Жената е убава сама за себе и само среќна жена е убава жена. Не мора да биде таа совршена фигура како што налагаат светските стандарди. Мислам дека родителите се тие кои треба многу паметно да изиграат, и тоа не само за девојчињата, туку и за момчињата. Момчињата исто така следат некои правила, коишто ако ги следат, им наметнуваат тренд да бидат популарни, почитувани итн.

Колку во рекламниот простор, расте бројот на одговорни брендови, кои во нивните комуникациски стратегии вклучуваат различни жени со внимателно одбрана порака, обидувајќи се да ги пресретнат стереотипите?

Милена Колку и да сакаме да ги почитуваме различностите, и во овој правец се оди во крајност. Да, секоја личност си е засебна. Некој има помалку некој повеќе килограми, но не треба да значи дека прекумерната телесна тежина треба да биде во ред, од аспект дека штети на здравјето. Со прекумерната телесна тежина подоцна можни се проблеми со шеќер, црн дроб итн.

Милена Антовска Станковска

Неодамна објавивте искрена исповед дека после второто породување не сте се вратила во посакуваната форма. Дали сакавте да охрабрите и други жени дека сè нормално и дека совршеноста на изгледот не треба да не преоптоварува?

Милена Жената треба да биде среќна со самата себе. Ако таа е среќна со 10 килограми повеќе тогаш е во ред. не треба друг да каже ти си дебела за оваа професија, или премногу стара или млада. Јас лично сметам дека треба да си намалам малку од телесната тежина којашто ја имам сега, затоа што сум цел живот научена да бидам малку послаба. Но, со оглед на тоа дека само 8 месеци се поминати од мојата втора бременост, сите ми велат нормално е да имаш малку повеќе килограми, и стомакот да не е спласнат, па ќе почекам уште некој месец.

Ако треба и нешто ќе преземам, но пак ќе кажам, затоа што јас така сакам, не затоа што сум роб на тие некои стереотипи и предрасуди. Еден апел до сите, да си го слушаат своето внатрешно јас, да си ги гледаат луѓето околу себе, и да се обидат да бидат среќни со тоа што го имаат и поседуваат. Ако не се моментално среќни, да направат нешто за да бидат среќни.

Магазин Приказна на тема Жените во јавната сфера, гордост и предрасуди

Дали жените се обединети во насока на менување на општеството за постигнување родова еднаквост? Каков е вашиот став?

Милена Се зборува повеќе од порано, тоа сигурно. Дали во вистински правец се носи таа дискусија, не можам да кажам, бидејќи многу луѓе се сфатени погрешно. Кога некој сакал да придонесе на некоја тема, како на пример некои табу теми како анксиозност и депресија, многу од тие луѓе коишто се одлучиле да зборуваат за тоа, се погрешно сфатени. Тоа е така затоа што многу луѓе се неинформирани и не знаат всушност за што станува збор.

Но, доброто е што почнува да се зборува за вакви теми. Како жената треба да изгледа, дека не е за дома итн., па еве не знам, се надевам за неколку години нема воопшто да зборуваме за таа тема, туку секој ќе си прави што сака, што му одговара. И секако, се надевам дека во иднина обврската жените да бидат тие што ќе остануваат дома, нема да биде само на жените, туку и мажите ќе можат да чуваат одреден период деца.

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,817FansLike
1,514FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ