Марта Наумовска Грнарова е сопственик и менаџер на најпознатата компанија за заварување во Македонија „Завар Дизајн“. Дипломирала на Машинскиот факултет во Скопје. Марта е првиот претседател на Македонската асоцијација за метална и електро индустрија – МАМЕИ. Во интервју за Приказна таа порачува дека ни требаат повеќе жени кои ќе се занимаваат со новите технологии и со инженерски професии.
Приказна Дали пандемијата ги менува лидерските одговорностите кај жените?
Наумовска Грнарова Секоја работна позиција, пред сè менаџерска, носи некакви одговорности, особено во овие кризни моменти, бидејќи пандемијата полека, но сигурно прераснува во економска криза. Одговорноста на еден менаџер е да ја води компанијата во одреден правец, со одредена визија, да обезбедува пазари, да обезбедува развој на своите вработени. Кога говориме за одговорност, таа е уште поизразена во вакви моменти. Секојдневните обврски на еден менаџер се насочени кон тоа, сите овие елементи од бизнисот да бидат задоволени.
Можеби во мојот случај тоа што е специфично е дека доаѓам од металната индустрија, којашто дури и во светски рамки од аспект на менаџментот, не е типично застапувана и менаџирана од жени. Меѓутоа, од друга страна, тоа дава можност да се отвори некој поразличен пристап во однос на размислувањето и во однос на водењето на компанијата и се надевам дека и во иднина од моето работење и мојата кариера ќе се потврди дека било така.
Приказна Како жените лидери реагираат на предизвиците?
Наумовска Грнарова Предизвиците нè прават да бидеме поупорни, прават поинтелигентно да ги решаваме самите проблеми и ни покажуваат пат како да постигнеме некои цели за коишто немаме добра стартна позиција.
Жените се повеќеслојни. Не се првенствено насочени кон профит, не се првенствено насочени кон бројки и резултати. Ако треба да издвоиме што е карактеристично за една жена лидер, би рекла дека тоа првенствено е атмосферата во компанијата. Важно им е луѓето да бидат среќни, да создадат една средина на растење и добра синергија.
Приказна Кои се предностите кои ги носи женското лидерство? Како да мотивираме повеќе жени лидери?
Наумовска Грнарова Кај нас можеби е останато уште од времето на социјализмот дека и жените треба да работат, ги немаме тие стеги дали жените треба или не треба да работат. На тоа што треба во иднина да се работи е да се охрабруваат жените е да газат на места коишто не се изгазени.
Сметам дека сега е многу актуелен недостатокот на жени во СТЕМ-професиите. Тоа е иднината и жените треба да се охрабруваат сè повеќе заради тоа што многу важни пронајдоци се реализирани од страна на жени. Жените мора да се занимаваат со новите технологии и со инженерски професии.
За Приказна,
Ване Маркоски
Бранка Чочкова