7.8 C
Skopje
Thursday, February 22, 2024
spot_img

Марија Стефанова: Физичките казни создаваат несигурни личности од децата

Многу често се случува и родителите да не знаат поради што казнуваат. Она што сакам да го напомнам не е во функција на осуда, туку е разбирање или давање поддршка. Мислам дека системски треба да се пристапи на таквиот проблем. Родителството е нешто што се учи. За среќа родителите многу често доаѓаат на терапија со искрени изјави: Јас не знам повеќе што да направам. Помогнете ми или научете ме тоа да не биде алтернатива. Таквиот начин на системски пристап со школи за родителство, со помош и поддршка на родителите ќе даде прилично добар ефект. Толеранција за насилство не постои, вели во интервју за Приказна, Марија Стефанова – клинички психолог, психотерапевт

Зошто физичкото казнување не е добра воспитна мерка за родителите?

Марија Стефанова – За жал сè уште физичката казна се користи како метода во воспитувањето. Физичкото казнување дава прилично лоша порака, а таа е дека односот родител – дете е од позиција на моќ.

Помоќните, повозрасните или оние кои се посилни им е дозволено да казнуваат, да повредуваат или да тепаат. Тоа децата може да го сфатат и како начин на решавање на проблемите во иднина. Од друга страна, чувството на немоќ коешто се раѓа кај децата во таков момент (чувството на бес и неправда и обезвреднување) носи со себе низа последици.

При физичката казна нападната е личноста. Не е тоа во функција на корекција на однесувањето, иако кај многу родители првичната идеја е да го санкционираат непосакуваното однесување. Тоа е директен напад на личноста и влијае прилично поништувачки.

Она што е важно да се спомене е дека можеби во таква ситуација кога родителите ја применуваат методата на воспитување преку физичко казнување, моменталната фрустрација кај родителот се намалува. Тоа е сосема непродуктивна метода која не доведува до корекции.

Ако го прашате детето кое е физички казнето, поради што е казнето, тоа нема да знае да одговори. Многу често децата, не разбираат зошто ја добиваат таа казна. Погубно во ситуацијата кога се применува физичката казна е дека децата растат со очекување дека таа следува во некоја ситуација без да знаат поради што се казнети. Кај децата се јавува прилично голема анксиозност и во исчекување на казната тие растат во личности коишто постојано се на штрек или стрепат за последиците на нивното однесување.

Многу често се случува и родителите да не знаат поради што казнуваат. Она што сакам да го напомнам не е во функција на осуда, туку е разбирање или давање поддршка. Мислам дека системски треба да се пристапи на таквиот проблем. Родителството е нешто што се учи. За среќа родителите многу често доаѓаат на терапија со искрени изјави: Јас не знам повеќе што да направам. Помогнете ми или научете ме тоа да не биде алтернатива.

Таквиот начин на системски пристап со школи за родителство, со помош и поддршка на родителите ќе даде прилично добар ефект. Толеранција за насилство не постои.

Документарен магазин Приказна

Во што ќе прерасне детето ако постојано е физички казнувано?

Марија Стефанова – Детето кое расте со физичка казна ја очекува истата. Од една страна му нудиме модел за решавање на проблемот кој во иднина единствено ќе му биде познат. Од друга страна чувството дека не е добро, а не знае зошто не е добро дете. Тоа прави големо незадоволство и ниска самодоверба. Така децата прераснуваат во личности кои се несигурни и од позиција на жртва наоѓаат неконструктивен начин да се справат со животот.

Во минатото почесто беше физичкото казнување. Некои веруваат дека кога биле тепани тоа го заслужиле и сега поради тоа се добри личности. Дали е погрешно ова мислење?

Марија Стефанова – Многу студии и истражувања потврдуваат дека насилникот во минатото бил или сведок на насилство или жртва. Така што ако некој рече што ми фали дека сум бил тепан, тоа е тема за голема дискусија. Има многу работи коишто би можеле да бидат поинакви доколку не било присутно физичкото насилство.

Се согласувам дека порано за жал тоа било поприфатливо како однесување. Имам впечаток дека сегашните родители многу посвесно влегуваат во улогата на родител. За среќа многу често работам со родители кои бараат начин и методи или сакаат да научат свесно и позитивно родителство со цел да не нанесат штета на личноста на детето.

Дали родителите со физичкото казнување оставаат порака дека тој што нè сака може и да нè повреди?

Марија Стефанова – Тоа е една од последиците, дуплата порака што ја добива детето. Во исто време родителот е тој којшто треба да ја даде сигурноста, поддршката, љубовта, а на моменти тој ја губи контролата и станува извор на несигурност за детето заради тоа што често го казнува. Со таквата дупла порака детето расте со идеја дека во љубовта е дозволена казната.

Начинот на којшто понатаму ќе ја искажува љубовта во животот ќе биде со допуштена казна.

Има и родители кои ги воспитуваат децата ако бидат удрени да вратат. Дали на овој начин му се дава погрешна порака на детето?

Марија Стефанова – Тоа е начин да се поттикне насилството. Во недостаток на друг поконструктивен совет, родителите често даваат таква препорака. Со тоа кажуваат дека е во ред детето да биде казнето и да казни.

Што се случува во семејства во кои физичкото казнување е секојдневие, а детето веќе е во пубертет? Како се разбираат?

Марија Стефанова – Тоа е една од последиците – прекинат контакт. Една од основните задачи на родителите е да ја одржуваат поврзаноста со децата. Физичкото казнување и тоа како влијае на оддалеченост т.е. прекинат контакт помеѓу родителот и детето. И понатаму низа проблеми коишто може да произлезат заради ненаоѓање начин конструктивно да се одржи авторитетот од страна на родителот. Кога родителите применуваат физичка казна авторитетот го задржуваат преку страв. Тоа е прилично нездрав однос кој понатаму може да резултира со низа проблеми.

Какви последици по психата има кај жртвата на физичко казнување?

Марија Стефанова – Првенствено чувството на немоќ и несигурност. Ако физичкото казнување е во рана возраст детето нема можност да изгради сигурност. Таквата несигурна основа понатаму резултира со ниска самодоверба, анксиозност и страв. Директна последица од физичката казна е чувството на неправда, бес, тага, депресивност и повлекување. Сето тоа е последица на примената порака „ ЈАС НЕ СУМ ВРЕДЕН.“

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,021FansLike
1,940FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ