27.8 C
Skopje
Tuesday, May 24, 2022
spot_img

Македонија прва во светот создаде вино со зелена боја

Бојата е она што го привлекува погледот кој е пресуден за наредните чекори, кои водат до конечната оценка за одреден производ. Тоа ме наведе да експериментирам со додатоци кои би му ја промениле бојата на виното, а притоа не би му смениле ниту една друга карактеристика. Нема додавање на вештачки ароми и засладувачи. Боите на виното се од растителни екстракти  и се сосема природни, а што е најважно немаат вкус и мирис туку се потполно неутрални, вели во интервју за „Приказна“, Проф. Влатко Тасев – енолог.

Фото: приватна архива

Кога се работи за вкусовите, да се размислува поиновативно и да се поместуваат границите, значи да се биде во тек со светските трендови, кои носат инспирација кон создавање на нешто ново и оригинално. Таква е идејата на професорот Влатко Тасев од Кавадарци,  кој се одлучува да направи новитет во винската индустрија, да произведе зелено и сино вино.

Моето семејство отсекогаш имало лозови насади. Дедо ми, покрај другите култури кои ги одгледувал насадил и неколку декари лозје. Така, покрај житото, некои видови зеленчук и афионот,  дедо ми одгледувал и лозје, кое во тоа време било без жици и колци. Од грозјето што го берел правел вино и ракија, нормално за свои потреби, бидејќи приносот бил многу скромен. Подоцна татко ми насадил десетина декари лозје во модерен облик и продолжил со традицијата на производство на вино и ракија. Се разбира и јас, од најрана возраст, бев присутен во сите процеси на работата на лозјето, а по бербата и во производството на вино и ракија. Така полека, но силно ме опфати магијата на овој благороден занает – винарството. Денес, правам црвено, бело и розе вино, сино и зелено, како и домашна ракија, вели за „Приказна“ – Проф. Влатко Тасев – енолог.

Технологијата според која се направени е строго чувана тајна. Виното е органско и е добиено од одбрани зрна грозје од најдоброто тиквешко грозје.

Бојата е она што го привлекува погледот кој е пресуден за наредните чекори, кои водат до конечната оценка за одреден производ. Тоа ме наведе да експериментирам со додатоци кои би му ја промениле бојата на виното, а притоа не би му смениле ниту една друга карактеристика. Значи нема додавање на вештачки ароми и засладувачи. Боите на виното се од растителни екстракти  и се сосема природни, а што е најважно немаат вкус и мирис туку се потполно неутрални, додава Тасев.

Фото: приватна архива

Идејата за ова вино ја имал уште пред десетина години, кога во својата мала винарија создава сино и зелено вино.

Обиди, се разбира имаше многу, но еве постигнав резултат кој ме задоволува. Со овие бои експериментирав уште пред десетина години и уште тогаш донекаде беа развиени. Но, во тоа време беше премногу смело тоа да се објави, па така остана во анонимност, во кругот на неколку мои пријатели. Кога се појави првото сино вино во Шпанија, ме провоцираше повторно да ги применам старите методи. Инаку најтежок дел од производството е да се создаде здраво и вкусно вино, кое понатаму може да се креира.

Синото вино во Шпанија го промовираше компанијата „Гик“, но сепак ексклузивитетот на зеленото, како прво вино со зелена боја во светот, останува за Македонија, а професор Тасев прв во својата земја кој имаше визија да направи нова приказна од убавите вина.

Можеби сум единствен, бидејќи не сум чул за некое друго македонско вино од ваков тип. Веројатно може да се живее  солидно од производството на овие вина, но тоа не е мојата крајна определба.  Јас сум наставник по професија и оваа дејност со виното е мое пасионирано хоби и сакам да остане тоа. Количината на производство е скромна, околу илјада литри, кои завршуваат главно во кругот на моите роднини и пријатели во заеднички дегустации и „вински“ разговори, додава за крај во интервјуто Тасев.

Документарниот магазин Приказна за винските приказни

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,388FansLike
1,398FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ