19.8 C
Skopje
Friday, April 12, 2024
spot_img

Маестра Дијана Имери Илкоска во Грузија, настапи со Младинскиот камерен оркестар како прва жена диригент

Аплаузи, стоечки овации и позитивни коментари доживеа македонската диригентка, маестра Дијана Имери Илкоска, по концертот којшто на 6 ноември се одржа во преполната сала на Државниот конзерваториум „Вано Сараишвили“ во Тбилиси, Грузија.

Маестра Имери Илкоска диригираше со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“, а во Грузија отпатува на специјална покана од престижниот Камерен фестивал на Тбилиси, еден од најзначајните настани за љубителите на класичната музика.

Финалниот концерт на фестивалот кој секоја година се одржува од 2 до 6 ноември, со нашата маестра значеше и блескава круна на културните случувања во главниот град на Грузија.

И за време на пробите кои се одвиваа фантастично, а особено после концертот, се слушаа изјави од типот: „… за нас е огромна чест што соработуваме со Вас …“, „… првпат диригира жена со нашиот оркестар …“, „… навистина направивме фантастичен концерт по Ваша заслуга …“ итн.

Заедно со Младинскиот оркестар „Гија Канчели“, и маестра Имери Илкоска, како солисти настапија тројцата пијанисти со зад себе завидна кариера:

Давид Аладашвили (Грузија), Мариана Ахба (Грузија/Франција) и Луис Швицгебел Ванг (Швајцарија), а на програмата беа изведени делата: Уверирата од „Дон Џовани“ од Волфганг Амадеус Моцарт, Концертот за две пијана од Моцарт, како и Концертот за две пијана од Франсис Пуланк.

„Сè уште ме држат позитивните впечатоци од настанот и од целата соработка со престижниот оркестар“, вели маестра Имери Илкоска. „Оваа покана за мене лично беше огромна чест, но на некој начин претставува и историски чин, затоа што бев првата жена којашто диригираше со тој оркестар. Но, и воопшто првата жена во таа концертна сала каде што има настапувано и славниот Сергеј Рахмањинов“.

Таа додава и дека навистина посебно се чувствувала во салата каде што се одржувале пробите – „Палата на младоста“, местото во коешто е потпишан Уставот на Грузија.

„И таму бев првата жена што застанала со оркестар како диригент. Всушност, огромна чест беше за мене и фактот што се работи за оркестар со огромни квалитети. Остваривме навистина прекрасна соработка, пробите течеа во креативна работна атмосфера и на крајот резултираа со многу успешен концерт, за којшто зборуваше целата грузиска јавност. Но, и самиот факт што салата беше распродадена до последното седиште. Плодна и успешна соработка остварив и со солистите коишто беа на ниво на задачата и сето ова резултираше со разговори за идни концертни проекти низ Европа“, вели Имери Илкоска.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,229FansLike
2,744FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ