19.8 C
Skopje
Thursday, May 26, 2022
spot_img

Комедија: Најтешка за работа, најомилена кај публиката – Интервју со Васил Зафирчев и Драгана Левенска

Комедијата е најтешка за работа затоа што почива на многу прецизна математика. Таму секоја реакција, секоја реплика, секој еден однос е многу точно, многу прецизно изграден, вели во интервју за „Приказна“, актерот Васил Зафирчев.

Хуморот претставува тенденција на определено когнитивно искуство да предизвика смеење и да обезбеди задоволство и забава. Луѓето од сите возрасти и култури реагираат на хуморот, а актерите кои ја имаат улогата да не смеат, велат дека токму комедиите им се најголемата одговорност, иако за окото на гледачот, тоа изгледа лесно и едноставно.

Комедијата е најтешка за работа затоа што почива на многу прецизна математика. Таму секоја реакција, секоја реплика, секој еден однос е многу точно, многу прецизно изграден. Во драмата може „вака“, може и „онака“. Драмата, драмските формати трпат валери. Комедијата не. Комедијата бара точност, прецизност, точна реакција и затоа е најтешка, но ефектот пак што го прави кај публиката е најсилен, затоа што публиката се врзува за тоа, особено во едно време-невреме, кога хуморот дава оптимизам, дава верба во подобро утро, подобар живот, вели во интервју за „Приказна“, актерот Васил Зафирчев.

Непосредни, исклучителни, сестрани, но покрај се, одлични луѓе, вистински професионалци. Разговаравме со Васил Зафирчев и Драгана Левенска. Драгана со улогата на Благородна во 5-тата сезона на „Преспав“, се придружи на екипата од серијалот, кој изминативе години е светло во македонскиот медиумски простор.

Конкретно јас никогаш не сум се гледала како актер за комедија, иако многупати кога ме гледал некој од страна, спротивно од тоа биле коментарите. Конкретно за улогата на Благородна во Преспав, тоа е нешто кое му одговара на мојот сензибилитет, а тоа е многу важно кога се работи за филм или серија. Имав среќа да работам со Изи кој многу добро ме водеше низ целиот тој процес, вели во интервју за „Приказна“, актерката Драгана Левенска.

Успеавме да подигнеме малку повисоки македонски стандарди кога играната продукција е во прашање, а за тоа несомнено говори фактот што веќе 5 сезони постоиме и снимени се повеќе од 120 епизоди. Тоа е секако големо искуство и за нас како актери, голем предизвик да живеете толку долго со лик, бидејќи нас тоа ретко ни се случува во театар, да играме во претстави кои така долго живеат на репертоар, па ви даваат можност да ја градите улогата и понатаму низ тие средби со публиката низ тој временски период, додава Васил.

Нашиот народ сака хумор, сака да се смее и сè што е создадено од душа и со многу љубов, знае да го препознае и веднаш да го прифати.

Да ви кажам искрено јас прво многу се изненадив од фактот што многу се зборуваше и се пишуваше за таа епизода. Јас не очекував. Прво бев изненадена колку многу е гледана серијата Преспав. Тука се и самите карактери на Марио, Талат, Коста, Ула… едноставно тоа се создадени ликови уште од првата сезона на Преспав, кои се на граница на совршеност и навистина е големо задоволство посебно во ова време невреме, кога некој човек или поголемо мнозинство на народ ќе насмееш, вели Драгана.

Да не говорам за самиот ефект на психоемотивно прочистување што гледачот го доживува додека се смее со една добра комедија. Ми се чини дека тоа е тоа што придонесе голем дел од гледачите драматично, страшно и тажно да го доживеат крајот на сезоната, нели со тој пожар во кој гори Преспав и кој отвора една енигма што понатаму ќе се случува и како понатаму ќе се развива Преспав. Секако и ние не го знаеме тоа како актери. Сè уште нема официјална потврда кога и како ќе се продолжи со серијалот и во која насока, но јас се надевам дека ќе продолжи да живее Преспав, додава Васил.

Пред нас се месеци кои ќе нè исправат пред нови предизвици, но со смеа, хумор, разбирање, ќе излеземе победници од сè.

Историјата е мајка на знаењето и таа многу често не поучува дека овој тип на кризи човештвото ги преживувало многупати досега. Да се посветиме на она што ние можеме да го направиме. Тоа од нас лично зависи. Да се посветиме на тоа да одржуваме добра позитивна мисла, убава вибрација, да се опкружиме со такви луѓе, да гледаме такви ТВ формати, да читаме такви книги. Не ни треба енергија која ќе нè спушта во вибрацијата на стравот и неизвесноста, затоа што стравот е опасен, бидејќи ве блокира, вели Васил.

Јас се надевам прво да заврши се ова што не снајде и после тоа чекор по чекот да почнеме полека, полека да се враќаме во тоа старо време или како да го наречам, затоа што јас не го прифаќан ова „ново нормално“. Мене ова не ми е нормално, додава Драгана.

А до тогаш, само насмевки и многу повеќе хумор во вашето време поминато пред ТВ екраните, наспроти сè друго што ни се сервира.

За Приказна,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,391FansLike
1,403FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ