20.8 C
Skopje
Thursday, September 29, 2022
spot_img

Колку е управувањето повисоко, толку помалку има жени

Малцинскиот статус на жените во економијата е различен, во зависност од секторите, но и од работните задачи кои жените ги вршат. Жените поретко од мажите преземаат бизнис потфати, а уште помалку жени преземаат технолошки интензивни деловни потфати. Малцинскиот статус на жените е најизразен во областа на управувачките работи: колку е нивото на управување повисоко, толку помалку има жени.

Во изминатите години може да кажеме дека постои некаков тренд на зголемување на учеството на жените во управувачките тела во компаниите. Меѓутоа, според последните статистики учеството на жените се движи меѓу 5 и 7 проценти во управувачките тела, додека на главните извршни позиции, односно како претседателки на управи сè уште процентот е низок и се движи од 2 до три отсто.“- смета Вилма Учета Дузлевска – директор на осигурителната компанија Триглав.

Во управните одбори на 10 најпрофитабилни компании од земјава, скоро и да нема жени. Најзабележително е присуството на жените во секторите банкарство, осигурување. Во Македонија, во просек, учеството на жените во раководењето на компаниите изнесува 19 отсто, а во 44 отсто од АД нема жени во управни и во надзорни одбори.

Рангот на набљудувани земји според индексот на глобален родов јаз и показателите на Економската партиципација и пристапот до можностите го покажува значителното заостанување на Македонија во однос на некои земји од своето соседство. Во 2006 година, Македонија по вредноста на тој показател (0,661) била на 38 место од 115 земји), а во 2017 година е на 96 место од 144 земји.

Родовиот аспект на TEA показателот говори за постоењето на значително поголем јаз во претприемачките активности помеѓу мажите и жените во Македонија во однос на европските земји (22 ЕУ земји + Норвешка и Швајцарија). Во Македонија во 2015 година имало 2,46 пати повеќе претприемачки активни мажи отколку жени, додека во дадената европска групација тој однос е поповолен (1,87 пати повеќе претприемачки активни мажи отколку жени). Во 2017 година повторно во Македонија имало 2,51 повеќе активни мажи отколку жени.

Во Македонија жените имаат малку пониска перцепција за приликите од мажите (29% наспроти 32%), но повисоко ниво на страв од неуспех (43% наспроти 36%) и ниско ниво на самодоверба во однос на сопствените компетенции за започнување на деловен потфат (46% наспроти 64%), што укажува дека факторите или пречките од околината имаат поинакво влијание кај жените отколку кај мажите

Во структурата на вработени со оглед на родот постојат големи разлики зависно од дејноста, така да постојат „машки“ дејности. Вакви разлики во голема мера се поврзани и со обрасците во изборот на образование на машките и женски деца, кои во значителна мерка се темелат на стереотипи за тоа што е „женска“, а што „машка“ работа.

Според анализа на Министерството за економија и на Централниот регистар за застапеност на жените во деловните субјекти, во 30 отсто од компаниите од стопанството со над 50 отсто основачки капитал, основачи се жени. Но, само 10,5 отсто од нив се и вработени во истите компании. Ова покажува дека станува збор за микропретпријатија, односно за семејни бизниси, од одредени дејности, како трговијата, преработувачката индустрија, услужните дејности, социјалата, здравството.

„Јас кога започнував со мојот бизнис пред 25 години, условите беа многу тешки, исто како и за многу други жени. Моравме да влеземе со сопствен почетен капитал и ако не оствариме профит да го изгубиме бизнисот. Сега е многу полесно, се доделуваат многу субвенции, грантови, има и доста здруженија кои им помагаат на жените како полесно да си го реализираат својот сон. Посебно сега за жените кои сакаат да станат претприемачи се доделуваат и неповратни средства каде што не влегуваат со никаков ризик и можат полесно да ги остварат своите идеи.“- раскажува за своето лично искуство Сузана Блажевска – претприемачка, сопственик на центарот за убавина, Афродита С.

Во 2018 година креирана е и Стратегијата за развој на женското претприемништво 2018-2022.

„Денес е многу полесно да се биде жена – претприемач, во однос на периодот пред две до две и пол децении. Веќе е истрасиран патот и амбиентот во кои жените работат и творат и влегуваат со својот претприемачки дух. Денес има многу видови поддршка, едукативна – нашите институции коишто ги нудат, но и меѓународните. Тука е и помошта во вид на финансиски средства, што веројатно е и најголемиот товар за женското претприемништво, овозможени се европски фондови и поволни кредити. Сепак, и покрај сето ова, мал е бројот на жени претприемачи и мора да се работи на вакви проекти како што работи мојата Агенција „Марили“.“-ни изјави Лидија Трипуновска – генерален менаџер на агенцијата Марили.

Во октомври 2020, владата доделила решенија за исплата на субвенции на 11 компании основани и управувани од жени кои ги исполниле условите на Јавниот повик за финансиска поддршка за женско претприемништво. Преку оваа мерка се субвенционираат претпријатијата во сопственост и управувани од жени преку кофинансирање на 60% од докажаните трошоци за набавка на опрема, уредување на простор, чување на деца, воведување на софтверски решенија. Во изминатите 9 години преку оваа мерка субвенционирани се вкупно 152 компании во сопственост и управувани од жени со вкупно 14.198.105 денари (230.000 евра).

„Што ќе добиеме со развојот на женското претприемништво е многу важно. Ќе добиеме еден столб за развој на економијата со којшто ќе ја поддржиме микро и малата претприемачка активност во државата, а со тоа ќе го зајакнеме семејното живеење, ќе ги зајакнеме децата, детството ќе го направиме повесело, а исто така ќе направиме и една посилна спрега во семејството каде што ќе нема економски бариери и каде што ќе нема економски проблеми во рамки на живеењето на едно семејство. Од друга страна пак, со економското зајакнување на жената ќе добиеме родова еднаквост којашто е многу важна и со којашто жената застанува да биде активен чинител којшто е сигурен во своето постоење. Тогаш таа не подлежи на некои други реперкусии како што е семејното насилство.“- смета Валентина Дисовска – претседател на Асоцијацијата на бизнис жени

Женското претприемништво во земјата се движи во границите од 23% до 29% во последните години, и тоа по 2013 година со тенденција на намалување незначително зголемување во 2015 (24.8%) и 2016 година (24.9%). Најчесто жените претприемачи се присутни во микропретпријатијата. Резултати потврдуваат дека индексот за вкупна претприемачка активност на жените во Македонија е најнизок споредено со најголем број земји во регионот

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ