16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Клементина Добревска: За искоренување на насилството врз деца, потребна е едукација на јавноста

Влијанието на злоупотребата врз физичкото, менталното и емоционалното здравје на детето може да биде многу силно и долготрајно. За оваа тема, разговараме со Клементина Добревска од првата детска амбасада Меѓаши

Што претставува физичкото казнување на децата?

Клементина Добревска Постојат повеќе дефиниции за физичкото казнување. Тоа е акција којашто е намерна и има за цел да го казни детето за некое негово однесување. Постојат повеќе начини на физичко казнување. Едниот од нив е удирање со рака, со предмети, но има и поекстремни начини на казнување како што е удирање со нога, кубење за коса, влечење за уши.

Кој е ставот на детската амбасада Меѓаши за физичкото казнување на децата?

Клементина Добревска Детската амбасада Меѓаши уште од самото свое формирање се залага и тежнее кон искоренување на физичкото казнување. Веќе 31 година се фокусираме преку обуки во однос на неформалното образование да ги вклучиме воспитно образовниот кадар, родителите, самите деца и сите останати кои работат во институциите и кои нудат сервиси за деца да во рамките на тие обуки да вметнеме еден модел на позитива дисциплина и ненасилна комуникација каде што и самите учесници во тие обуки ќе можат да увидат други начини и стратегии на решавање на конфликти.

Детската амбасада Меѓаши доаѓа со препораки и го препорачува моделот на позитивно родителство и позитивна дисциплина. Тоа е еден модел кој прави баланс на преголемо дозволување на децата, не многу строги родители но и исто така не многу попустливи родители, кои има дозволуваат се’ на децата.

Со моделот на позитивната дисциплина, самите деца имаат простор во кој ќе бидат сослушани, во простор во кој ќе може да растат и да се развиваат, да учат нови вештини кои понатаму им се потребни во животот, на ненасилен начин и ќе учат стратегии и можности во однос на тоа како може да се реши тој проблем.

Насилството врз децата не може да се искорени преку ноќ. Потребна е континуирана едукација на населението, со цел да се создаде здрава основа. проблемот да се реши. Неопходно е да се спроведуваат превентивни програми во училиштата, за развивање вештини за ненасилна комуникација. Некои од клучните решенија се: навремена интервенција, кампањи за позитивно родителство и информирање на јавноста, намалување на насилството во медиумите и зајакнување и подобрување на полициските и судските системи.

Документарен магазин Приказна

Дали децата се јавуваат на СОС линијата често, за да се пожалат за физичкото казнување од своето семејство?

Клементина Добревска Во рамките на „Ало Бушавко“ кој оваа година слави 30 години постоење, се јавуваат голем број на родители но со низата работилници кои ги правиме во училиштата, телефонот ја достигнува целта да биде достапен сервис и медиум каде децата можат да го пријават насилството. Имаме пријавувања на физичко насилство. Ние се водиме во една рамка на интернационалната мрежа во Европа, имаме поткатегории кои спаѓаат во физичко насилство.

Дали треба да се забрани овој вид на насилство за дисциплинирање на децата?

Клементина Добревска Нашиот став е да не постои воопшто модел каде ќе се користи физичка казна, за да може децата да увидат како не треба да се однесуваат. Со години наназад се апелира за намалување односно оттргнување на физичкото насилство безразлика во која мера и форма е. Секако дека е потребно да се искорени физичкото насилство.

Еден од пристапите е во тоа да и самите медиуми да имаат централна улога за поттикнување на свеста кои се последиците кои може да јават од примената на физичкото насилство. На тој начин ќе придонесеме да го промениме размислувањето и да дадеме можности да увидат родителите некои нови начини и пристапи како да се реагира во услови кога детето се однесува онака како не би требало да се однесува.

Како се чувствува детето, каква порака му се испраќа?

Клементина Добревска Децата се чувствуваат исто како и ние кога би ни удрил некој шлаканица. Емоциите и чувствата кај луѓето, особено кај децата кои се во една фаза на развој и во фаза на креирање на позитивна слика кај себеси, не треба да се потиснуваат. Самата физичка казна, иако налик една шлаканица нема да има некакви трајни последици, секако дека понатамошното и континуираното насилство и физичко казнување кај децата може да остави трајни последици по неговото психофизичко здравје.

Наместо да му даде поука или лекција да не се однесува така како што се однесувало, може да има контраефект и да создаде дете кое ќе биде агресивно, кое ќе биде плачливо, кое ќе се плаши за себе, дете кое нема да се сака себеси, кое ќе има негативна слика за себе, ниска самодоверба, дете коешто нема да се почитува себе си. Во некои екстремни ситуации може да дојде до тоа детето да се самоповреди.

Ова се само дел од последиците. Тука спаѓаат и нарушено ментално здравје, нарушени односи со родителите, наставник, односот дете со дете. Кај детето покрај овие последици, може да се јави и асоцијативно однесување, да почне да краде, да лаже, да тепа, да не чувствува вина, каење за однесувањето. Со самото физичко казнување кај децата им даваме одговор дека тоа е во суштина начин на однесување за да добиеме нешто што ние сметаме дека така треба да се однесуваме. Тешка тема е ова и треба многу да се зборува. Нашата препорака е повеќе да се примени моделот на позитивно родителство и позитивна дисциплина.

Наташа Јанкуловска Торевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ