-2.2 C
Skopje
Monday, February 6, 2023
spot_img

Кирил Барбареев: Невозможно е учениците да имаат по 15 предмети со сите петки

Добрата педагогија или современата педагогија е таа педагогија која дава резултати. Она што светот го прави во последните 30 години со педагогијата, при работата со децата и учениците укажува на фактот дека без поврзување на содржините со реалноста, децата не ја гледаат релевантноста и користа од тоа што го учат. Во тие ситуации, учењето го доживуваат како товар, и како нешто кое им е наметнато. Токму поради тоа, ние треба да си го поставуваме суштинското прашање за учениците: зошто ова го учам и кога ова ќе ми треба? И ние тоа прашање генерации наназад сме си го поставувале. Секоја генерација го поставува. Суштината на целата мудра педагогија, на образовните политики е како да создадете наставни предмети, курикулуми, како ќе најдете луѓе коишто ќе умеат она што се случува во тие 4-5 часа во текот на денот, да го претворат во мотивација, затоа што некој тоа ќе го чувствува како личен развој, не како товар, нагласува во интревју за Приказна,проф. д-р. Кирил Барбареев

Зошто ни требаат промени во образованието денес?

Проф. д-р. Кирил Барбареев Образованието денес, во 21 век, невозможно е да го објаснуваме, да го менуваме, реформираме, изолирано од она што се случува во општеството и во глобалниот свет, во културата, економијата, политиката.

Единствено образованието и науката можат да дадат придонес кон вистинските промени и реформи кои сакаме да се случат во општеството. Затоа можеби најважниот и најголемиот проект на нашата држава треба да биде зајакнување на тој триаголник, знаење, образование, истражување, иновации, со цел да стигнеме до поквалитетен живот. Тоа е патот на создавање поквалитетен живот во секој сегмент, но и патот на менување на системот за мерење на квалитет за којшто не сакаме да зборуваме толку јавно и отворено. Ова е особено важно денес, во овој век во кој живееме. Тоа е патот на создавање на поинаков творечки потенцијал, различен квалитет на човечки ресурси, тоа е пат на создавање на различен квалитет во секој сегмент на нашето живеење.

Клучниот сегмент е колку ние сме подготвени за промени, според она што ни го најавува иднината. Четири клучни компетенции ќе им бидат важни на овие генерации, а тоа се: како комуницираме, какви релации создаваме едни со други и колку тоа добро го правиме, како и како тоа се одразува на сè во животот … креативноста, но не само како феномен во уметноста, туку и креативноста во физика, хемија, математика, спорт. Овие нешта се клучни за подигање на нивото, за создавање иновативност и нови вредности … Во нашето општество, треба да се направат сериозни чекори, за да може да ја фатиме динамиката на 21 век.

Кои ресурси ќе ни бидат неопходни? Дали сме подготвени, дали располагаме со тие ресурси?

Проф. д-р. Кирил Барбареев За ресурсите многу се зборува во образовните системи. Образовните системи и кај нас и во светот, се подложни на бројни промени денес. Времето денес наметнува една силна динамичност и менливост кога се во прашање образовните ресурси. Светот денес многу брзо се менува, а тие промени силно влијаат и врз поединците, но и врз целото општество.

Денес гледаме колку се вложува во образование, во градби, инфраструктура, вработување на луѓе, во информатичка технологија, во професионален развој. Гледате колку е динамичен тој систем. Сето ова бара динамика во организација на човечки ресурси, сè со цел образованието да има смисла.

Единствено нешто што знаеме е дека децата се иднината. Тие треба да го пренесат и да создадат некое поинакво ниво од она кое ние сега како генерации треба да се потрудиме да им го оставиме. Затоа и треба да се разговара многу, што се тоа домашни ресурси, што се ресурси на училиштето, на државата, на општеството …

Годинава имаше едно истражување коешто е направено во Македонија и кое се однесува на тоа какви се нашите ресурси. Има многу можности за дебата и анализи на ова истражување, коешто е правено по официјални показатели на ЕУ. Земји кои се во ЕУ имаат послаби резултати во математика или природни науки од некои други земји, кои имаат послаби ресурси.

Какви се нашите резултати? Одредени домашни ресурси во нашата држава се подобри од некои ресурси на ученици од Албанија и Турција, но имаме послаби резултати во математика и природни науки. Во ова истражување има неверојатни податоци кои укажуваат на пример какви се домашните ресурси на едно семејство на второодделенци или дете во трето одделение … Тука имате неверојатни показатели кои можат да бидат добар репер за тоа колку ние сме посветени на образованието.

Човечкиот потенцијал е клучната работа, особено наставникот и професорот, кои се репрезент на културата. Тие се најголем мотиватор, со кого ученикот се идентификува. Клучниот ресурс според мене е поддршка и вложување во човечкиот потенцијал.

Зошто ни се потценети педагозите? Луѓето кои ја сакаат својата професија се откажуваат, сметајќи дека не можат да се справат со делот од реалноста.

Проф. д-р. Кирил Барбареев Тоа е едно комплексно прашање. Педагогијата е една благородна професија. Луѓето кои се занимаваат со таа професија се луѓе со поинаков карактер. Тие не се агресивни, не се наметливи, луѓе кои се толерантни, бараат разбирање и од луѓето кои ги креираат образовните политики.

Педагогијата предолго е запоставена во нашето општество. Тука само декларативно се зборува дека учењето е важно. Кај нас политиката зборува за образование само кога има штрајк. Затоа таа предолг временски период е оставена да ги трпи последиците на сè она што се случува во општеството. Во овие 20 години сè излегува на површина. Работите порано се чуваа под тепих.

Нас како наставници понекогаш не обвинуваат за дисциплината, но она што се занемарува е фактот дека во деведесеттите години од минатиот век, ние поминавме низ еден систем на распад на вредности. Преминавме од еден патријархален систем на вредности кој функционираше долги години, голем дел од проблемите не се кажуваа јавно, беа ставани под тепих … Сега веќе сè излегува на површина.

Системот е премногу бавен, затоа што во него нема вложувања, нема поддршка, бавно се менува со оваа динамика.

Таа е многу тешка професија, а од друга страна сте оставени на плата и на преживување од нешто кое бара толку напор и толку ангажман. Тоа се теми кои креаторите на образовните политики на оваа држава, лидерите, мора да имаат една сосема поинаква перцепција за тоа што е наставник, што е професор, што се институции за образование. Тоа е најважната тема. Ако сакаме да направиме еден квалитативен исчекор.

Документарен магазин Приказна

Честопати правиме споредби со образовните системи од други земји. Но, она што го изоставаме во нашите анализи е важноста на родителите како дел од тој важен образовен триаголник, деца, наставници и родители. Колку родителите го почитуваат или дали го девалвираат авторитетот на наставниците?

Проф. д-р. Кирил Барбареев Јас не би нашол таква забелешка на родителите. Секој родител го мисли најдоброто за своето дете. Се надевам и мислам дека секој наставник го мисли најдоброто за своите ученици.

Проблемот е во тоа што образовниот систем сè повеќе го губи интегритетот. Тоа значи навлегување на различни структури во општеството во сето она што му се случува на еден наставник или училиште. Имавме различни ситуации во минативе десетина години кои го демаскираа системот. Ни се случи разоткривање на системот, на она што се случува внатре, поттикнати од реакции на родители. Ние сме сведоци дека кога сме соочени со ситуации во кои реално системот не ги решава проблемите, родителите ги преземаат ситуациите во свои раце и бараат решение. Гледаат дека нешто внатре не функционира.

Системот мора да се постави посериозно. Мора да се направи едно себевидување, да се види каде е интегритетот на системот, на наставникот, на училиштето, на образовниот систем, на министерството. Ова мора да се стори за да може образованието да биде во едно сосема поинакво светло од ова што е денес. Затоа оваа професија е со нарушена општествена и економска позиција. Ниту финансиски е добро поддржана, ниту условите се добри внатре.

Луѓето ја спомнуваат Финска, Германија, Швајцарија, затоа што сакаат да видат еден позитивен модел во своето училиште, во својата држава. Нам ни недостига подобро објаснување од стручната јавност, зошто се прават некои работи, кои се прават. Родителите секако треба да го задржат и да имаат силен глас во општеството, мора да се најде начин каде ќе се информираат и запознаваат со тоа што се случува со нивните деца.

Во Дубаи на деца од шестгодишна возраст им се овозможува да решаваат проблеми дигитално, со цел да се развие некоја вештина. На тој начин се поттикнува креативноста и критичкото размислување, аналитичност. Кај нас ваква креативност, како да ни недостасува?

Проф. д-р. Кирил Барбареев Добрата педагогија или современата педагогија е таа педагогија која дава резултати. Она што светот го прави во последните 30 години со педагогијата, при работата со децата и учениците укажува на фактот дека без поврзување на содржините со реалноста, децата не ја гледаат релевантноста и користа од тоа што го учат. Во тие ситуации, учењето го доживуваат како товар, и како нешто кое им е наметнато. Токму поради тоа, ние треба да си го поставуваме суштинското прашање за учениците: зошто ова го учам и кога ова ќе ми треба? И ние тоа прашање генерации наназад сме си го поставувале. Секоја генерација го поставува.

Суштината на целата мудра педагогија, на образовните политики е како да создадете наставни предмети, курикулуми, како ќе најдете луѓе коишто ќе умеат она што се случува во тие 4-5 часа во текот на денот, да го претворат во мотивација, затоа што некој тоа ќе го чувствува како личен развој, не како товар.

Предизвикот е пред нас, како да создадеме наставници кои ќе имаат слобода за мотивираат и извлекуваат потенцијали од секој ученик. Вие во тоа ги препознавате идните ученици, коишто ќе се пронајдат во некоја професија.

Креативноста и критичкото мислење се всушност начини како педагогијата работи со учениците. Тоа е мајсторството на занаетот. Јас како наставник, професор, треба да мислам како наставник, да работам како наставник, да дебатирам како наставник, а тоа што го правам, ученикот да го чувствува како инспирација.

Се чини дека ние како општество сме навикнати сите да знаат математика, иако не мора сите да знаат, бидејќи ќе имаат некоја друга професија и афинитети кои не ги развиле затоа што можеби системот не ги препознал во рамките на тој процес на едукација. Како да сфатиме дека не мора сите деца да знаат сè, туку да го препознаеме нивниот талент и потенцијал и да ги поттикнеме да го развијат?

Проф. д-р. Кирил Барбареев Системот не ги препознал, па дури и ги кочи, преку начинот на кој не се менува системот на оценување и вреднување. Ние 30 години сме скроз одлични во оваа држава.

Треба да се отвори една дебата што е тоа оценување и вреднување во основното и средното образование. Вие имате систем во кој ако имам петка по македонски јазик и двојка по математика, мојата средна оценка и просек е 3,5. Просечноста треба да се отфрли и да не постои.

Некој треба да каже, ти си добар по македонски јазик, но не си по математика. Ако сакаш да стигнеш, таму каде што сакаш да стигнеш, по математика ќе треба повеќе да работиш, но ако сакаш да се фокусираш во општествените и хуманистички науки, таа двојка ќе биде твоја кочница која ќе прави проблем при идното образование, односно при реализацијата на таа животна цел.

Невозможно е да имаме по 15 предмети и кај сите да имаат петки. Тоа се големи предизвици, за нас кои работиме во образованието.

Колку промените во технологијата ќе наметнат да се случат промени во образованието?

Проф. д-р. Кирил Барбареев Тој притисок е евидентен секојдневно. Она за кое се зборува е дека иднината ќе носи такви предизвици почесто. Клучната компетенција е колку ние сме подготвени да се соочиме со таа промена, како личност и како систем. Оваа година клучна тема беше дали ќе има мир, како ќе се грееме, дали ќе имаме храна, тоа кажува колку ние треба да бидеме, флексибилни, толерантни, a системот да креира луѓе кои нема да прават паника од тоа, туку ќе знаат како да ги решат проблемите. Затоа е важно да се занимаваме со проблеми од реалноста.

Оваа држава има одлични наставници и ученици кои имаат многу признанија. Ако човекот ја познава својата професија, знае што да прави со слободата, јас длабоко верувам дека слободата на реализација на еден час е клучот на постигнување на она кон кое треба да стремиме како систем. Прашањето е дали знаеме што да правиме кога ќе ја добиеме слободата.

Дали децата ги учиме да станат добри луѓе?

Проф. д-р. Кирил Барбареев Личниот развој и воспитната компонента се важен дел, и образовниот систем има обврска да ги развива. Знаењето како вредност, влече напред, не лажните дипломи. Одговорноста, колку сме ние одговорни како општество … Солидарноста, и колку имаме интегритет наспроти конформизмот и општото лицемерие. Ова се многу важни аспекти.

Станува збор за теми и создавање на вредности коишто мора да се отвораат кај учениците во рамки на образовниот систем. Идентитетот, интегритетот, од каде доаѓам, колку ја сакам својата земја, колку имаме чувство за припадност, тоа се сериозни теми. Сè почесто во изминатиот период се слуша темата едно општество за сите, но концептот со кој се движиме не е едно општество за сите. Ние живееме и растеме во паралелни светови, со огромни стереотипи и предрасуди за жал, сè уште.

Да се надеваме дека ќе почнат поинакви процеси во ова општество и држава за теми кои се најважните теми.

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,896FansLike
1,528FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ