-4.2 C
Skopje
Sunday, December 22, 2024
spot_img

Истражување: Како да препознаете симптоми на стрес кај децата

Стресот ги погодува и децата. Забрзаното темпо со кое живееме влијае негативно и врз нас, но и врз децата. Децата денес имаат многу активности, училиштата имаат многу барања, а некои деца не сакаат дополнителни активности. За жал, ситуацијата со пандемијата само дополнително ја нагласи состојбата на стрес на кој се изложени децата во денешно време.

Документарен магазин Приказна на тема стрес кај деца

Во денешно време животот на децата е брз, динамичен, со бројни активности, родителите се презафатени со обврски, а ситуацијата со пандемијата дополнително придонесе децата да се под стрес. Тие имаат спротивставени емоции, комуникацијата дома и со нивните другари е поинаква и намалена, вели за Приказна, Билјана Црвенковска.

Децата во периодот на пандемијата се позасегнати од возрасните, вели Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ. Тие ја пропуштаат можноста да одат на училиште, да учат преку игра, да стекнат пријатели во детството кои траат цел живот, пропуштаат можности кои не можат да се заменат со ништо друго. Ние како возрасни треба да го разбереме тоа. Неодамнешните студии покажаа дека децата се под стрес и дека постои загриженост за менталното здравје кај малите деца и кај возрасните. Секогаш се водат многу дебати околу здравјето, наспроти квалитетот на животот. Луѓето велат да го зачуваме здравјето на децата, а да не се грижиме за училиштето. За тоа ќе мислиме понатаму.

Прво, децата треба да останат во добра здравствена состојба и најдобро е да им дадеме модул за добро однесување, вели Патриција.

Страв, несоница, главоболки, намален апетит, се дел од нарушувањата кои стресот ги предизвикува кај децата. Не се исклучени ни сериозни здравствени проблеми поради кои мора да се посети лекар.

Волшебниот триаголник дете, родител, училиште или градинка е база на целокупниот развој на детето. Стресот може да влијае во овој триаголник со тоа што ќе го спречува неговиот развој, но може да служи и како позитивен потенцијал. Кога стресот се јавува во мала доза, тој не претставува проблем. Но, кога е постојан и континуиран, може да премине и во траума, вели педагогот Мира Ѓоргиева.

Стресот кај децата има својство на акумулирање, што може да доведе до различни несакани последици – развојни заостанувања, нервози, енуреза и проблеми во училиштето. Да се заштити детето не е доволно, бидејќи едноставно е невозможно да се спаси од сите непријатни ситуации.

Според педагогот Мира Ѓоргиева, детето учи од тоа што го гледа. Сите ние, родителите и возрасните сме пример за детето. Така е и во реакциите на стресот. Појавата на стрес за да не доведе до последици, многу е важно, родителот да знае дека кај детето развива социо-емоционална интелигенција, да разговара за чувствата, да внимава како се однесува пред детето, додава Ѓоргиева.

Симптомите кои можат да сигнализираат дека децата се под стрес се:

  • Вознемиреност или раздразливост
  • Страв и загриженост
  • Тага и намалена концентрација
  • Несоница или проблеми со спиењето
  • Главоболки или болки во стомакот
  • Промени во училишниот успех
  • Проблеми или промени во исхраната како барање да се консумираат јаглехидрати, губење на апетитот и сл.
  • Проблеми во комуникација со родителите или другарчињата
  • Незаинтересираност
  • Замор и вртоглавици
  • Повлеченост

Педагогот Мира Ѓоргиева, открива дека за разлика од малите бебиња кај кои мокрењето, желбата за спиење или јадење се јавува како стрес, децата над две годишна возраст, стресот го доживуваат поинаку. Промени кои се јавуваат како резултат на стрес кај децата се: промени во однесување, немање контрола врз чувствата, пелтечење, асоцијалност, насилство, тврдоглавост, тантруми. Во пракса се покажало дека цртањето на ист цртеж, укажува на тоа дека нешто се случува во животот на детето, односно укажува на стрес или траума, споделува за Приказна, Ѓорѓиева.

Многу е важно да се направи правилна диференцираност помеѓу соматските и физички проблеми со кои се соочуваат децата.

Настаните дома или во училиште, често може да предизвикаат стрес кај децата.

Според психологот Јасмина Трајановска, една од најтешките задачи во семејството е да направи организација на сите членови, на начин на кој сите членови ќе ги задоволат сите потреби кои ги имаат. Овде станува збор за судир на: работата, учењето односно едукацијата од дома, потребите за домот, игрите. Како последица на ова можна е честа појава на кавги во домот, ниско ниво на толеранција како и недостаток на слободно време, додава таа.

Семејните несогласувања, разводот, промената на домот или околината, можат да бидат важен извор на стрес кај децата во домашна атмосфера.

Кога настанува раздор помеѓу родителите, детето најчесто доживува дека тоа е причината за заминувањето на едниот родител, причина за кавгите во домот, вели Мирјана Јовановска Стојановска. Имено, се јавува сомнеж кај детето дека тоа е виновно, не е доволно добро и не заслужува да живее со двајцата родители.

Одлуката за развод претставува болен и тежок момент, поради тоа што тоа практично значи смрт за бракот, вели прим.д-р Славица Кнежевиќ Гајдазис

Во училиште, децата можат да бидат вознемирени поради нови пријателства, соочување со насилство или малтретирање од соученици, тестовите и оценките. Како што децата растат, така растат и изворите кои може да предизвикаат стрес кај нив.

Читањето книги и сликовници може да придонесе позитивно во справувањето на стресот кај децата.

Според Билјана Црвенковска, целата книжевност за деца, особено онаа која е тренд во светот, меѓу кои се сликовниците и посериозни книжевни дела, фокусирани се да се занимаваат со стресот кај децата и имаат своевидна терапевтска улога. Не е само читањето како чин начин на справување со стресот, туку и темите кои се обработуваат, а се релевантни за современите деца. Сликовниците, кои се наменети за деца од најмалата возраст, се справуваат со одредени проблеми, како што е загубата на милениче или блиска личност, потоа проблемот на дисфункционалните семејства, неможноста да се комуницира со другарчињата, со средината, силеџиството како една од актуелните теми, инклузивноста односно прифаќањето на децата кои се поинакви, смета Црвенковска.

Дигиталните алатки и нивното користење од страна на децата, придонесуваат за зголеменото присуство на стрес кај децата.

Проф. д-р Софија Георгиевска смета дека родителите ја имаат клучната улога. Но, не само родителите, туку и останатите фактори на социјализација, како што се и наставниците, меѓутоа родителите се тие, барем по дефиниција, кои најмногу време поминуваат со своите деца и тие се првите кои треба да ги забележат промените кои настанале и кај детето жртва и кај детето насилник.

Многу често децата коишто вршат електронско насилство, не се ни свесни дека тоа е насилство, па затоа тука треба повеќе внимание да се обрне во наставните содржини да се вметнат вакви предметни програми коишто ќе говорат за тоа дека уште од мали нозе ние треба да бидеме свесни што е насилство, а што не, додава таа.

Анализите укажуваат на силна изложеност на стрес кај децата, како резултат на следењето содржини преку социјалните мрежи или онлајн медиумите. Честопати се случува децата на овие медиуми да следат содржини кои не се приспособени на нивната возраст. Овие содржини вклучуваат објави за теми поврзани со насилство, оружје или престрелки, климатски промени, третирање на мигранти, сексуално вознемирување и други информации, кои децата не може правилно да ги разберат, што предизвикува силна вознемиреност и појава на стрес.

За Приказна

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,762FansLike
3,389FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ