16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Истражување за модната индустрија како загадувач: Евтината цена и пристапноста на облеката, генерираат огромно количество отпад

Модната индустрија е еден од поголемите загадувачи во светот. Податоците покажуваат дека текстилниот отпад е двојно зголемен во последните 20 години. Една од причините е потрошувачката треска, некои луѓе носат трипати едно парче и го фрлаат, а постојат разни начини на рециклирање. Евтината цена и пристапноста на облеката, придонесува често сите дома да сме затрупани со модни парчиња, иако ретко кој од нас го препознава загрижувачкиот факт дека модната индустрија загадува повеќе и од авиосообраќајот.

Модната индустрија користи и животински влакна и растителни влакна и синтетички влакна, за да го произведе материјалот. На тој начин, треба да знаеме дека модната индустрија ја загадува почвата, ја загадува водата, го загадува воздухот, смета дизајнерката и професорка Лидија Георгиева

Само на синтетичката облека ѝ требаат стотици години да се распадне. Се смета дека едно лице купува 60 отсто повеќе облека секоја година и половина од неа чува околу 15 години, генерирајќи огромно количество отпад. Секако, не треба да заборавиме дека речиси 99 проценти од текстилот и облеката можат да се рециклираат, па така повеќе од 70 отсто од светското население користи облека од втора рака. Облеката која не се рециклира, останува 200 години на депониите, а за жал, отпадот од облека завршува и во морињата.

Ева Зарезанкова од Fashion revolution Macedonia.

Во последно време имаме повеќе информации за текстилниот отпад, па со тоа луѓето повеќе се интересираат и информираат, стануваат свесни за влијанието кое го има врз животната средина. Според мене, мислам дека луѓето треба да се едуцираат за вистинската вредност на парчето облека, за патот низ којшто поминува да се изработи, од материјал до краен производ. Кога секој поединец ќе биде свесен за тоа, мислам дека тогаш свесно ќе одбере и ќе купува, вели Ева Зарезанкова од Fashion revolution Macedonia.

Според податоците на Европската комисија, модната индустрија произведува дури 10% од светската вкупна емисија на CO2, а со самото тоа модната индустрија е одговорна и за 20% на отпадните води.

Според модната дизајнерка и активистка Ирина Тошева, загадувањето на водата го вршиме самите. Со секое перење на материјалите кои не се од природно потекло, се испуштаат мали микрочестички. Таа вода на крај завршува во реките и езерата, морињата, океаните. Потоа со таа вода се прска нашата храна која ние ја јадеме, и на некој начин, повторно ги внесуваме тие микрочестички во организмот. Многу пати луѓето велат дека ако купат неколку работи, нема ништо да сменат, или дека не зависи од нас самите, туку од поголемите играчи. Но, не е така. Ние сами си правиме лошо. Ако таа храна ја изедеме, тоа не е добро за нашето здравје, смета Ирина.

Најголемите текстилни произведувачи се во Азија, поради евтиното производство и работна сила. Работниците во Индија цел ден шијат облека за дневница од само едно евро. Земјите кои се на врвот на списокот на произведувачи на облека се Кина и Бангладеш. Кина има фантастични 50% од вкупното годишно производство на текстил на светско ниво. За жал, оваа количина на производство придонесе Кина да се стекне со најголема загаденост. Во Кина, секоја година се фрлаат милиони тони текстилен отпад кој е грешно фарбан.

Документарен магазин Приказна за модата како загадувач

Индустријата за рециклирање текстил во САД отстранува околу 2,5 милијарди фунти постпотрошувачки текстил секоја година од отпадот и создава повеќе од 17.000 работни места. Голем дел од облеката се дава во добротворни цели. И 61 процент од текстилот за еднократно и рециклирање се извезува во други земји. Преку трудољубивите напори за рециклирање на текстилната индустрија и облека, некои од најсиромашните нации во светот можат да ги облечат своите жители. Рециклираната облека обезбедува и еколошки и економски придобивки.

Ема Јакимовска експерт за комуникации и член на Fashion revolution

Ема Јакимовска експерт за комуникации и член на Fashion revolution Macedonia смета дека потрошувачите мора да се информираат и да бидат свесни колку облека навистина им е потребна во текот ан една сезона и од кој материјал истата е изработена. Колку е поквалитетен материјалот толку подолг е животниот век на самата облека а со тоа си доаѓа и позитивното влијание на животната средина. Затоа сме тука да дејствуваме на локално ниво, за да ги образуваме и информираме македонските граѓани како тие самите да ги променат своите навики и да придонесат кон транспарентна одржлива модна индустрија.

Група од дизајнери, производители, потрошувачи, писатели, интелектуалци и претприемачи го создадоа движењето Модна револуција, кое постојано се расте на светско ниво. Тие се обединија по трагедијата во Дака – Бангладеш, каде што се наоѓаат неколку фабрики за облека. На 24 април 2013 година една од зградите се урна, загинаа 1 138 работници, а многумина беа повредени. Оваа трагедија ги откри нехуманите услови во кои работат овие луѓе, па оттогаш секоја година 24 април е датум кога движењето прашува: Кој ја изработи облеката што ја носам? Како? Во какви услови? И Македонија е дел од ова движење кое е распространето низ повеќе од 100 земји и во светот.

Ема Јакимовска од Fashion revolution Macedonia, кога купувачите купуваат облека по смешни цени им испраќаат порака на модните брендови дека не се заинтересирани со тоа кој ја изработува облеката ниту пак за нејзиното еколошко влијание. Затоа сметаме дека потрошувачите заслужуваат да бидат информирани за заднината на процесот на креирање на парчето облека и за човечките ресурси вклучени во самиот процес. Токму таа е групата којашто сакаме да ја издвоиме и да дадеме до знаење дека нивниот труд е клучен за облеката којашто ја носиме, а за којашто ретко се интересираме кој и каде ја изработува. Затоа, за време на модната револуција којашто се случува секој април, ги замолуваме нашите следбеници да ги запрашаат нивните брендови кој ја изработува мојата облека, со цел да побараат поголема транспарентност за сите вклучени ресурси во ланецот на набавка, производство, маркетинг и сл.. додава Јакимовска.

Според нив, едно од решенијата за овој глобален тренд на загадување од модната индустрија е подигање на свеста за т.н. одржлива мода.

Бранка Чочковска

Ване Маркоски

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ