8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

ИНТЕРВЈУ Спироски: дебелината е сериозен здравствен ризик!

Населението во Македонија има проблем со дебелината и кај возрасните и кај децата, 60 проценти од мажите и 50 проценти од жените во Македонија се во оваа карактеристика – на зголемена телесна тежина, а дебели се околу 20 отсто од мажите и 17 отсто од жените, истакнува во интервју за Приказна, проф. д-р. Игор Спироски проф. началник на одделение за физиологија и мониторинг на исхрана во ИЈЗ. Пандемијата придонесе за нагорен раст, меѓутоа имаме еден скок што јас мислам дека ни се должи на неактивноста и на сменетиот начин на живот. Со цел да се справат со дебелината како здравствен ризик, во некои земји, владите преземаа порадикални мерки, односно повисоко оданочување на храната која предизвикува дебелина, дури и рестрикции и забрана за рекламирање на тие производи со цел да ги заборави населението.

Приказна Многумина дебелината ја препознаваат како естетски проблем, но во суштина, позначајно е дека дебелината е причина за бројни здравствени проблеми. Колку дебелината се одразува врз здравјето?

Спироски Апсолутно дека дебелината е здравствен проблем и здравствен ризик би рекол. По своите карактеристики сè уште не можеме да ја карактеризираме како болест, меѓутоа е сериозен ризик-фактор за појава на други болести.

Естетскиот аспект, за нас здравствените работници е многу малку важен. Она што нам ни е важно е какви ризици ни носи по здравјето, тоа што е нутритивниот статус на одредена личност со зголемена телесна тежина или пак со дебелина.

Ризиците се разни, она што најмногу нè загрижува е предвремената појава на болести којшто би требало да се појават подоцна во животот, како што се кардиоваскуларните болести и дијабетот. Зборуваме за дијабет тип 2 на возраст меѓу 11-13 години кој сериозно може да го искомплицира животот, дури и да го загрози, ако има генетска предиспозиција, би можел да се појави многу подоцна во животот. Болести на срцето и на крвните садови кои подоцна исто така може да го искомплицираат животот.

На крајот, тука е и предвремената смртност, една популациска мерка која има здравствено-економски карактеристики и која ни покажува две работи, едната е дека колку предвреме завршил животот на личност којашто вообичаено подоцна би требало да го заврши својот живот и втората е – изгубени години на здрав живот во којшто таа личност би можела да придонесе за општеството, за местото каде што работи. Има повеќе слоеви на ризици за кои дебелината може да придонесе кон нивно појавување.

Нема достапен опис
Проф. д-р Игор Спироски началник на одделение за физиологија и мониторинг на исхрана во ИЈЗ.

Приказна Како Институт, често изработувате анализи, па би сакала да објасниме – кои параметри укажуваат дека имаме дебелина како тренд?

Спироски Има една стандардна алатка, преку мерење на висината и на тежината, познатиот индекс на телесна маса што го користиме кај возрасните и којшто ни покажува дали определена личност е во рамките на нормалното или отстапува.

Кај децата важна ни е возраста и го користиме „боди мас индекс“ бидејќи е потешко да се пресмета како кај возрасните само со соодносот на висината и тежината. Во секој случај, овие параметри ни покажуваат дека населението во Македонија има проблем со дебелината и кај возрасните и кај децата, 60 проценти од мажите и 50 проценти од жените во Македонија се во оваа карактеристика – на зголемена телесна тежина, а дебели се околу 20 отсто од мажите и 17 отсто од жените.

Приказна Какви се анализите, дали пандемијата дополнително се одрази за зголемување на бројките на дебелината?

Спироски Веќе ги имаме првите назнаки, но ја немаме комплетната слика за 2021 година, која ќе ја комплетираме во последниот квартал, но со оглед на мерењата што ги правевме во 2020 г. и дел од 2021 г. иако не во оној обем што сакавме, пред сè заради затворањето на училиштата, од оние податоци што ги имаме ни покажуваат дека во однос на предпандемиското време зголемената телесна тежина и дебелината, зборувам кај децата, кај возрасните не сме направиле студија, е во нагорен раст. Таа и така е во нагорен раст, меѓутоа имаме еден скок што јас мислам дека ни се должи на неактивноста и на сменетиот начин на живот.

Приказна Дали има разлики кај момчиња и девојчиња?

Спироски Генерално во Македонија и во земјите во околината кај машките е пофрекфентна појавата на зголемена телесна тежина или дебелина, согласно тоа, подоцна поголема е преваленцијата кај мажите за дебелина во однос на жените.

Приказна: Кога станува збор за дебелината, клучна е исхраната во најголем дел од случаите, но имаме и случаи кога некои здравствени состојби, некои болести носат ризик од покачена телесна тежина. Кои се тие?

Спироски Начинот на којшто живееме, пред сè начинот на кој се храниме има голема улога, меѓутоа сè тоа тоа го зборуваме за кај популација и население коешто базично ги сметаме за здрави и немаат некои органски нарушувања кои може да се вродени или стекнати и коишто заради нивната природа или заради лекувањето придонесуваат за зголемување на масното ткиво, нив не можеме да ги исклучиме, меѓутоа кога ја гледаме големата слика, тој број на случаи е занемарлив во однос на целосната слика.

Приказна Ако веќе имаме анализи кои покажуваат дека населението во Македонија е склоно кон дебелина, дали имате некакви сугестии, препораки, како да го надминеме тој тренд, како да се постават нови насоки за во иднина?

Спироски Сугестиите мои се научените лекции таму каде што, можеби прехрабро е да се рече дека решиле, но се на добар пат да ја завртат таа крива да оди кон регресија, а не кон прогресија. Според нас, решенијата се на две нивоа.

Првото е на блиската околина на оној што го има проблемот – кога зборуваме за децата тоа се родителите или оние со коишто живеат и нивниот стил на живот. Број два е поблиската околина, надвор она што е од семејството, а тоа се градинките, училиштата или места каде минуваат поголем дел од своето време, тука голема е улогата на наставниците, на воспитувачите. Другото ниво се системските промени во општеството коишто се можеби најзначајни и ако сакаме популациската слика да се промени, односно да ги видиме бројките што претходно ги кажав на ниво на држава да се намалуваат, клучни се овие промени. Тие промени се тешки, не се едноставни, бараат решеност, но даваат и резултати.

Резултатите не се брзи, но повторно ќе кажам ако сакаме промена, таа треба да биде на системско ниво. Тоа бара похрабри акции кои на сите нам што консумираме храна ќе ни овозможи достапност до поквалитетна храна, би рекол нутритивно побогата храна, а енергетски посиромашна. Ќе им се олесни изборот на потрошувачите, а со тоа и на децата. Во овој момент се случува убава иницијатива од страна на Министерството за труд и социјална политика, за промена на стандардите во исхраната, како што претходно МОН го направи тоа во однос на основните училишта. Тие цело време бараа сугестии од нас и се смени Правилникот, се смени нешто во начинот на гледање на работите, меѓутоа тоа е сè уште малку.

Приказна Кои начин на исхрана би можеле да го применуваме, а би значел позитивна промена?

Спироски Иако не излегуваме на море, нашата исхрана многу потсетува на медитеранската исхрана и на медитеранскиот начин на живеење, па ако сакате сите продукти на медитеранската исхрана тука се присутни. Тука се автохтони тие кај нас. Ние не треба многу да менуваме или да правиме некои драматични промени како ќе се храниме, бидејќи медитеранската исхрана не е само храната што ја консумираме, тоа е еден стил на живеење. Тој стил на живеење дури и во медитеранските земји не е доминантен, клиентелизмот, глобализмот, окрупнувањето на компаниите што произведуваат храна и ги диктираат трендовите – направија промени. Меѓутоа фундаментите, еве 10 години поминаа откако медитеранската исхрана е прогласена за нематеријално богатство на УНЕСКО, сите ги имаме кај нас.

Емисија Приказна посветена на дебелината како здравствен проблем

Приказна Во некои земји, владите преземаа порадикални мерки, односно повисоко оданочување на храната која предизвикува дебелина, дури и рестрикции и забрана за рекламирање на тие производи со цел да ги заборави населението. Има ли простор за вакви мерки кај нас?

Спироски Не сакав толку далеку да одам, затоа што до таму претходно има некои други чекори што треба да ги направиме. На еден состанок со носители на одлуки кај нас им реков, тоа ќе дојде само дали сакаме да бидат првите тоа што ќе го направат, на крајот или на средина?!

Има земји низ Европа, сè повеќе, кои прават забрана, на пример низ цела ЕУ од оваа година се забранети трансмастите во храната кои кај нас сè уште не се дорегулирани, на добар пат се, но не секомплетно забранети. Воведување на даноци – апсолутно.

Унгарија е најдобар пример како имаат промена во консумацијата на тој тип храна со нивниот сеопфатен закон за оданочување со цел јавно здравје. Од минатата година Велика Британија ги оданочува засладените пијалаци, така што тоа неминовно ќе дојде и кај нас тоа во еден момент, но прво треба да ги изодиме претходните чекори, па да го имплементираме и тоа.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ