2.8 C
Skopje
Sunday, November 28, 2021
spot_img

ИНТЕРВЈУ Пејкова: Политичарка во најава, хирург и мајка засекогаш!

Софија Пејкова е носителката на кандидатската листа на советници за Град Скопје. Таа во интервјуто за Приказна вели: жените во секоја сфера од животот се реализатори. Имаат идеја, прават план, носат одлука и активно работат до решавање на проблемот или прашањето, без разлика дали е дома или на работа… Со мојот влез во политиката, се надевам ќе бидам инспирација за сите жени со желба и идеја да донесат новини и подобрувања на различни полиња во нашето секојдневие и животна средина.

Разговорот е дел од серијалот интервјуа што Приказна ги прави со жените политичарки.

Приказна Како ќе се опишете себеси?

Пејкова Јас сум мајка, сопруга и хирург. Сите мои карактеристики, доблести и слабости се излеваат низ овие мои животни улоги. Мојот 14 годишен син како најискрен и најчист ум, ме опишува како комуникативна, посветена и добра личност со широки видици, а работата ме прави да бидам трпелива, истрајна и упорна. Сакам да запознавам нови луѓе и да разменувам мислења, знаења и ставови.

Приказна Кои се вредностите во кои се препознавате?

Пејкова – Големo влијание на мојата перцепција за вредностите на животот имаат моите родители кои ми велеа: ,, Секогаш имај добра намера во сè што правиш во животот, помагај на секому колку можеш и никогаш не очекувај нешто за возврат. Прифаќај ги луѓето какви што се со сите мани и доблести, секој има во себе нешто посебно, извлечи заклучок од нив и корегирај се.,,

Приказна Дали тие вредности се присутни денес во светот на политиката?

Пејкова – Сакам да верувам дека повеќето луѓе што влегуваат во политиката сакаат на направат добро, сакаат да ги искористат своите способности и познавања да направат работи што ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и имаат повисока и поалтруистичка цел, а не само функција на хартија. Да се гледа поголемата слика и да се направат чекори кон подобра и посветла иднина овде во која нашите деца ќе сакаат да останат и живеат.

Приказна Што од вашите вредности ќе се најде во вашите планови за Скопје?

Пејкова – Животот не го гледам како прав пат без пречки, повеќе како лавиринт, можеби на почетокот со непознати правци и предизвици. Предизвиците носат енергија, инспирација, креативност, а преточени во работа, секогаш ме воделе кон успеси. Така ќе биде и оваа скопска приказна. Искрените намери, добриот план и стратегија и најважно добриот тим, постигнуваат резултати. Потребно е да се посветиме на индивидуалната одговорност за да ја добиеме колективната.

Приказна Дали активното вклучување во политиката, ќе значи дека вашата професија како пластичен хирург, ќе ја ставите во мирување?

Пејкова – Мојата професија е хирург и јас секогаш ќе бидам на моето работно место на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија, тука за моите пациенти. Желбата да бидам хирург датира од пред повеќе од 20 години кога го завршив Медицинскиот факултет во Скопје. Хирургијата во тоа време беше ,, машки свет“. Тоа искрено ме импонираше и ми беше мисија да си докажам самата себе си дека не треба да постои поделба на машки и женски професии. Не беше лесно, но со многу работа, труд и посветеност јас сум она што сум денес.

Приказна Досегашната пракса во политиката, покажува дека желбите и битките за промени, ги поттикнуваат и реализираат жените. Жените искрено се борат за своите ставови. Како да ги охрабриме жените за поголема вклученост во локалните политики и нивна реализација?

Пејкова – Жените во секоја сфера од животот се реализатори. Имаат идеја, прават план, носат одлука и активно работат до решавање на проблемот или прашањето, без разлика дали е дома или на работа. Резултатите зборуваат сами за себе, нив околината ги перципира и луѓето ги бараат личностите што можат и сакаат да помогнат. Така и јас влегов во локалната политика и се надевам ќе бидам инспирација за сите жени со желба и идеја да донесат новини и подобрувања на различни полиња во нашето секојдневие и животна средина.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

2,348FansLike
1,235FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ