20.8 C
Skopje
Thursday, September 29, 2022
spot_img

Интервју Маглешов: Медиумите и образованието се клучните два столба преку кои може да се шири културата на говор

Медиумите мора да бидат филтер и да ги прочистуваат сите тие пораки што се пренесуваат во јавноста, вели за Приказна новинарот Васко Маглешов.

Приказна Чија е одговорноста за некултурата во говорот?

Маглешов Медиумите ја имаат обврската, покрај тоа што треба да информираат и да едуцираат, за жал со текот на годините тоа некако како да заостанува. Попрецизно, тој примат што медиумите го имаа во 80-те и 90-те години, денес тоа не е случај. Тоа го наметнува модерното време бидејќи најголемиот дел од публиката содржините ги консумира онлајн.

Но и дигиталните медиуми ја имаат обврската на ширење толеранција, ширење на јазична култура за да не дозволуваат буквално говор којшто е недоличен, полн со вулгарности, говор што не почитува толеранција или не почитува различности, да биде флуктуирачки во нивните содржини. Особено тоа се однесува на социјалните мрежи бидејќи медиумите ја имаат одговорноста и да ги модерираат коментарите.

Сите оние коментари коишто се недолични, треба да ги филтрираат, бидејќи поинаку, тие се индиректни соучесници во таа култура на непочитување.

Приказна Сметате ли дека и медиумите имаат одговорна улога во културата на изразување?

Маглешов Медиумите несомнено, покрај образованието имаат голема улога во културата на изразување.

Кога ова прашање би ми го поставиле пред десет или дваесет години состојбата ќе беше малку поинаква бидејќи денес особено помладите генерации не следат толку телевизија или други традиционални медиуми, тие повеќе се информираат на порталите или социјалните мрежи. Меѓутоа и во оној мал простор што останува медиумите ја имаат таа одговорност да бидат мембрана за да не дозволат секаков тип на говор да минува низ нивните содржини. Што подразбира тоа?! Имате контактни емисии, утрински емисии каде што секој може да се јави, медиумите мора да спречат говор кој поттикнува некомфорно однесување, односно поттикнува непријатност кај останатата публика. Тука медиумите мора да бидат филтер и да ги прочистуваат сите тие пораки што се пренесуваат во јавноста.

Приказна Дали преку медиумите може да се изгради општествена свест и писменост, со што може да се влијае на културата во комуникацијата?

Маглешов Одговорноста за некултурата во говорот во основа е на секого бидејќи секој би требало да ја сноси одговорноста во смисла што е кажано во јавниот дискурс. Зад сечие лично говорење стои некаков општествен статус, некаква социјална позиција, образование, искуство и слично.

Во основа кога станува збор за јавноста и за некултурата на говор големо влијание имаат политичарите бидејќи тие секојдневно се присутни во медиумите. Тие ја имаат одговорноста тоа што го говорат да биде аргументирано, артикулирано и да не повредува некого. Лесно е да се биде некултурен и да се говори со јазик што ги повредува другите. Многу е потешко да се говори со една аргументација што подразбира разбирање и примање на работите и притоа добро изразување.

Приказна Како да ја едуцираме јавноста дека слободата не значи неодговорност во процесот на комуникација?

Маглешов Клучен фактор во тој процес треба да биде образованието. Ми се чини дека оттука сè потекнува.

Ако младите уште од рана возраст ги учите да кога говорат и се изразуваат сето тоа да биде со почит, да биде со аргументација, а да не биде со јазик на некултура и непочитување, тогаш можете да бидете сигурни дека ќе креирате едно граѓанство кое ќе ги вреднува сите различности без притоа некој да се почувствува непријатно.

Медиумите и образованието се клучните два столба преку кои може да се шири културата на говор и ако тоа се почитува, ќе изнедри луѓе кои ќе бидат многу поотворени и поагилни, па нема она што ќе се коментира, да биде полно со лексика со омраза, која другите ги повредува и омаловажува.

Документарен магазин Приказна на тема култура во комуникацијата

За Приказна

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ