22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

ИНТЕРВЈУ Дарко Дедиќ: само околу 10% од вкупниот број на население кај нас има животно осигурување

Осигурувањето, иако по обем е значајно помало, сепак е еден од главните учесници на финансискиот пазар во Македонија. Со вкупна годишна премија некаде околу 170.000.000 евра, вкупни вложување коишто компаниите ги вршат на финансискиот пазар од околу 320.000.000 и актива од над 400.000.000 евра, сето ова укажува дека животното осигурување за економија како македонската е значаен учесник на финансискиот пазар во Македонија, вели во интервју за „Приказна“, Дарко Дедиќ, Претседател на Управниот одбор на Винер Лајф-Виена Иншуренс Груп.

Приказна: Како ја оценувате состојбата на осигурителниот пазар за животно осигурување во споредба со европските земји и земјите од регионот?

Дедиќ: Животното осигурување е едно од најбрзо растечките финансиски дејности во Македонија. И покрај овој факт, степенот на развој на животното осигурување и бројот на осигурени лица е значајно помал, за разлика од развиените европски земји.

Ние сме компанија основана со австриски капитал и ако го видиме начинот на развој на животното осигурување во Австрија, се гледа дека бројот на активни полиси на австрискиот пазар е поголем од бројот на жители во државата. Кај нас, овој процент сè уште се движи некаде под 10% од вкупниот број на население, по што се гледа големата разлика во степенот на развој, споредено со Австрија.

Од друга страна, ова е и потенцијал кој може да се искористи во идниот период. Што се однесува до земјите од регионот, разликата е значајно помала, но сепак, одредени земји како Хрватска, Бугарија, Словенија, Романија и Србија имаат поголем степен на развој на животното осигурување, во однос на Македонија. Во последните 10 години со брзата динамика на развој на животното осигурување во Македонија, овој јаз постепено се намалува. Сепак евидентна е потребата од дополнителен развој на животното осигурување со цел да се достигне тој регионален просек.

Приказна: Колку осигурувањето е значаен фактор за финансискиот пазар?

Дедиќ: Во Македонија, како и во регионот и пошироко, банкарскиот сектор е главен столб и двигател на развој на финансискиот пазар. Осигурувањето, иако по обем е значајно помало, сепак е еден од главните учесници на финансискиот пазар во Македонија, со вкупна годишна премија некаде околу 170.000.000 евра, со вкупни вложување коишто компаниите ги вршат на финансискиот пазар од околу 320.000.000 и актива од над 400.000.000 евра. Ова се јасни показатели дека животното осигурување за економија како македонската, сепак е значаен учесник на финансискиот пазар во Македонија.

Соработката помеѓу банкарскиот сектор и осигурителните компании којашто последните години се интензивира, посебно во делот за работа со население, во насока на покривање на ризиците коишто претходно беа на товар на кредитокорисниците, уште повеќе го покажува значењето кое овој сектор го има на финансискиот пазар и не само од обем на активности, туку и од нудење на услуги кои претходно не постоеја на нашиот пазар.

Приказна: Податоците на одредени анализи, укажуваат дека осигурителниот сектор во земјава се карактеризира со ниско учество во финансискиот сектор. Како да се смени оваа состојба?

Дедиќ: Зголемувањето, односно континуитетот во зголемувањето на нови осигурителни производи коишто ќе бидат димензионирани и конципирани за конкретните потреби коишто ги има овој пазар, секако можат да доведат до зголемување на пазарното учество на осигурителниот сектор.

Последните две години сме сведоци на константно зголемување на дигитализацијата во процесот на обработка на обработка на податоци на осигурителните компании, што исто така би влијаело многу позитивно во развојот на овој сектор. Секако, развојот на овој сектор е во директна корелација со развојот на макро-економијата и со развојот на БДП.

Приказна: Во кои осигурителни класи гледате потенцијал на македонскиот пазар?

Дедиќ: Согласно степенот на развој на осигурителната индустрија, јас сметам дека потенцијал за раст има во сите класи на осигурување. Сепак, имајќи ја предвид економската развиеност на земјата и финансиската состојба, како на населението, така и на корпоративниот сектор, одредени класи на осигурување имаат во моментов малку поголем потенцијал од останатите. Тука може да ги издвојам животното, здравственото, имотното, па може и земјоделското осигурување, како осигурувања кои се неопходни и потребни во секојдневието.

Овие видови на осигурување се посебно атрактивни во денешни услови, затоа што компаниите нудат широка палета на вакви производи од осигурувања со цени кои можат да се приспособат според можностите и потребите на граѓаните и компаниите и можат да варираат во зависност од нивните можности.

Приказна: Како да се смени перцепцијата дека осигурувањето е трошок?

Дедиќ: Осигурувањето во суштина, како и секој друг производ или услуга е трошок за крајниот корисник. Јас мислам дека треба да одговориме на прашањето дали осигурувањето е потребен и оправдан трошок за корисниците.

Во денешно време, ако го споредиме начинот на живеење со само 30 години порано, може да заклучиме дека живееме во динамично време, со голем број обврски и голем број активности кои секојдневно ги извршуваме. Ваквиот начин на живеење носи до поголем број ризици на кои сме изложени во секојдневниот живот, а дел од нив не може да се предвидат и да се спречат.

Затоа мислам дека осигурувањето е оправдан и неопходен трошок во денешното живеење. Делумно, ова се сфаќа трошок, без да се видат придобивките кои секоја полиса ги носи за клиентите. Затоа е потребна и финансиска едукација, која во денешни услови, треба да почне уште од најраните години на образование.

Документарен магазин Приказна посветен на осигурувањето

За Приказна, Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ