16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

ИНТЕРВЈУ Дамјан Николовски: наставниците и родителите треба да работат заедно за да им се помогне на децата со дислексија

Потребни се многу системски промени. Да започнеме од едукацијата на наставниот кадар, затоа што тие се најважната алка во распознавањето на дислексијата. Наставниците мора да се обучат, па потребно е да се направат законски измени за да учениците може да добијат соодветна поддршка. Имаме некаков напредок и во оваа област. За време на полагањето на државна матура, учениците со дислексија имаат право да имаат тестатор којшто ќе им ги прочита прашањата. Сега работиме и на изготвување на некое законско решение во однос на полагањето на возачкиот испит на лицата со дислексија, вели во интервју за „Приказна“, Дамјан Николовски, претседател на здружението „Ајнштајн“.

Приказна: Што всушност значи дислексија?

Николовски: Ќе започнам со онаа генерална дефиниција каде што се опишува како состојба при којашто мозокот различно ги процесира пишаниот и говорниот јазик. Можеби вака е малку конфузно, па затоа ќе кажам дека е тешкотија во читањето и разбирањето на тоа што всушност едно лице ќе го прочита.

Приказна Дали во земјава се препознава дислексијата?

Николовски: Дислексијата како состојба била присутна отсекогаш. Но, сега веќе се забележува кај помалите ученици, дека веќе подолго време работиме на оваа проблематика, меѓутоа имаме голем дел од возрасната популација која не е ни свесна дека има дислексија. Тоа го забележавме кај родителите кои доаѓаат кај нас во здружението за своите деца и после извесно време работа со нивните деца, тие сфаќаат дека и они имале дислексија.

Приказна: Како да препознаеме која е најраната возраст кај децата кога може да откриеме дека имаат состојба со дислексија?

Николовски: Има повеќе ставови за тоа кога е оптимално да се открие дислексијата. Според нашиот став како здружение, тоа е некаде на деветгодишна возраст кога детето ќе го помине почетниот дел од образованието и кога повторно ќе се соочува со одредени тешкотии во читањето и разбирањето, како и пишувањето. Тогаш веќе треба да се вклучи оној црвен аларм дека можеби се работи за дислексија.

Приказна: Дали наставниците знаат да препознаат кога некое дете има дислексија?

Николовски: После седум години напорна работа, работите се променети во однос на наставниот кадар и наставниците знаат да препознаат дислексија. Секако, не можат тие да одредат дали ученикот има дислексија, но може да ги препознаат знаците.

Сепак, сè уште е рано да се зборува дека ние сме го постигнале она ниво наставниците сами да препознаат дека некој ученик има дислексија, но мислам дека одиме во правилна насока.

Приказна: Дали наставниците се обучени да работат со деца кои имаат дислексија?

Николовски: Во нивното формално образование не, меѓутоа ние како здружение долги години работиме на едукација на наставниот кадар. Досега сме организирале над 50-тина семинари и вебинари за дислексија каде што ги едуцираме наставниците како да ја препознаат дислексијата и каква поддршка да им понудат на учениците за дислексија.

Приказна: Колку е важно и развивањето на самодовербата кај дечињата? За жал, чести се и неприкладните реакции, како исмејување или навредување. Дали тие делуваат демотивирачки ?

Николовски: Апсолутно. Јас отсекогаш кажувам дека самодовербата кај учениците со дислексија е многу важна. Во најголем дел од случаите на учениците со дислексија, се соочуваат со слаба самодоверба, пред сè поради фактот што тие длабоко во себе знаат дека кај нив е нешто поразлично и знаат дека не можат да постигнат ист резулатат, како и останатите ученици во некои области. Поради тоа, градењето самодовербата кај учениците со дислексија е од исклучителна важност.

Приказна: Постои ли неопходност од системско решение со кои ќе се работи на унапредување на самодовербата?

Николовски: Апсолутно. За општиот успех на децата со дислексија, најважна е соработката помеѓу родителите и училиштата, значи тие две страни мора да соработуваат за да постигнеме успех. Пример, ќе земеме наставник кој прави се’ да му помогне на детето со дислексија, но тоа дете нема разбирање од дома, па во тој случај, трудот е залуден, исто е и кога ситуацијата е обратна.

Приказна: Податоците велат дека дури 50% од учениците кои имале слаб успех на училиште се соочувале со проблемот, но, никој тој проблем не го препознал?

Николовски: Да, така е. Тоа го покажуваат податоците. Голем дел од учениците со слаб успех на училиште се соочувале со дислексија или со други тешкотии во учењето. Но, не е тоа само кај нас. Во голем дел држави свеста за дислексија сè уште е на ниско ниво. Пример ќе ја земеме Велика Британија. Иако таму свеста на дислексијата е подигната на многу високо ниво, тие уште работат на информирање на населението за поголема свест за дислексијата.

Приказна: Постои разлика помеѓу бројките за дислексија кај нас и на глобално ниво. Која е причината?

Николовски: Бројките се тука, пред сè затоа што словенските јазици се многу потранспарентни, за разлика од англискиот јазик. Токму затоа се смета дека процентот е помал кај нас. Ако на пример во Велика Британија просекот е 15%, во Кина е од 3% до 4% затоа што нивното писмо е цело во слики, па поради тоа не се соочуваат со тие проблеми.

Приказна: Кои системски решенија недостасуваат, а може да им донесат придобивки на лицата кои се соочуваат со дислексија, особено кај децата?

Николовски: Потребни се многу системски промени. Да започнеме од едукацијата на наставниот кадар, затоа што тие се најважната алка во распознавањето на дислексијата. Наставниците мора да се обучат, па потребно е да се направат законски измени за да учениците може да добијат соодветна поддршка. Имаме некаков напредок и во оваа област. За време на полагањето на државна матура, учениците со дислексија имаат право да имаат тестатор којшто ќе им ги прочита прашањата.

Сега работиме и на изготвување на некое законско решение во однос на полагањето на возачкиот испит на лицата со дислексија, исто така да им се обездеди тестатор којшто може да им ги чита прашањата при полагањето. Имаме и други работи коишто можат да се направат и во високото образование и во средното образование, каде што на учениците со дислексија би им се дозволило повеќе време за полагање на тестовите или тие да бидат од фонт којшто би бил наменет тие да може полесно да го прочитаат текстот.

За Приказна,

Вики Чадиковска

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ