33.8 C
Skopje
Tuesday, June 28, 2022
spot_img

Ида Протуѓер: Целта е силен мотивациски фактор

Гледачите ја препознаваат како телевизиски лик. Во моментов, новинарското перо го менува со професија од нејзините студии. Психологијата ја надополнува со вештините на тренер за квалитетен живот, професија која е многу популарна во Австрија, земјата каде моментално живее.

Две и полгодишниот тренинг овде во Виена, освен што ми даде стручно знаење – да го работам тоа што сум сега – тренер за личен, системски и семеен развој, ми даде и нешто многу повеќе. Тоа е еден поинаков начин на гледање на нештата и светот.

Ги разбирам сите оние кои не сакаат да ја напуштат комфор зоната, бидејќи сигурноста е една од базичните човекови потреби. На пирамидата на потребите според американскиот психолог Абрахам Маслов – сигурноста е во основата, а потребата за самореализација е на врвот и за некој да ја надмине потребата за сигурност и да тргне во остварување на потребата за самореализација, потребна е силна мотивација.

Целта е силен мотивациски фактор. Во мојот случај, целта беше да станам ова што сум сега, за да можам тука во Виена, да се реализирам и да остварам некоја своја приказна во овој контекст.

Освен целта, потребни се и ресурси и тука. Луѓето мислат дека ресурсите се само некое стручно знаење за нешто да постигнат. Ресурсите се многу повеќе од тоа, тие се сето знаење и искуство собрано во еден човек – во смисла на таленти, академско знаење или искуство, начин на размислување и карактеристики. Сето она што го носите во себе. Тоа може да се стави во разни контексти и во многу прилики да се искористи. Меѓутоа, луѓето многу често не се свесни за тоа.

На еден од семинарите на кои сум присуствувала, еден од тренерите нè праша колку години имаме вкупно сите заедно присутни во просторијата и ако ги собереме и имаме заедничка цел, можеме тие 500-600 години на животно искуство и знаење да ги споиме и преку таа синергија побрзо да дојдеме до целта која сме ја имале.

Да речеме во контекстот на Македонија, тоа се два милиона граѓани коишто живеат таму – ако го спојат знаењето, талентите и сето она што го поседуваат за одредена цел, да речеме за поквалитетен живот – тогаш сите ќе бидеме многу поблиску до тоа.

Во мојот случај ресурсите беа да го мобилизирам тоа што сум научила комуникација од новинарската професија, аналитичен начин на размислување, психологија којашто претходно ја студирав. Сите тие ресурси што ги носиме со себе можеме да ги реорганизираме за да бидеме поблиску до целта.

Трета работа којашто е многу важна е фокусот. Дали ќе се насочиме кон дефицитите, она што го немаме или кон ресурсите – она што го имаме. Многу пати слушам и од моите клиенти и самата јас сум била во таква ситуација, да наведувам што немам – немам пари, немам време, немам енергија, а не сме насочени кон тоа што го имаме.

Животот е немилосрден кон сите. Секој е роден во одреден контекст и живее во одреден контекст. Никој нема идеални услови за нешто. Тука е важно да си го поставиме прашањето-што можам јас во овие услови и во овој контекст да направам за себе и што имам за тоа да го остварам ако имам одредена цел. Затоа фокусот кон тоа што го имаме, наместо фокус кон тоа што го немаме ќе нè донесе многу поблиску до целта.

Приказна посветена на женското претприемништво

За Приказна,

Ида Протугер Вељковиќ, психолог, системски семеен тренер и системски бизнис тренер

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,476FansLike
1,414FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ