8.8 C
Skopje
Tuesday, October 22, 2024
spot_img

Игор Киров: Отсекогаш сум знаел дека во мене има нешто повеќе од танчер

Игор Киров е еден од најистакнатите македонски балетски уметници и кореографи во доменот на модерниот танц. Танцува од дете во балетската секција на Пионерскиот дом во Штип. Пошироката јавност го забележа неговиот голем талент на фестивалот „Макфест“ во 1990 година, потоа тој се појави на „Мак Денс“, па стана дел од популарниот „Ребис“.

  • Мислам дека на македонската јавност сум им доста познат. За прв пат се појавив во 90-те години на Макфест. Со самото мое влегување во Ребис, немаше телевизија, настани, Водени лудории, 12 величествени, концерти, каде заедно со Ребис не настапувавме. Нашата соработка со МТВ беше навистина добра. Тоа беше мојата отскочна даска, каде сите ме запознаа, ја споделува својата инспиративна приказна Игор Киров.
Фото: приватна архива – фејсбук

Kлучна улога во неговиот професионален развој имала професорката Гордана Деан – Попхристова. Токму таа го насочила и охрабрила да го продолжи своето образование на една од најпрестижните балетски академии во Европа и светот, Холандската академија за танц во Ротердам.

  • Во Македонија мислам дека постигнав се’ што можеше да се постигне во тој период. Пред мене се наоѓаше предизвик, дали да останам и да бидам дел од македонската сцена или да се надградам и да бидам тоа што сум денес. Мислам дека го направив вистинскиот чекор и ја донесов правилната одлука. На моја голема среќа, бев примен на Академијата за модерни танци во Холандија. Успеав да влезам во најдобрите 35, од 475 кои беа пријавени. Оттука започна едно ново поглавје во мојот живот. Сето она што го имав научено морав да го заборавам и да почнам одново. Макотрпната работа од 9 наутро до 9 навечер, ме натера сам себе да се жртвувам во мојот приватен начин на егзистенција, бидејќи знаев дека штом сум таму мора тоа да го освојам за да можам да продолжам понатаму да се занимавам со оваа професија. По 3 години во Академијата, успеав да најдам работа во една од најдобрите компании во Холандија, вели Игор.
фото: приватна архива – Фејсбук

Киров ја освои првата награда за најталентиран млад кореограф на Меѓународниот балетски натпревар во Нагоја (Јапонија). Оттогаш, неговото име во континуитет се појавува во потписот на бројни кореографии за многу балетски куќи и компании ширум светот.

  • Отсекогаш сум знаел дека во мене има нешто повеќе од танчер. Со самото работење како кореограф, секогаш постоеше желба да пробам да видам како е, на кој начин се прават кореографиите. На почетокот ми беше еден неотворен прозор, на кој му дадов време, 4, 5 години од мојата кариера. Но, со тек на време, како работев со кореографи, желбата стануваше се’ поголема. Во 2001 година се осмелив да направам еден дует за една компанија во Германија. Работев во моите 18 сезони колку што играв како танчер. Работев во 10 компании со повеќе од 40 кореографи кои многу значат на европската и светската сцена, раскажува Киров и додава:
  • Со мојата прва награда, почнав полека да создавам. Досега имам направено околу 25 кореографии, почнувајќи од МОБ, Хрватското казалиште, Народното позориште во Белград,  театрите во Минхен, Шпанија, Бар, и многу други. Последното беше во Санк Петерсбург во Русија. Следната моја премиера е закажана за 13 ноември во Националната опера и балет во Узбекистан.
Фото: приватна архива – Фејсбук

Публиката сè уште го памети и зборува за балетскиот спектакл „5 до 12“ на Киров, исклучително дело поставено на музика на Кирил Џајковски, која претставува комбинација на електронски и изворни звуци.

Преку 12 танчари, низ исто толку сцени, Киров раскажува шест периоди од човечкиот живот, од раѓањето до смртта. Во балетот се доловува комплексноста на балканскиот менталитет, но и навиката на луѓето проблемите да ги решаваат во последен момент.

  • „5 до 12“ беше мојата прва претстава на хрватскиот пазар. Се одигра 40 пати. Оваа претстава се одигра и во Македонија и Сарево, Белград, Словачка, Словенија и Чешка. Музиката е правена од страна на Кирил Џајковски, костимите на Александар Ношпал. Претстава којашто ми е доста драга и која ми ги отвори вратите за да можам веднаш потоа да станам уметнички директор на балетот на Хрватското казалиште во Сплит.
Фото: приватна архива – Фејсбук

Во интервју за „Приказна“ со Киров разговаравме и за состојбата со македонската танцова сцена.

  • Да бидам искрен мислам дека не се разви македонската танцова сцена. Мислам дека нашата сцена си тапка во место. За жал, не е само Македонија којашто тапка во место. Многу земји се соочуваат со истата ситуација. Според мене не постои македонска танцова сцена, затоа што институциите, државата не вложуваат во развивање на таа сцена. Осудени сме на  тоа што ќе го понуди МОБ и  како ќе ги едуцира луѓето. Оттука зависи целата македонска танцова сцена. Мислам дека ќе требаат уште многу години за да сфатиме дека тоа што се работи во Македонија, му фали да биде рамо до рамо со Хрватска или Словенија. Во Македонија не се инвестира доволно во националната куќа и ја водат луѓе кои се без визии. Се’ додека се ставаат министри за култура кои немаат никакви познавања од балет и модерно, а се во позиција да одлучуваат  што и како треба да се развие, македонската танцова сцена ќе тапка во место. 

Погледнете ја целата „Приказна“ посветена на танцот:

Документарен магазин Приказна

За ПРИКАЗНА,

Ване Маркоски

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,687FansLike
3,355FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ