Мислам дека сè уште имаме проблем со оние застарени сфаќања дека спортот е машка работа и прифатен е некој стереотип дека жените во спортот се само спортистки, малку има на пример судиски парови, вели во интервју за „Приказна“, Зорица Блажевска – претседател на РК „Металург“ и ЖРК „Металург“.
Приказна: Каква е менаџерската застапеност на жените во спортскиот сектор?
Блажевска: Според мое мислење, жените не се воопшто застапени на менаџерски и раководни функции и мислам дека тоа е голема штета, затоа што жените се докажале како одлични менаџери. Спортот во моментов е во голема криза и мислам дека жена менаџер може во вакви кризни времиња многу полесно и подобро да менаџира.
Приказна: Од каде потекнува проблемот со малата застапеност на жените на раководните функции во спортот?
Блажевска: Мислам дека сè уште имаме проблем со оние застарени сфаќања дека спортот е машка работа и прифатен е некој стереотип дека жените во спортот се само спортистки, малку има на пример судиски парови. Мислам дека застарените сфаќања и одбивноста кај машкиот свет да ги препуштат тие менаџерски функции на жени, но тука е и недоволната храброст и верба кај жените, знаејќи со што треба да се соочат. Таков е мојот пример, кога дојдов на оваа позиција јасно ми беше за што се нафаќам, знаев дека тоа ќе биде тешка борба, но тоа ми даде уште поголема сила за да издржам.
Знаев дека ништо нема да се случи преку ноќ и дека мора да издржам. Знаев дека ми треба преголема енергија за да можам да излезам со сето тоа на крај. Еве и после три години се чувствувам како да сум на почеток и дека треба време да се среди се тоа што во минатите години се „ставало под тепих“ и веројатно треба уште време. Треба храброст. Јас верувам дека има храбри жени, но им треба малку поттик за да можат да се носат со сите предизвици.
Приказна: Каква е застапеноста на жените во спортот?
Блажевска: Сè уште се 60-40, но со тенденција да расте застапеноста. Во последниве две години една дама која одлучи да направи нешто повеќе за жените во спортот, Силвија Митевска, направи неколку чекори напред од она што бевме претходно и малку повеќе се слушна за овој проблем за кој порано не се разговараше. Има многу квалитетни женски спортисти, но сè уште владее машката доминација. Јас можам да зборувам конкретно за ракометот, еве ќе почнам од поделбата на ваучерите кои ги добиваме од државата, значи од старт тука жените се нееднакви и се надевам дека во наредната распределба ќе се поправи таа неправда, бидејќи во спортот подеднакво вложуваат и мажите и жените.
Приказна: Која е вашата порака до младите спортистки…
Блажевска: Секоја една препрека која треба да ја прескокнат, само ги прави посилни. Да не дозволат да се сопнат на ниедна пречка. Една наша позната спортска новинарка има една изрека „седум пати падни, осум стани“, значи сакам да кажам дека е тешко, но не дозволувајте ништо да ве сопре, бидејќи колку и да е тежок патот, успехот на крај доаѓа по своето.
За Приказна,
Ване Маркоски