8.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022
spot_img

Зоран Матевски: Религиската и политичката елита во Македонија се испреплетени!

Македонија е една од ретките земји кога може да се пофали со религиски дијалог и соработка којшто е на прилично висок интензитет, вели во интервју за Приказна проф. д-р Зоран Матевски директор на Истражувачкиот центар за религија и култура при Филозофскиот факултет на УКИМ.

Нема достапен опис

Приказна: Зошто е религијата важна за општеството? Може ли религијата да предизвика општествени промени?

Зоран Матевски: Може, се разбира. Религијата е многу важна и е константен општествен феномен. Таа постои од појавата на човештвото и ќе постои додека заврши човештвото.

Јас сум од оние социолози на религија кои тврдат дека религијата има исклучително позитивна функција и исклучиво позитивна функција, и затоа е многу важна за општеството, влијае врз општествените промени исто како што општествените промени влијаат на религијата. Дефинитивно треба да се користи нејзината позитивна функција, има неколку како што е етичката, индивидуално психолошката итн., а негативната доаѓа само тогаш кога се злоупотребуваат религиските чувства на верниците од страна на одредени фактори, како што се политичките организации, а понекогаш за жал и религиските организации.

Приказна: Колку религијата може да го промени однесувањето на луѓето, од социјален аспект, дали може да влијае на нивно обединување или раздвојување?

Зоран: Влијае и во една и во друга насока, во основа, влијае интегративно, дефинитивно, и сите што се припадници на една религија се интегрираат меѓу себе. Има емпатија меѓу нив, солидарност, си помагаат и таа е таа општествена интегративна функција на религијата, меѓутоа проблем настанува тогаш кога сте солидарни, емпатични само кон религиски своите, но не и кон другите. Тогаш може да се појави еден систем кој ние го нарекуваме религиска исклучивост, кога вие велите дека сте тие правите, а религиски другите се „кривите“. Тоа не е во ред. Сè уште не можеме да пробиеме до оној систем да дојдеме до таа интегративна функција на религијата да ја донесеме до религиски другиот. Тешко тоа функционира. Да бидете емпатични кон религиски своите исто и кон религиски другите. Меѓутоа се надевам во едно време коешто доаѓа сега е многу популарна една идеја којашто ја форсирам јас во моите истражувања, а тоа е идејата на нео екуменизмот, значи религиско помирување и религиска љубов помеѓу христијанството и исламот. Кога неколку религии ќе влезат во религиска љубов, можеме да дојдеме до една таква ситуација да бидеме емпатични, солидарни и кон религиски сите, особено кон јудаизмот, христијанството и исламот, бидејќи имаат заеднички корени и основи, и се многу слични.

Приказна: Дали непознавањето на одредени религиски верувања може да предизвика страв, догми, неприфаќање, отфрлање и различно нетолерантно однесување кон различните од нас?

Зоран: Да, се разбира, непознавањето на религиски другиот прави проблем. Македонија е една од ретките земји кога може да се пофали со религиски дијалог и соработка којшто е на прилично висок интензитет.

Пред извесно време беа гости од Северна Ирска, коишто дојдоа тука да видат како функционира таа религиска толеранција и религиски дијалог помеѓу христијанството и исламот, бидејќи тие се соочуваат со големи проблеми помеѓу протестантизмот и католичкото христијанство. Ние правиме многу во тој дел. Во исламот и христијанството имате многу повеќе заеднички елементи и идејата е дека фактички треба да се извлечат тие заеднички елементи во смисла на интеркултурен дијалог, не во смисла на мултикултурализам. Мултикултурализмот е мртов, тоа и европските лидери го кажуваат за жал. Тој значи дека статички пристап во кој вие живеете едни покрај други. Ако Македонците и Албанците живеат едни покрај други вие ништо не сте направиле. Можете единствено да го решите проблемот, да се толерирате. Меѓутоа тоа не е тоа. Вие мора да влезете еден чекор понапред. Да излезете од тој мултикултурализам, бидејќи не дава резултати. Да дојдете до еден динамички процес, тоа е интеркултурен дијалог. Едните со другите да комуницираат, да влезат во комуникација, може да почнат со економски мотив, па да завршат со она што го заборавивме, мултиконфесионални и мултиетнички бракови.

Приказна: Колку свештените лица можат да играат некаква улога?

Зоран: Играат исклучително висока улога, но за жал не го прават тоа. Религиските организации во Македонија, МПЦ, Охридската архиепископија и Исламската верска заедница, не се виновни за ништо, во однос на проблемите што се случуваат. Ние сме во еден постконфликтен период, за жал, и сè уште го чувствуваме она што се случи во 2001 година. Се што е лошо во однос на тој дел, не е од религиските, главно не е. Иако понекогаш и кај нив можат да се видат разни изјави, но не се виновни. Виновни се политичките партии, виновни се некои бизнис-заедници и некои организации кои сакаат да направат конфликт, но религиските организации се виновни бидејќи не го кажуваат тоа што треба да го кажат. Всушност, никогаш не излегле на медуми да пропагираат религиски дијалог и соработка, и затоа не се виновни за латентните конфликти ама се виновни за тоа што требало да го кажат. Секогаш кога сме имале проблем во Македонија, религиски, никогаш не се јавиле да ги смират конфликтите, напротив, понекогаш со некои изјави, можат да доведат до сосема друга насока. Политичката и религиската елита во Македонија и на Балканот е испреплетена. Заедно делуваат и дејствуваат, имаат заеднички цели и интереси. Има една ситуација која мене не ми се допаѓа. Многу често религиската елита да се профанизира. Наместо да се занимава со свети нешта таа се занимава со профаните нешта, со политика и обратно.

Приказна: Колку дигиталното време во кое живееме ги нагласи овие релации?

Зоран: Денес сè се гледа. Ако не излезете на медиуми, ако не излезете на портали како да не се случило. Религиските организации треба да зборуваат за општествените феномени, како што тоа го прави Папата. Пораката треба да се однесува на одредени феномени кои го мачат општеството. На пример може да се зборува за проблеми на интеграција на Македонија во ЕУ, проблеми што ги имаме со Бугарија, меѓуетнички проблеми. Но не треба да се форсира една политичка елита или да се клевети друга политичка елита, или да влегувате во тоа да се мешате во политичката карта на Македонија. Не го користат тоа што треба да го користат. Треба да дадат порака, и убаво е да дадат порака, но не во насока на бранење или форсирање на една политичка елита а бранење на друга. Имате лидери кои ја бранат десницата, а ја напаѓаат левицата и обратно. Имаме владици кои ја бранат левицата а ја напаѓаат десницата,тоа не смее да се случува.

Документарен магазин Приказна на тема религија

Приказна: Како пандемијата се одрази врз религијата од социјален аспект, дали не обедини или разедини?

Зоран: Пандемијата покажа убаво покажа дека политичката и религиската елита работат заедно. Во однос на пандемијата јас сум задоволен како тоа го одработија, имаше тука некои недоразбирања, но фино тоа го одработија во интерес на граѓаните и целата здравствена ситуација во Македонија. Но, она што е интересно, во тие големи општествени кризи, и здравствени кризи, човекот се враќа кон религијата. Во истражувањата кои сега ги правам, луѓето покажуваат поголем интензитет на религиозност, тие почнаа да покажуваат поголема вера во Бога од една страна, од друга страна бидејќи беа предодредени да бидат заедно во семејството, го правеа оној подзаборавен заеднички ручек, во тој заеднички ручек има ритуали и молитви итн. Процентот на теолошки верници се зголеми од почетокот на кризата, имаме поголем интензитет на читање на Библијата и Куранот, поголем пиетет кон празниците

За Приказна,

Вики Чадиковска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,651FansLike
1,466FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ