8.8 C
Skopje
Wednesday, October 5, 2022
spot_img

Желбите на Слободан Ангелов по тешката судбина, почнаа да се реализираат, со амин на хуманите луѓе

Слободан Ангелов е роден и израснат во Оризари, кочанско. Имал тешко детство. Од свои 13 години морал да работи тешка физичка работа за да може да преживее заедно со своето семејство. На 31 јули минатата година ја слушнавте неговата тажна животна приказна во емисијата „Срце на дланка“. Тогаш се запознавме и со неговото херојство во одбраната на нашата земја за време на немирите во 2001 година.

Слободан живее со 8000 денари социјална помош. Од тие пари се прехрануваат тој, татко му и брат му. Храбар исто како во 2001 година, тој одлучи да ги стави темелите на новиот дом, и да започне нова етапа од својот живот. Не можејќи сам, го раскажа својот живот во емисијата „Срце на дланка‘.

– Од мал имав тажно и тешко детство. Мајка ми едвај не прехрануваше. Работеше по ниви, аргат за да извади една корка леб. Многу ја жалев. Кога малку пораснав, веднаш почнав да работам. Јас каде ќе ме викнеа одев и работев, само да придонесам за семејството. Во 2001 година ме земаат во војна и едвај останав жив. Ми беа извршени неколку операции, а денес не сум способен да работам. Јас сум воен инвалид. Живеам од социјална помош. Но, куќата на родителите е многу стара, па, еден ден решив ќе почнам со изградба на нов дом. Државата дигна раце од мене, иако, јас и служев кога и беше најпотребна помош. Не се каам, пак ако треба би се борел. Сè за мојата убава земја. Сепак, денес немам финансии за да ја доправам куќата. Па, затоа сакам да побарам помош од добриот народ, знам дека ќе ми помогне-рече Слободан со кнедла во грлото пред крај на неговата животна исповед јавно.

Домот што тој лани почна да го гради, по објавувањето на неговата приказна, доби сосема поинаков изглед. Затоа, Слободан се заблагодарува на сите хумани граѓани и фирми, кои ја доведоа куќата во нејзината завршна фаза од изградба.

Благодарам на сите што ми помогнаа откако го раскажав својот животен проблем. Многу градежни материјали и финансии пристигнаа на мојата сметка, со кои веднаш почнав да ја доправам куќата. Добив и помош од странство, и тоа го вложив за мојот нов дом конечно да го добие својот завршен изглед. Останаа уште некои ситни работи, кои до крајот на месецов ќе бидат завршени, па, веќе може да размислувам и за реализација на мојата втора најголема желба. Да се оженам и собите од домот да бидат преполни со детски џагор и смеа.

Знам дека не сум единствен кој немал можност сам да изгради свој дом, затоа, сите кои имате каков било проблем, пријавете се во емисијата „Срце на дланка“ и верувајте во чуда-со среќа во очите ја завршува Слободан својата благодарност кон добриот народ.

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,651FansLike
1,466FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ