26.8 C
Skopje
Saturday, April 13, 2024
spot_img

Емоции по нарачка

Татко му на Тео е висок и силен. Сè би направил за својот син. За караниците кои ечат во нивниот дом, често, со многу сериозен тон му вели:

Овие глупости… знаеш веќе… никој не смее да знае. Срамота е! Тоа си е наша работа.  

Tео не смее да го издаде oна што соседите секојдневно го слушаат. На „срамното“ што родителите треба да го решаваат, му се калеми „тајна“ која тој мора да ја чува. Тео е исплашен, од „срамното“ што станува страшно.

Мајка му на Тео е грижлива мајка. Не покажува дека е тажна поради домашните случувања. Кога Тео ќе пушти некоја солза, брза да му каже:

-Ама ајде, насмеј се. Срамота е да плачеш! Животот е за смеење, не за тагување. Ти си весело дете!

Неисплаканите солзи, прават голема поплава во срцето на Тео. Тагата вистински поминува само ако се именува и се оттагува. И на малите децата, и на големите мајки, некогаш им требаат нежни солзи. Тео не искусува, дека плачењето има лечебна моќ.

Учителката на Тео е добра учителка. Кога тој е вознемирен, сака веднаш да го охрабри:

-Добро, престани, колку години имаш? Ти си храбро дете! Срамота е ова!

Зборовите кои Тео нема да ги каже, го стегаат и го гушат. Никој не е постојано храбар, ама храброст е кога зборуваш за она што те вознемирува. Тео не учи, дека е можна поддршка надвор од семејните порти.

Зошто сите се чудат, кога Тео навидум без причина го удира другарчето? Удирањето е сериозна најава за нова сезона од серијата која трае и трае. Сега, на ред се епизодите во кои родителите се збунети од однесувањето на Тео. „Срамното“ е заклучено и сè повеќе расте, заканувајќи се да го проголта целото семејство…

Ние, возрасните, не умееме искрено да комуницираме со себеси и меѓусебно, па како тогаш да комуницираме со децата? Не умееме да се справиме со сопствените емоции, ги негираме, голтаме, маскираме… па како тогаш емоциите  на децата точно да ги именуваме и да ги почитуваме? Полесно ни е да им кажеме како се чувствуваат или како треба да се чувствуваат. Не ги слушаме. Не ги слушаме за да ги разбереме. Во нашата трансгенерациска турска серија, со леснотија им налагаме да чувствуваат непотребен срам, но не им дозволуваме да бидат тажни и исплашени. Наивно сакаме да ги заштитиме од некои „полоши“ емоции, па треба да се срамат, но не смеат да тагуваат и да се плашат.

Децата загушени од потиснати или непрепознаени чувства и заробени од конфликт на лојалност, очекувано е да манифестираат некакво неприфатливо однесување. За да им помогнеме, потребно е да станеме многу подобри родители и подобри учители. Имаме мнооогу за учење, но сè повеќе верувам дека најдобро е да почнеме од лекцијата – Нема емоции по нарачка.

Срамот нè прашува дали сме достојни, добредојдени и сакани. Стравот нè подготвува за справување со опасноста. Тагата е апел за поддршка и справување со некаква загубаСоочувањето со емоциите може да бие непријатно, но не постојат негативни емоции, тие се искуства од кои растеме… ако ги именуваме, ги прифатиме и им дозволиме да нè пораснат. Само така, ќе се разбереме себеси, па потоа ќе ги разбереме децата. Ќе можеме да ги научиме колку е важно секој човек, затоа што е човек, искрено да се сооучува со своите емоции. Секојдневно.

                                                                                            Елизабета Петровиќ

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,231FansLike
2,800FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ