14.8 C
Skopje
Wednesday, September 28, 2022
spot_img

Емотивно сведоштво на Драги Лулевиќ: Од силни болки поради хемофилијата, посакував да побарам евтаназија

Драги Лулевиќ е педесет и две годишен човек кој боледува од хемофилија наследена од неговата мајка. Свесен за таа својата состојба, бил уште на петгодишна возраст, кога не можел како и другите дечиња да игра безгрижни детски игри. Цели 11 години наместо да учи и да ужива во детството, тој поминал на Клиниката за Хематологија. Дополнително влошување на ситуацијата во останатиот дел од неговото детство вршел неговиот татко, кој бил алкохоличар, па, Драги и мајка му биле и жртви на семејно насилство. Куќата во која живее во Чучер, Сандево е стара и повеќе од сто години. Сиот живот тој и неговата мајка преживуваат во ваквиот дом, без оџак, тоалет и без бања. Мајката на Драги е во сериозна фаза на деменција, неподвижна, па, тој освен себеси, принуден е да се грижи и за неговата мајка, да мие, да пере, да готви, иако понекогаш добива крвавење и парализа и на рацете и на нозете и целата таа работа за него е вистинско мачење. Најтешко му е ќе рече тој, кога ќе го фатат силни болки, а, лекарствата што ги обезбедува државата се доволни само за половина месец. Па, од скромните примања кои ова семејства ги има во месецот, тие мораат дури и да штедат за да се одржат здрави и да преживеат. Кога е многу студено надвор за да се загреат мораат да го запалат шпоретот на дрва, но, потоа со часови овие мајка и син не можат ниту да дишат, ниту да се видат меѓу себе од густиот чад. Тоа беше причината поради која еден ден Драги и неговата сакана пријателка Ѓурѓица, ќе одлучат да удрат темели на новиот дом, кој и до ден денес полека се прави само од донации, но, кој на Драги му задава и дополнителни стресови и проблеми зашто сам не може да го доправи. Стариот дом во секој момент може да падне и да ги затрупа и двајцата.

Нема достапен опис

Драги е напатен човек. Од многу мал станал свесен за својата здравствена состојба, дека не е како и сите останатите деца. Во болница минал дури 11 години од животот. Влегол во неа во 1979 година, а излегол 1982. Но, ќе рече колку сум лут што не сум како сите останати, толку сум лут и на родителите кои наместо да им објаснат на соседите, наставниците и соучениците за да знаат како да се однесуваат со мене кога ќе имам напад, тие се срамеа од мојата состојба и криеја, па, сиот живот од нив сум и обвинуван зошто се разликувам од останатите. Толку болки има овој кутар човек што пред неколку години посакал да побара дури и евтаназија.

– Многу ми беше тешко во детството. Како и сите деца и јас ќе посакав да играм фудбал, кошарка, но, веднаш бев на земјата и не можев да се заздравам со денови. На пет години станав свесен дека нешто не е во ред со мене. Единаесет години ги минав во болница. Се сеќавам влегов во болница 1979 година, а, излегов во 1982 година. Не можам да сфатам зошто моите криеја од соседите и околината дека имам болест. Колку само ќе ми беше полесно сите да знаат дека боледувам од хемофилија. Болките се огромни. Толку силни што бев на два ума пред неколку години, дали да побарам евтаназија и да завршам со овие маки-вели низ солзи Драги.

Капак на лошиот живот е и насилството од неговиот татко кој многу пиел и воопшто не се грижел ниту за нив, ниту за куќата. Така тој борејќи се за животот, не успеал низ животот ниту шајка да закова, па, денес домот е пред распаѓање. Нема оџак, нема тоалет, нема бања. Ова семејство живее како во 19 век, а, домот само што не паднал и не ги поклопил и двајцата.

Нема достапен опис

– Живееме во многу лоши услови. Овој дом никогаш немал тоалет. Во овој век да живеете без тоалет, и без основни услови за живот е и срамота и греота. Куќата е многу стара и воопшто неодржувана од мојот татко. Кој освен алкохол, ништо друго не му беше важно. Јас поради мојата состојба не бев во можност да реновирам. Сега само што не паднала и не нè поклопила, и мене и мајка ми-додава Драги.

И покрај незавидната финансиска состојба на овој човек тој еден ден со поддршка на неговиот ангел чувар како што ја вика својата пријателка, со само 4000 денари и голема волја ќе удрат темели на нов дом, веднаш до стариот кој е пред распаѓање.

– Една единствена причина што не се каам зошто не побарав евтаназија, е затоа што немаше да ја запознам најдобрата личност на светот. Таа за мене беше сè. И, со неа еден ден донесовме одлука дека вака повеќе не може и дека мора да почнам со нов живот. Затоа со единствените средства што тогаш ги имав го отпочнавме ставањето темели на новата куќа. За жал, Ѓурѓица нема да го отвори тој нов дом, зашто замина во вечноста, но, нејзиниот дух секогаш ќе биде присутен во таа куќа-со тажно срце кажува Драги.

Најтешко на Драги му е кога има болки, па, еден чекор му е цела планина, а лекови има само за 15 дена во месецот. Дополнително мора да ја гледа и негува и мајка си која е сериозно болна, и во поодмината фаза на деменција и неподвижна. Па, иако како млад посакувал сепак вели тој свесен сум дека прво не смеев некоја да заробам со мене да живее со вака дијагноза, а и која личност би дошла во ваква куќа за да ја поклопи и неа.

– Иако имав желба да создадам семејство, бев свесен дека никого не смеам да заробам во ваков дом и со таква сериозна дијагноза како мојата. Затоа, останав сам со својата стара мајка која е во сериозна фаза на деменција и неподвижна. Па, понекогаш кога ми дозволува состојбата перам, чистам, готвам, се грижам за неа-додава Драги.

– Да знаев дека сум носител на хемофилија никогаш немаше да се омажам и да родам деца за да се мачат како Драги. Многу ми е жал за него. Жал ми е што сум болна и не можам да му помогнам, па, тој на цела мака и со сите болки, мора и да готви, да мие, да пере-вели неговата мајка.

Драги за себе ќе рече дека тешкиот живот ќе го оформи во човек без соништа. Но, желба му е само со својата мајка да се вселат еден ден во нормален дом и да не умрат и двајцата како кучиња.

– Не ми преостана ништо освен да се надевам дека ќе ја доправиме куќата што ј започнавме и дека многу наскоро ќе се вселиме со мајка ми да живееме понормален живот-вели Драги.

На тоа се надева и неговата мајка која вели дека кога ќе се направи новиот дом, неа сонце ќе ја огрее.

Нема достапен опис

Сите што сакате да помогнете на ова семејство тоа може да го направите на следниот телефонски број 071/796247 или на следната жиро-сметка 270700060882581

Автор Оливера Петрушевска

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

3,649FansLike
1,468FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ