22.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024
spot_img

Емотивни приказни од Манастирец: Првпат научив да кажам мама

На само неколку километри од Македонски Брод, во селото долен Манастирец живеат 70-тина семејства кои се поинакви од многу други. Во речиси секоја втора куќа во селото, домаќините покрај своите родени деца, чуваат и подигаат деца кои претходно биле сместени во институции за лица со попреченост или пак биле одземени од родителите поради негрижа. Сега овие деца растат дома. Вклучени се во сите активности на семејствата. Учат како треба безусловно да се сака, а некои од нив за првпат научиле да кажат мама.

Денес имам четири, а инаку 9 деца вкупно со овие што ги чувам за посвојување. Сега моментално имам 2. Имам девојка од 29 години и едно од 4 години, вели Снежана Синадиноска. Ние 6 имаме исчувано, кои потоа беа посвоени. Социјалните работници велат дека многу се поврзуваме со нив; Како да не се поврземе, ги чуваме, ги бањаме, со мене спијат, го гледам од мало, само што не сме го родиле, и тешко е. Секое дете има дел од нас земено. Многу ни е тешко, ние фамилијарно се поврзуваме со нив, додава Снежана.

Згрижувачкото семејство e поддршка на биолошкото семејство кое поминува низ кризна состојба. За некои деца згрижувачкото семејство е замена за биолошкото, а за други претставува само привремена грижа, додека не се надмине ризикот во биолошкото семејство. Сместувањето во згрижувачко семејство како форма на заштита во нашата држава законски е регулирана од 1979 година, а првото згрижувачко семејство датира од далечната 1961 година.

Документарен магазин Приказна

Според социјалните работници, обликот на заштита на децата без родители и родителска грижа преку сместување во згрижувачки семејства е најсоодветен облик на заштита на децата бидејќи така им се овозможува правилен психосоцијален развој во услови најблиски на семејното опкружување.

Најпрво, пробно зема една сосетка и детенцето ни го носеше кога имаше нешто работа, ние го чувавме. Синот и ќерката беа дома тогаш и се поврзавме со детето кое го чуваше сосетката. Потоа рековме и ние ќе почнеме, да видиме како ќе ни биде дома, раскажува Снежана за Приказна.

Семејствата се врзуваат за овие деца.

Кога зедовме, многу се поврзавме со нив. И синот и ќерката. Се мажеа, се женеа и внучиња ни се раѓаа. Тие ни беа како на прво место. 23 години веќе чувам деца. Дечињата имале попреченост, но оттука заминуваа здрави. Си одеа на училиште. Еве сега и малото го спремаме да оди во училиште.

Првите згрижувачки семејства се евидентирани уште од далечната 1961 година, а биле концентрирани само во Скопје, но денес постојат низ повеќе градови низ земјава, и тоа во Прилеп, Македонски Брод, Крушево и други градови. Бројот на згрижувачки семејства постојано расте и мрежата постепено се шири.

На свадби, на слави си го носиме. Не се одвоени. Наши се тие. Ако имаме некои обврски за на лекар, сосетките се тука да ги почуваат. Многу се поддржуваме, си помагаме.

Парите што ги добиваме, за нив се трошат. Нека се живи и здрави, да излезат на пат. Јас велам нив ги гледам, Господ моите ќе ги гледа, ќе ги чува.

Светлана вели дека кога прв пак ја видела својата миленичка, таа едноставно се вљубила во неа и кажала Боже, дај ми сила само да ја пораснам. Кога ова мало девојче од Центарот за социјални грижи ја донеле во нивниот дом, таа била уште во пелени, а денес веќе има соништа и желби што ќе биде кога ќе порасне.

Светлана Т

„Ова е мојот дом и секогаш ќе биде. Најголема радост е тоа што прв пат се почувствував дека имам родители. Првпат викнав „Мамо“. Во иднина сакам да имам свој дом, да најдам работа, да положам“ вели Фатима.

Тука во селото има многу што чуваат деца. Ми велеа земи и ти дете, можеш таа работа да ја работиш, раскажува Светлана Трендафилоска. Прво мислев дека не можам, но потоа увидов дека можам. Она што ме загрижува е тоа што го поминале, не можат да го заборават никогаш. Кога ја донесоа беше второ одделение, не знаеше ни 5 букви. Тетратката ќе ја извадам на маса, таа ќе ја фрли. Тоа дете не одело на училиште. Го чувале во Скопје, во семејство, и било толку запоставено што чувало други дечиња. Фатима е поголема, може да измие садови, да среди, исто и Бубе, ако е помала и таа се ангажира и сака да и е чисто.

Општината Македонски Брод е рекордер по бројот на деца во згрижувачки семејства, Прв во селото што почнал да згрижува деца е пензионерот Ѓоко Милошески. Првото дете го згрижил уште во 1998 година.

За Приказна,

Марија Т.

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,528FansLike
3,293FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ