16.8 C
Skopje
Saturday, October 5, 2024
spot_img

Елизабета Петровиќ: Родители првачиња

Сѐ почесто забележувам родители кои се обидуваат да маневрираат меѓу
„Ќотекот е од рајот“ и „Ние сме другари“, па бараат златна средина. Ги нарекуваат свесни, доволно добри, пионери…

Тие трагаат по воспитување преку разбирање на денешните деца, кои му припаѓаат на светот што молскавично се менува. Еве мало потсетување и поддршка за дел од нив,
мајките и татковците на новите ученици.

Драги родители првачиња
Разбирливо е да имате измешани емоции и недоволно самодоверба, особено ако ова е вашиот прв ученик. Па и кога станувавте родители бевте радосно-избезумени, затоа што немавте родителски стаж. Сосема е нормално вашата радост да биде измешана со мала вознемиреност, загриженост, збунетост, неизвесност… враќање во времето кога вие седнувавте во училишните клупи.

Соочете се со тие емоции и прифатете ги – транзиција од предучилиштен во училиштен период ќе помине и тие ќе исчезнат. Ако вие сте добро, добро ќе се чувствува и вашето дете, па успешно ќе се справува со вообичаените предизвици во периодот на адаптација.

Што друго можете да направите?
Прво, најдобро е да се запознаете со развојните карактеристики на сите
деца од оваа возраст, за да имате реални очекувања. Можеби наставничката ќе ви ги прочита на првата родителска, а ако тоа не се случи – тука е чичко Гугл.
Не форсирајте приказни дека на училиште е прекупрекрасно, ниту пак закани и предупредувања. Наједноставно зборувајте со вашето дете за периодот кој следува. Споделете некое свое искуство, прошетајте низ училиштниот двор или во непосредна близина.

Првиот училиштен ден е семеен празник. Подгответе се и дојдете навреме, и секако смислете како ќе го минете денот, на начин кој е најубав и најприфатлив за детето.
И приемот на првачињата е пред сѐ за првачињата, па нема оправдување за туркање со туѓите деца и нивните родители. Полека и со одговорите во име на детето, кога некој нешто го прашува.

Ако можеби сте го развеле бракот, ве потсетувам дека родителството не се разведува. Вашето дете заслужува безусловна родителска љубов од двајцата, покажете му ја со спокојно заедничко присуство.
Наставничката им припаѓа на сите деца. Директниот личен контакт со неа на почетокот е ограничен. Бидете трпеливи, ќе имате време одлично да се запознаете и да си дадете доверба.

Секако дека се корисни активности со цртање, боење, редење, лепење, сечење…. но не заборавајте, првачето сѐ уште е дете. Има право на своите омилени играчки и слободна игра.
Ако можете да земете одмор, тоа би било одлично. Искористете го времето за да го однесете и да го пречекате детето, но и за афирмативна комуникација, гушкање, исполнување мали желбички и сѐ што мислите дека ќе ја надополнува неговата емоционална банка. Сигурно знаете, галењето не значи разгалување.
Потребите за сон, храна и облека, веројатно не ви паѓаат на ум, но… Од најмала возраст многу дечиња имаат емоционални тантруми, токму затоа што не легнале или не јаделе навреме. Внимавајте на овие примарни потреби и градете рутини со кои ќе ги практикувате. Внимавајте и на облеката, нека биде удобна и нека му се допаѓа на детето.

Вообичаени се фрустрациите затоа што некој не седнал до некое другарче, не бил во некоја група… списокот со можни неисполнети желби и очекувања е предолг. Не грижете се, без вакви фрустрации нема здраво растење. Доволно е да сослушате и да покажете разбирање за детските чувства. Во училницата детето ќе научи да се справува со љубомора, конкуренција, конфликти… Ќе добие второ семејство и драгоцена меѓуврсничка поддршка, нешто што не можете да му го купите со сите пари на овој свет.

Кај некои деца се забележува почетна еуфорија која осцилира и може да спласне. Ако почнат и кај вас да се ројат размислувања дека детето не се снаоѓа, не го прифаќаат, паралелката е хаотична, наставничката не е баш како што ја замислувавте… СТОП! Потребно е време од неколку месеци за да поминат сите вообичаени предизвици. Претераната загриженост, нереалниот страв, непотребната разочараност и хроничната недоверба се неконструктивни емоции. Нема да ви донесат конструктивни активности, а и бидете сигурни дека детето ќе ги прочита.

Споредбите и натпреварите не помагаат. Децата прво ги учиме да се натпреваруваат со себеси, ги мотивираме да забележат како денес се подобри од вчера. Дури потоа умеат да учествуваат во здрав и забавен натпревар со другите деца, во разни нешта.

Претпоставувам дека знаете колку е добро што ниеден ученик не е ѕвезда.
Местото на тронот е многу осамено и буди чувство на несигурност. Никој не е нај или прв во сѐ, но секој ќе си ги пронајде патеките до сопствените успеси.
Очекувајте дека на училиште не се предава. Наставничката полека го воспоставува воспитно-образовниот процес најчесто низ игра, почитувајќи ги детските развојни и индивидуални карактеристики, поставувајќи елементарни правила кои на децата им помагаат да се чувствуваат безбедно, соработувајќи со родителите… има многу работа која таа треба да ја сработи и за која е добредојдена вашата поддршка.

Некои родители се збунети затоа што „предавањето“ се заменува со игра. Еве најкусо објаснување. Играта е активност во која сите учесници уживаат, но наставничката не е дете. Таа преку игра поучува.
Не се обидувајте првачето секојдневно да го испрашувате како си поминало на училиште, за да го „поправате“ и усовршувате. Уште еднаш – кога детето споделува, сослушувањето и уважувањето на неговите моментални емоции е вашата приоритетна, а најчесто и единствена задача.

Подготовката за училиште всушност не се однесува на букви и бројки. Таа е почната од мигот на раѓање. Одлично се подготвени сите деца кои имале навистина присутни родители со кои се поврзале и во чии очи постојано се огледувале. Таквите родители не се опседнати со тоа дали нивното дете чита, ама неуморно се едуцираат и се трудат да го прочитаат неговото однесување.

Како што е важно да ги сопираме војните, да ги гаснеме пожарите, да се справуваме со климатските промени… подеднакво е важно денешните деца да ги читаме со разбирање. Вие сте свесни и доволно добри пионери во оваа маратонска олимписка дисциплина за златна средина, и навистина заслужувате медали. На вас можеме безбедно да се потпреме и ние, учителите.

Значи, сѐ е во ред, среќно растење, драги родители првачиња:)

Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Приказна.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено само на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Приказна.мк.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СЛЕДЕТЕ нѐ на

5,683FansLike
3,356FollowersFollow
spot_img

НАЈНОВИ